1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаАлбанија

Дали во Албанија ќе никне центар за бегалци надвор од ЕУ?

Анила Шука
10 ноември 2023

Италија сака да има прифатни кампови за бегалци во Албанија. Таму треба да биде донесена одлука за нивните барања за азил. Планот е дочекан со скептицизам и протест и во ЕУ и во Албанија.

Средоземно Море | бегалци
Бегалците кои сакаат да стигнат до ЕУ преку Медитеранот, треба да бидат сместени во прифатен камп во АлбанијаФотографија: Candida Lobes/Ärzte ohne Grenzen/dpa/picture alliance

Албанскиот премиер Еди Рама налутено го отфрли предлогот. Неговата земја „никогаш“ нема да прифати поставување на бегалски кампови за Европската унија. Албанија не е земја каде што може да се „фрлаат очајни луѓе“ како „токсичен отпад што никој не го сака“.

„Опасно решение е да се сака Албанија да се направи 'бранокршач' за бегалците во Европа“. Дури и ако за возврат се добие влез во ЕУ, неговата земја нема да формира бегалски центри.

Ова го изјави шефот на албанската влада за германскиот весник „Билд“ во 2018. Она што Еди Рама тогаш „никогаш“ не го сакаше, сега треба да се спроведе - на поранешна воена локација во близина на местото Ѓадер, во северозападна Албанија, на неколку километри од јадранскиот брег. Според изјавата за намери што албанскиот премиер Еди Рама и неговата италијанска колешка Џорџија Мелони ја потпишаа во Рим на почетокот на неделата (6 ноември 2023 година), тука треба да се изгради прифатен центар за баратели на азил во Европа. Албанија сака да им го даде местото на италијанските власти без надомест.

Проектот моментално е на многу насловни страници, а предизвикува и немир во европската политика. Затоа што Мелони и Рама очигледно одлучиле сами. „Доколку проектот се реализира, тоа ќе биде првпат таква идеја навистина да биде реализирана“, изјави за ДВ Руд Купманс, експерт за миграција на берлинскиот универзитет Хумболт.

Албанскиот премиер Еди Рама и италијанската премиерка Џорџија Мелони потпишаа договор во Рим на 6-ти ноември 2023 година, кој има за цел да ги задржи бегалците надвор од ЕУФотографија: Tiziana Fabi/AFP/Getty Images

Безбедна трета земја

Во минатото имаше обиди да се формираат прифатни центри за азил надвор од ЕУ, но без успех. Во август 2023 година пропадна сличен договор меѓу ЕУ и Тунис. Во јуни 2023 година, британскиот суд го запре договорот за бегалци меѓу Велика Британија и Руанда, бидејќи малата централноафриканска држава не беше безбедна трета земја.

На договорот Мелони-Рама не би се однесувал барем последниот аргумент. Балканската земја, која од Италија ја дели само Јадранското Море, долго време има статус на безбедна трета земја во ЕУ. Според договорот, оние мигранти кои италијанската крајбрежна стража ги спасува или собира на отворено море треба да бидат донесени во Албанија. Децата, жените и семејствата треба да бидат исклучени од тоа.

Албанија како пречка

Десничарската популистичка премиерка на Италијасе надева дека на тој начин подалеку од својата земја ќе држи до 36.000 бегалци годишно. Според Евростат, само оваа година во Италија дошле 145.000 мигранти. Договорот, чиј текст во меѓувреме е објавен, предвидува процедурите за азил да ги спроведуваат италијанските власти во согласност со италијанскиот закон. Секој кому му е признаено право на заштита, треба да биде доведен во Италија. Оние кои се одбиени треба брзо да бидат депортирани.

Дом за бегалци во Албанија во кој што се сместени бегалци од АвганистанФотографија: FF/DW

Тоа звучи полесно отколку што е, бидејќи во пракса земјите на потекло често не соработуваат и не обезбедуваат документи за кандидатите за депортација. „Ова е проблем со кој треба да се соочи и Албанија. Но, ако луѓето знаат дека ќе мора да чекаат во Албанија ако бидат одбиени, за нив станува помалку привлечно да им плаќаат многу пари на шверцерите“, вели експертот за миграција Купманс.

Опасност од секундарна миграција

Пелумб Нако, кој беше директор на одделот за управување со граници и миграција во државната полиција во претходната влада на Рама, гледа друг проблем: „Бегалците ќе се обидат од Албанија илегално да ја преминат границата кон Црна Гора, а потоа кон Хрватска“, вели Нако. „И тогаш прашањето е: Ако поднесат барање за азил во Хрватска и бидат одбиени, каде ќе бидат депортирани? Во Албанија или во Италија?“ Ова, според експертот, сѐ уште не е разјаснето.

ЕУ реагираше воздржано на договорот. Комисијата во Брисел соопшти дека треба да видат дополнителни детали. Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, рече дека договорот мора да биде во целосна согласност со Повелбата на Обединетите нации за бегалци.

Договорот, чиј текст во меѓувреме е објавен, предвидува процедурите за азил да ги спроведуваат италијанските власти во согласност со италијанскиот законФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Германската влада сè уште не го коментирала договорот Мелони-Рама. Но, и Германија сака да ја испита можноста за проверка на барањата за азил надвор од ЕУ, изјави владината портпаролка во средата во Берлин на прашањето на ДВ. Сепак, таа истакна дека е тешко да се најдат земји кои сакаат да формираат прифатни центри.

„Италија се јавува, Албанија одговара“

Албанскиот министер за внатрешни работи, Таулант Бала, за ДВ изјави дека Албанија нема да формира повеќе прифатни центри. Италијанскиот прифатен центар е исклучок бидејќи Италија направила многу за Албанија и „многу ни помогна во време на криза“. Тој алудира на периодот од 1991 година наваму, кога многу Албанци побегнаа преку морето во Италија за да ги избегнат превирањата по крајот на комунистичкото владеење. Во годините што следеа, Италија продолжи да ја поддржува Албанија економски и финансиски. Албанскиот премиер Еди Рама го сумираше посебниот однос на Албанија со Италија со една реченица: „Италија се јавува, Албанија одговара“, изјави тој по прес-конференцијата со Мелони.

Албанскиот министер за внатрешни работи Таулант Бала во неговиот кабинет во Тирана, 7 ноември 2023 годинаФотографија: Press Office, Albania Minister of Interiors.

Генц Поло, поранешен вицепремиер и член на опозициската Демократска партија (ПД), не верува во овој наратив. Според изјавата на Поло за ДВ, со ова Рама сака да им се додвори на лидерите на ЕУ и да ги натера да ги превидат неговите лични корупциски скандали и кршење на демократијата. Извештајот за напредокот на Комисијата на ЕУ во Брисел, објавен во средата (8 ноември 2023 година), ѝ даде на Албанија лоша оценка во борбата против корупцијата.

Од прифаќање до теории на заговор

Албанската јавност, според она што го покажаа уличните анкети спроведени од албанските телевизиски канали, е поделена по прашањето на договорот. Некои испитаници сметаат дека треба да им се помогне на луѓето во нужда, а други се загрижени за безбедноста во земјата.

Собраниската опозиција особено се жали на тоа што договорот претходно се чуваше во тајност и најави дека ќе бара седница за пратенички прашања. Десното крило на опозициската партија, на чело со поранешниот премиер Сали Бериша, го нарекува Рама „предавник“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми