1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

Дали заострени закони за оружје се „лекот“ против масакри?

Стефани Хепнер
10 мај 2023

Речиси секоја недела од САД, но и од други земји, како неодамна од Србија, стигнуваат вести за масовни убиства со огнено оружје. Како да се спречат ваквите масакри?

Продавница за оружје во САД
Продавница за оружје во САДФотографија: Joe Raedle/Getty Images

Неодамна во трговски центар во местото Ален во американската сојузна држава Тексас, 33-годишен маж уби осум луѓе, меѓу кои и деца. Мотивот не е познат, но полицијата истражува можни врски на убиецот со нацистичката сцена. Само неколку дена претходно, еден човек уби петмина свои соседи, само затоа што го замолиле да прекине со своите редовни вечерни вежбања во пукање.

Вестите за такви случувања се само врв на ледениот брег. Според податоци на организацијата „Ган вајоленс архив", во САД од огнено оружје дневно умираат 55 луѓе.Во прашање се и злосторства и несакано испукани куршуми. Понекогаш момчиња заѕвонуваат на погрешна врата и тоа го плаќаат со својот живот.

Цвеќе и свеќи за петмината жртви од пукањето на соседот во Кливленд, САДФотографија: David J. Phillip/AP Photo/picture alliance

Жалосен тренд

За оваа година, организацијата „Ган вајоленс архив" до 8 мај регистрирала веќе 14.798 жртви усмртени однамерно или ненамерно пукање од огнено оружје. А масовните пукања, односно употреба на огнено оружје во кои се повредени или убиени повеќе од четири лица, се случиле 202 пати.

Меѓутоа, тоа не се случува само во САД, туку и во други земји. Во Србија пред неколку дена граѓаните ги потресоа два масакри, а во Германија, по седумкратното убиство во Хамбург што се случи во март, повторно се разгоре дебата околу заострување на законската регулатива.

Масовен протест во Белград против насилство по двата масакри во СрбијаФотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

Што би донесле поостри закони за оружје?

Американскиот претседател Џо Бајден, по масакрот во Тексас, повторно побара поостра законска регулатива за оружје, како и забрана за продажба на автоматска пушка АР15, оружје кое не беше користено само во масовното пукање во Тексас, туку и во бројни слични инциденти порано. Но, досега таквата намера ја блокираат опозициските Републиканци. 

Дали таква мерка воопшто би имала посакуван ефект? Меѓу експертите не владее согласност, иако на прв поглед тоа би било логично. Навистина, стручњаците гледаат корелација меѓу строгите закони и бројните масовни пукања во одделни сојузни држави, но сепак уште се испитува кои законски одредби се вистински ефикасни.

Такви истражувања се поттикнати дури по доаѓањето на Бајден на власт и ни оддалеку не се финансиски обезбедени. Истражувачите од аналитичкиот центар „Ранд корпорејшн“ го истражувале дејството на одделни мерки и ги анализирале резултатите од сите веќе објавени истражувања. Дошле до заклучок дека намалување на бројот на масови пукања се постигнува ако се забранат шаржери со повеќе од 20 куршуми за кратки цевки или магацини со повеќе од десет куршуми за пушки, со тоа и за АР15.

Други мерки се оценети како неуверливи, а во нив спаѓа старосната граница за поседување оружје, забрана за поседување оружје за насилни поединци и проверка на подобноста за носење оружје. Тоа не значи дека тие мерки немаат дејство, но недостигот од доверливи податоци не дозволува научна потврда на нивното влијание.

Освен тоа, сите закони и правила мора да се испитаат од аспект на нивната реална примена. На тоа предупредуваат и критичарите на евентуално заострување на законите во Германија. А тоа преиспитување е тешко и комплексно.

Лиценца би била од помош

Други експерти укажуваат на јасната врска меѓу законската регулатива и оруженото насилство. Балтиморскиот „Центар Џон Хопкинс", кој се занимава со можни решенија за проблемот со оружено насилство, во последните три децении собирал податоци од низа американски сојузни држави кои имаат различни закони. Даниел Вебстер, кој работи во тој центар, вели: „Морам да признаам дека тоа е многу тешка дисциплина, која искрено зборувајќи, не е научна.“

Се бара забрана за продажба на автоматски пушки на граѓани Фотографија: Tayfun Coskun/AA/picture alliance

Сепак, врз основа на анлиза на податоците, две мерки се покажуваат како делотворни. Прво, давањето лиценца, односно некој вид дозвола за поседување на оружје. И второ, веќе наведената забрана за големи шаржери и магацини, како и полуавтоматски оружја кои брзо пукаат, па со тоа доведуваат и до поголем број жртви.

Други експерти сметаат дека едноставната достапност и големото количество на оружје во земјата играат одредена улога. „Големата достапност на огнено оружје во САД во споредба со други земји - тоа е единствено уверливо објаснување“, вели политикологот и криминолог Денијел Нејген од Универзитетот Карнеги Мелон во Питсбург.

Не може да се утврди колку парчиња огнено оружје има во оптек во САД, бидејќи не постои задолжителна регистрација. Проценки врз основа на анкети или продадено оружје даваат мрачна слика. Според податоците на меѓународната истражувачка агенција „Статиста Рисрч дипартмент“ во 2022 година околу 45 проценти од анкетираните граѓани во САД навеле дека во домаќинството поседуваат најмалку едно парче огнено оружје.

Кој е уделот на Германија?

Германските производители на оружје добро заработуваат на американскиот пазар. Фирми како „Хеклер и Кох“ важат за престижни и се застапени на состаноци на Американското здружение за оружје, НРА.

Германскиот весник „Тагесшпигел“ и новинари од емисијата „Магазин ројалс“ од втората програма на германскиот јавен сервис ЗДФ, дошле до сознанија дека германското Министерство за економија за германските фирми со децении организирало штанд на најголемиот светски саем на огнено оружје, па и делумно го финансирало. Од оваа година би требало да се прекине со таа пракса.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми