1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Србија чека шанса да го окупира северот на Косово?

6 февруари 2024

Србија се вооружува, а нејзиниот претседател го фали трпението на Азербејџан кон Нагорно Карабах, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг. Весникот ги разгледува шансите Србија да го окупира северот на Косово.

војници Србија
Воена вежба во Батајница (2022)Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Кога во јануари беше потврдено дека САД ќе испорачаат 246 противтенковски ракети „Џавелин“ на Косово, српскиот претседател Александар Вучиќ вети рекордни инвестиции во војската, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Најавена е набавка на хаубици, противвоздушна одбрана од дронови, хеликоптери, а веќе за годинава на војската и се ветени илјада домашни дронови.

„Кога српскиот претседател, кој е вљубен во статистиката, ќе почне да жонглира со бројки, паметно е неговите изјави да ги дочекаме со внимателност, бидејќи реалноста не секогаш ги следи најавите“, пишува новинарот Михаел Мартенс во текст за ФАЦ.

Но, како што додава, Вучиќ не залудно зборува за воената индустрија - набавени се кинески системи ФК-3 и друго оружје. Според стокхолмскиот институт СИПРИ, минатата година Србија инвестирала повеќе пари во армијата отколку преостанатите пет земји од Западен Балкан заедно, потсетува ФАЦ.

„И реторички се вооружува“, пишува весникот и потсетува како Вучиќ го изразил своето восхитување кога Азербејџан ја врати контролата врз Нагорно Карабах во блиц-акција, за што со децении беше во спор со Ерменија. 

Противтенковски ракети за Косово 

Вучиќ, кого ФАЦ го нарекува „најмоќниот политичар во Белград по Тито“,објасни како Азербејџан направи сè како што треба - со години ја зајакнуваше економијата, армијата, особено специјалните сили и трпеливо чекаше да се променат геополитичките околности.

„На неговата публика и беше јасно што тој навистина мисли. Националистите веќе долго време отворено зборуваат за тоа. Кога политичката ситуација во светот ќе се промени во корист на Србија - на пример, со поразот на Украина или изборната победа на Доналд Трамп - може да дојде моментот, велат тие, да се врати северот на Косово, кој е населен со Срби. преку воена акција“, пишува Мартенс.

Тој ја цитира Катарина Ѓокиќ, воен експерт од Институтот СИПРИ, која вели дека нема голема опасност од конвенционален конфликт меѓу Србија и Косово се додека војниците на НАТО се стационирани на Косово. Освен тоа, вели таа, Србија е економски зависна од ЕУ, па затоа не може да си дозволи санкции.

Таа продолжува да зборува за огромните проблеми на Србија со персоналот во армијата , заминувањето на луѓето, лошата состојба на тенковските единици.

Како што оценува ФАЦ, инвазијата со тенкови би била „потенцијално катастрофален потфат за Србија, доколку Косово навреме ги добие џавелините“, кои, како што беше прикажано во Украина, ефикасно уништуваат тенкови.

Американски извор за весникот вели дека Приштина би можела да чека со години за овие противтенковски ракети, бидејќи „во догледно време“ се што може ќе се испорачува во Украина.

Се потсетува и на противењето на американските републиканци за испорака на ракети на Косово, поради што се претпоставува дека Трамп во случај на победа, би можел да ја спречи таа испорака. 

Напад со специјални единици? 

Според весникот, експертите и „западните воени аташеа“ и онака не веруваат во тенковска инвазија на Балканот. „Во Приштина веројатно сметаат дека нападите од паравоени или нелегални структури, поддржани од Белград, се поверојатна и пореална закана. Тоа навистина го видовме во 2023 година“, вели Катарина Ѓокиќ, мислејќи на судирот во Бањска. 

Вучиќ најави прием на пет илјади луѓе во специјалните единициФотографија: Sergei Bobylev/TASS/Imago Images

„Дали затоа Вучиќ често зборува за важноста на специјалните единици за Србија?“, прашува Мартенс во текстот, потсетувајќи колку претседателот Вучиќ ја фали специјалната единица Кобра.

Ѓокиќ рече и дека мора да се земе предвид расположението на Србите на северот на Косово - ако сметаат дека Албанците им се закана, тогаш можен е и отпорот на локалното население. ФАЦ го толкува вака: „Српските специјални единици секако би имале поддршка од жителите на северот на Косово“.

Но, подобрувањето на српските специјални единици трпи и поради недостигот на млади луѓе. Вучиќ најави прием на пет илјади луѓе во специјалните единици, но еден извор на ФАЦ, „воено обучен набљудувач од Белград“, вели: „Според нашите сознанија, се пријавиле мал трицифрен број луѓе. И многу од нив нема да бидат соодветни“. 

Франкфуртскиот весник оценува дека прашањето за војна и мир на Балканот многу зависи од САД, кои ги преговараа сите претходни мировни договори по конфликтите во Босна, Косово и Македонија.

„Но, многумина стравуваат дека се приближуваме кон крајот на ерата на Пакс Американа - секако под Доналд Трамп како претседател, но и ако има нов избор на Џо Бајден, што е предизвикано од многу кризи. 

Србија масовно ја вооружува Украина 

Како што понатаму наведува весникот, Вучиќ успеал да „биде на милост и немилост на Вашингтон преку сеопфатна испорака на муниција што стигнува до Украинапреку насочени заобиколни патишта“.

„Се разбира, Вучиќ јавно го негира ова, меѓу другото и поради проруските чувства во Србија кои неговиот медиумски апарат со години систематски ги зголемува. Но, зад сцената сите знаат“, пишува весникот.

Посебно за одбележување е ракетата од 122 милиметри изработена од српската компанија „Едепро“, која има домет од околу 40 километри - двојно повеќе од повеќето ракети од тој калибар. Како што пишува ФАЦ, таа особено им одговара на Украинците, бидејќи проектилот може да биде истрелан од фрлачот од типот Град, којшто го имаат.

„Тоа е опсегот со кој Украина го совладува непријателот. Тоа и дава огромни предности“, вели неименуван воен експерт за ФАЦ.

„Извор од Белград вели дека српската артилериска муниција е попрецизна од бугарската муниција, која исто така се доставува во Украина“, пишува весникот.

„Српската муниција се уште се користи на боиштата на Украина против Русија, а не на Балканот. Дали ќе остане така денес е помалку сигурно отколку пред само неколку години“, заклучува Михаел Мартенс во текстот за ФАЦ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми