1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Данок на луксуз“ за викендички и станови кои зјаат празни

ДТЗ
12 декември 2023

Сопственици на викендички, напуштени куќи во планинските и руралните делови на земјата ќе плаќаат фиксен надоместок на сметките за струја наречен „пристап до мрежа“.

броило струја
За објекти во кои не се живее ќе се плаќа пристап до мрежа, бидејќи одржувањето на мрежата е многу скапоФотографија: Micha Korb/pressefoto korb/picture alliance

Сопственици на викендички, напуштени куќи во планинските и руралните делови на земјата, имоти на лица кои со години се во странство, во иднина на сметките за струја ќе плаќаат фиксен надоместок наречен „пристап до мрежа“. Иако станува збор за објекти во кои сопствениците можеби доаѓаат ретко - ваквиот „данок на луксуз“ ќе мора да се плаќа, бидејќи одржувањето на мрежата е многу скапо. Надлежните велат дека целта е со креативни решенија да се заштити редовниот потрошувач.

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, вели дека новата давачка „пристап до мрежа“ ќе се најде на одредени сметки за струја. Со новата одлука, мрежарината за дистрибуција би се намалила и за 20%.

Бислимоски смета дека не е фер редовните потрошувачи со еден стан да плаќаат повеќе. „Зар на некој што има пет стана му е проблем да плати плус 100 денари? Се прават анализи колку ќе биде оваа давачка, но ќе биде меѓу 50-250 денари”, вели тој.

Оваа давачка, според него, е поправедна кон сите останати што редовно плаќаат електрична енергија. „Нема потреба секогаш да плаќаат тие што редовно и често го прават тоа. Навикнати тој што е најчесен да плаќа секогаш. Вакви примери има во повеќе земји низ Европа. Се плаќа симболична цена за да им се помогне на редовните потрошувачи. Во следните години одиме во нова нормалност“, рече Бислимоски на прес-конференција во РКЕ.

Најголем број потрошувачи ќе добијат пониски сметки за мрежарина, додека оние кои користат викендички ќе плаќаат за пристап до мрежа. „Со оваа реформа ќе се закружи процесот на фер сметки и ќе се обезбеди правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици“, вели професорот Рубин Талески.

Марко Бислимоски смета дека не е фер редовните потрошувачи со еден стан да плаќаат повеќе од оние што имаат по пет станаФотографија: DW/K. Delimitov

Нема да се дозволи ценовен шок

Првиот регулатор е дециден дека потрошувачката на електрична енергија ќе има тренд на намалување. Тој информираше дека согласно добиените барања од компаниите, зголемувањето на цената на струјата би било за 27 проценти.

РКЕ ги започнува анализите за цената на струјата и до крајот на следната недела се очекува да се донесат цените за МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција.

Барања поднеле овие три компании, но дел од нив не се целосни поради тоа што тендерот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите кај МЕПСО треба да се реализира до крајот на оваа недела, а исто така и Електродистрибуција го доставила барањето пред да го реализира нивниот тендер поради што во нивното барање ги нема податоците за трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите. 

„Ќе бидеме максимално транспарентни и нема да дозволиме граѓаните да почувствуваат ценовен шок благодарение на иновативните решенија кои ќе ги понудиме“, вели Бислимоски.

Во однос на евтината тарифа која се воведе од 1 декември, Бислимоски посочи дека според информациите што ги има, кај првата отчитувачка група веќе се сменети 80 проценти од броилата, а од 15 декември треба да почне менувањето на броилата во втората отчитувачка група.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми