Раскрстува ли Шпанија со Доналд Трамп?
5 март 2026
Станува збор за уште една тирада на Доналд Трамп, на која во вторникот вечерта во живо посведочија камерите во Белата куќа. Тој веќе не сака „да има никаква врска со Шпанија“, најави американскиот претседател. Тоа е „ужасна“ земја и од сега натаму тој ќе „ја сопре сета трговија со Шпанија“, рече Трамп.
Шпанскиот премиер дециден
Уште на самиот почеток на војната со Иран, Шпанците појасно од сите други европски држави се дистанцираа од САД. Додека германскиот канцелар зборуваше само за меѓународно-правна „дилема“, шпанскиот премиер Педро Санчез нападот го осуди како масивно кршење на меѓународното право. На зборовите брзо следеа и дела, па Шпанија им забрани на САД двете воени бази во андалузиските градови Морон де ла Фронтера и Рота, кои инаку ги користи и американската војска, да бидат употребувани за воените дејствија против Иран.
Дури и утрото по заканите од Белата куќа, шпанскиот премиер остана цврст во краткорочно најавена видео порака. „На кршењето на меѓународното право, кое нè штити сите нас, особено цивилното население, ние велиме не“, потенцираше социјалистичкиот лидер. Секој што се однесува како САД, си игра „руски рулет со судбината на милиони луѓе“, наведе Санчез.
Остри критики кон Германија
Со својата децидност, се чини дека Санчез ја допре сржта на населението. „Мислам дека нашата влада едноставно дејствува доследно во својата надворешна политика - не смееме едноставно да им се покоруваме на САД“, вели за ДВ Гледис Гебегнеџи, проектна менаџерка од Мадрид. Франциско Хуеса исто така ги поддржува политиките на левичарскиот премиер и не се плаши од економски последици за неговата земја. „Не е можно европските земји што се декларираат како демократски, едноставно да поддржуваат напади што се против меѓународното право“, вели тој. Наставникот од Севиља е особено разочаран од улогата на Германија во актуелниот конфликт.
Исто како и Хуеса, и многу други Шпанци забележале дека канцеларот Фридрих Мерц седеше до Доналд Трамп кога ја почна тирадата против Шпанија. Германскиот канцелар во тоа време беше во посета на Белата куќа и иако во интервјуа јасно стави до знаење дека ЕУ ќе одговори на какви било казнени мерки против јужноевропскиот партнер, пред камерите тој не ја одбрани Шпанија; напротив дури, тој го увери Трамп дека ќе ја убедат земјата во иднина да одвојува повеќе средства за НАТО. Тоа пак го натера шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, да упати невообичаено остра критика на сметка на германскиот лидер. „За време на нашиот мандат, во Германија имаше веќе тројца канцелари - Меркел, Шолц, а сега и Мерц. Во времето на Меркел и Шолц владееше поинаков, проевропски дух“, посочи шпанскиот министер за надворешни работи во соопштението.
Почеток на уште една ескалација?
Шпанскиот политиколог Рафаел Калдух Червера со загриженост ги следи растечките внатрешно-европски поделби поврзани совојната во Иран. Но, за разлика од многу негови сонародници, тој е покритичен во однос на курсот на премиерот Санчез. Позицијата на премиерот на внатрешно-политички план во моментов е прилично заслабната и него го туркаат неговите леви коалициски партнери. Затоа пак неговиот маркантеннадворешно-политички настап во основа е порака на домашен план, анализира експертот за меѓународни односи за ДВ. Според Червера, Санчез непотребно „се маневрирал во изолација“ со бескомпромисната реторика од изминатите денови.
Но, Червера се согласува со многу од неговите сонародници во однос на едно друго прашање. Имено, заканите на Трамп во никој случај не се доказ дека економските релации со САД всушност ќе се прекинат. „Трговската политика потпаѓа под надлежност на ЕУ и не е прашање што се решава меѓу националните влади“, посочува професорот по политички науки од Мадрид. Следствено, европските контрамерки би биле неизбежни,а тоа ѝ е јасно и на американската влада. Затоа, Червера актуелните закани на Трамп на сметка на Шпанија ги сфаќа повеќе како „сериозен предупредувачки сигнал“, но не и како почеток на спирала на ескалација.