1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ пред разделба

ДТЗ
12 септември 2022

По една година соработка, се продлабочува јазот меѓу скопската градоначалничка и опозициската партија. На површина излегоа битка за тендери, меѓусебни обвинувања и се поотворени несогласувања.

Данела Арсовска градоначалник на Скопје
Се разидуваат ли патиштата на скопската градоначалничка Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Се разидуваат ли патиштата на скопската градоначалничка Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, речиси една година по нејзиното доаѓање на раководната позиција во градот, битка која што ја освои со поддршка на опозициската партија? По последните бранувања предизвикани од разрешувањето на двајца функционери, ваквата можност ја најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој вели дека Арсовска ја има нивната поддршка за секој проект кој е во вистинска насока, но „во животот има моменти кога ќе видите дека очекувањата не се исполнуваат и тогаш патиштата може едноставно да се разидат“.

„Важно е патот на ВМРО-ДПМНЕ да е оној кој е вистинскиот, а Скопје да биде метропола,и преку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе продолжиме така да делуваме“, рече денеска Мицкоски. 

Мицкоски вели дека Арсовска ја има нивната поддршка за секој проект кој е во вистинска насока, но „во животот има моменти кога патиштата може едноставно да се разидат“.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Отворениот судир, битката за тендери и меѓусебните обвинувања испливаа на површина по информацијата дека од страна на Град Скопје се разрешени двајца функционери, кадри на опозициската партија. Станува збор за секретарот на град Скопје, Ѓоко Велковски, како и за в.д директорот на ЈП Водовод и Канализација-Скопје, Златко Перински. Судирот денеска ескалираше откако Арсовска упадна на прес-конференцијата на разрешениот Перински.  

Причина за разрешувањето, според Град Скопје, е влијанието во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ. Арсовска обвинува за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер. 

Перински на прес-конференција ги отфрли обвинувањата како неосновани и побара од надлежните институции да започнат истрага. Велковски, пак, тврди дека не бил разрешен - туку сам се повлекол. Разочаран е од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје.  

Реакции 

Велковски во соопштение, но и преку социјалните мрежи образложи зошто заминува од функцијата. „Со оглед на тоа што на оваа позиција дојдов откако претходно бев избран за советник во општината Чаир, кое е местото каде што живеам и каде што исто така имам обврска да придонесувам, барав Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни за таквата ситуација. Тие овие денови ме известија дека ќе морам да се определам за една од тие две позиции, при што донесов одлука да си заминам од позицијата генерален секретар на градот Скопје и да се посветам на советничката функција каде сум избран од граѓаните на Чаир“, вели Велковски. 

Но, тој упати и бројки критики на адреса на скопската градоначалничка. Вели дека има поединци и професионалци вработени во градот, но дека е залуден нивниот ентузијазам кога „Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација, додека проблемите се наталожуваат“. Во таква една ситуација, Велковски смета дека развојот на градот Скопје не е можен,иако граѓаните со право очекуваа по нејзиното стапување на функција многу повеќе.

Ваквата негова објава предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде членови и приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ отворено ја критикуваат скопската градоначалничка и ја обвинуваат дека ги изневерила нивните очекувања.  

Притисоци 

Град Скопје во петокот го разреши и Златко Перински, в.д директорот на Јавното претпријатие ’Водовод и канализација‘, поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер. „Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица, Перински е разрешен во петокот на 09.09.2022 година“, соопштија од кабинетот на Арсовска. Перински беше поставен за директор на „Водовод и канализација“ во декември 2021 година. 

Тој вели дека на крајот на јули добил допис од градоначалничката Арсовска која бара од него промена на членовите на евалуационата комисија за изградба на пречистителната станица. Тој ја известил Европската инвестициска банка која е кредитор на проектот и која дала негативно мислење за тоа.

„Она што го бараше градоначалничката не е одобрено од банката лидер. Јас не можам да си дозволам незаконито работење по ниту една цена, ниту пак ќе подлегнам на притисоците“, вели разрешениот директор. 

Станува збор за проект за пречистителна станица кој е од исклучителна важност за скопјани, а чија реализација би можела да биде стопирана. 

Арсовска, која упадна на прес-конференцијата на Перински, вели дека добила информации за тендерот поради што се посомневала дека можеби има обид тој да се намести. „Нашите сомнежи се сериозни дека се влијаело врз постапката и затоа ќе ги поднесеме во соодветното Обвинителство“, рече Арсовска.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми