1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали спорот околу пензиите ја загрозува германската влада?

18 ноември 2025

Млади конзервативни политичари се бунтуваат против канцеларот Мерц: тие не сакаат да ја поддржат веќе договорената пензиска реформа. Спорот може да стане закана за владината коалиција.

Стари лица во Германија
Спорот околу пензиите ја оптоварува владината коалиција од конзервативци и социјалдемократиФотографија: FrankHoermann/SvenSimon/picture alliance

Новата германска влада составена од конзервативци и социјалдемократи им вети на Германците: ќе се расправа многу помалку отколку претходната влада на поранешниот канцелар Олаф Шолц (СПД). И тоа досега во голема мера успеа.

Иако околу миграциската политика или новата воена служба се дебатираше жестоко, на крајот беа најдени решенија. Но спорот околу државното пензиско осигурување сега се заканува да стане сериозен тест за коалицијата под водство на канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ).

Добринт уверува: „Ќе најдеме решение“

Важни владини претставници сè уште смируваат.

Така, министерот за внатрешни работи Александер Добринт (ЦСУ) вчера (17.11) во интервју за ДВ рече: „Мислам дека во политиката е нормално кај една или друга иницијатива да има дискусии, па дури и широки дебати. Она што е важно е дали се движиме кон решение или само кон блокада. А јас гледам дека сме на пат кон решение.“

Германското население старее - пензискиот товар расте

За што станува збор? Пензијата со децении е постојана тема на расправи во германската политика. Луѓето живеат подолго, што значи подолго земаат пари од државата во пензија.

Расте и бројот на пензионери, општеството старее.

Пензијата во Германија главно ја финансираат вработените и компаниите. Стапката на придонес моментално е 18,6 проценти од платата - половина ја плаќаат работниците, половина работодавачите.

„Нема да има малцинска влада“ - канцеларот Мерц во понеделник на настан организиран од „Зиддојче цајтунг“Фотографија: dts-Agentur/picture alliance

Пензискиот систем одамна е во криза

Но оваа сметка одамна не функционира. Премалку уплатувачи, премногу пензионери.

Последица: пензискиот систем со години се потпира на огромни средства од буџетот – следната година тоа ќе бидат 128 милијарди евра, или околу една четвртина од вкупниот буџет од 524 милијарди.

Пензијата одамна е прашање на генерациска праведност. Дали младите во Германија треба да прифатат дека сегашната генерација пензионери добива релативно стабилни пензии, што треба да ги плаќаат идните генерации, додека државата се задолжува?

Коалициски договор: Висината на пензијата останува константна до 2031 година

Во коалицискиот договор конзервативците и социјалдемократите се согласија: до 2031 година, односно во следните шест години, висината на пензијата останува константна - на околу 48 проценти од последната нето-плата.

Иако експертите велат дека тоа е погрешен сигнал, партиите – особено на инсистирање на социјалдемократите – сепак постигнаа договор за ова. Законот треба да се донесе уште пред Божик.

Сиромаштија на старост

05:10

This browser does not support the video element.

Младата Унија се спротивставува на плановите за пензии

Но сега, особено младите конзервативни политичари се бунтуваат против тоа. Тие бараат насоки што ќе се случи со пензијата по 2031 година. И предупредуваат дека стабилизацијата на висината до 2031 година може да чини стотици милијарди евра.

Минатиот викенд „Младата Унија“, младинската организација на конзервативците, се собра во градот Руст, во покраината Баден-Виртемберг, и едногласно одлучи да ја повика пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во Бундестагот да не го поддржи пензискиот пакет во сегашна форма.

Февруари 2025 година: Младите конзервативци ја слават изборната победа на Фридрих Мерц - канцеларот долго време се сметаше за пример за младинското крило на ЦДУФотографија: Srecko Matic/DW

Мерц реагира остро: „Не само да кажувате што не оди“

За „Младата Унија“ канцеларот Мерц долго време беше голем пример – решителен реформатор со јасен конзервативен профил. Сега, по нивното „не“ за пензиските планови, тој настапи како гостин во Руст. Видливо вознемирен им порача на делегатите:

„Учествувајте конструктивно во дебатата, а не само со тоа што ќе кажете што не оди.“

Мерц знае: неговата коалиција има мнозинство од само 12 гласа, а 18 конзервативни пратеници припаѓаат на групата млади парламентарци.

Судир меѓу генерации: Дали младите конзервативци ја загрозуваат коалицијата?

Млади против стари: дали оваа линија на поделба е вистинска закана за коалицијата? Министерот за финансии и вицеканцелар Ларс Клингајл (СПД) јасно порача дека неговата партија не е подготвена повторно да разговара за измени: „Сосема јасно ви велам: на овој закон веќе нема да се менува ништо.“

„Ништо нема да се менува“ - лидерот на СПД и вицеканцелар Ларс КлингбајлФотографија: Maxim Shemetov/AFP

Министерка од ЦДУ бара одложување

Но, министерката за економија Катерина Рајхе (ЦДУ) на работите гледа поинаку: пензијата не смее да стане дополнителен товар за веќе високите трошоци за работната сила, смета таа.

За да се смири ситуацијата, министерката за образование Карин Прин (ЦДУ) предложи гласањето – планирано за следните седници на Бундестагот пред Божик – да се одложи.

Мерц и Добринт веднаш го одбија тоа.

Но, колку е нервозна владата (и како тоа го перципираат медиумите) стана јасно кога Мерц во понеделникот (17.11) настапи на „Економскиот самит“ на „Зиддојче цајтунг“. Таму тој ги демантираше гласините дека спорот околу пензијата може да доведе до распад на коалицијата, па Унијата (ЦДУ/ЦСУ) да владее сама како малцинска влада.

Канцеларот рече: „Тоа е исклучено, од моја гледна точка. Дали навистина некој мисли дека во овој Бундестаг би можеле со променливи мнозинства да имаме сериозна законодавна работа?“

Канцеларот сега сака да ја убеди СПД на мало отстапување: во „придружен текст“ на законските предлози може да се договори повторна дискусија за развојот на пензиите по 2031 година, но реформата што веќе е одобрена од кабинетот да се донесе како што е планирано. Дали социјалдемократите ќе се согласат, останува отворено.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми