Данска: Избори во сенка на кризата со Гренланд
24 март 2026
Мете Фредериксен може да се види насекаде во копенхашкото метро. Данската премиерка гледа од голем постер веднаш до ескалаторот на плоштадот кај Градското собрание. „Кој сака да остане цврст, мора да се држи заедно“, пишува на него. Оваа порака ѝ е важна во немирен свет, рече Фредериксен и во една од последните ТВ-дебати на данското радио и телевизија.
„Повеќе од сѐ друго верувам во соработка и единство, кога другите сакаат да делат“, нагласува премиерката. „Мора да се зајакнеме однадвор и однатре. Мора да ја зајакнеме нашата држава на благосостојба и да водиме строга политика за имиграција. А ако сакате да бидете апсолутно сигурни дека ќе останам ваша премиерка, тогаш во вторник гласајте за социјалдемократите.“
Чиста вода за пиење, одгледување свињи, пензии
Фредериксен го закажа терминот за парламентарните избори пред само три недели – како премиерка, според данските правила, таа може да го одреди датумот. Избори требаше да се одржат најдоцна наесен.
Но социјалдемократката сака да го искористи поволниот момент по кризата со Гренланд, веруваат набљудувачи како Каспер Мелер Хансен. „Ако ги прашате Данците, тие во анкетите велат дека владата одлично реагирала на заканите од Доналд Трамп по прашањето на Гренланд“, објаснува политикологот.
И во поддршката за Украина сите се согласни. Но конфликтните линии каде што ќе се решаваат овие избори се на друго место. Станува збор за „чиста вода за пиење, за одгледување свињи или за пензиите.“
Данска е земјоделска земја - во северниот сосед на Германија живеат повеќе свињи отколку луѓе. За нив се расправаше страсно, откако левите партии предложија забрана за нови конвенционални фарми за свињи.
Фредериксен освен тоа се изјасни за данок на богатство, за да се финансираат одделенијата во првите години од основното образование. Според последните анкети, нејзината партија би можела со околу 20 проценти повторно да биде најсилна. „Но социјалдемократите сѐ уште се соочуваат со најлошиот резултат во својата историја“, нагласува политикологот Мелер Хансен.
Ниту еден табор нема сигурно мнозинство
Вкупно дванаесет партии би можеле да влезат во данскиот парламент – благодарение на нискиот праг од само два процента. Во последната анкета таканаречениот „црвен блок“ од социјалдемократи и мали левичарски партии беше за нијанса пред „синиот блок“ од граѓански и десничарски партии. Но ниеден од двата табора не достигнува неопходно мнозинство од 90 мандати.
Затоа, на крајот сѐ би можело да зависи од Ларс Леке Расмусен и неговите Умерени. Како и сите други, и данскиот министер за надворешни работи води кампања до последната минута. Во бела јакна со виолетово М тој стои пред главната железничка станица во Копенхаген, опкружен со луѓе, и потпишува маици. Расмусен би можел да стане оној, без кој ниту еден блок нема да може да формира влада. На кого од своите коалициски партнери од актуелната централна влада ќе му даде поддршка, не сака да се изјасни - ниту за Фредериксен ниту за министерот за одбрана Троелс Лунд Поулсен, кој како кандидат за премиер доаѓа од либерално-конзервативната Венстре, партија на која и Ларс Леке Расмусен порано припаѓал.
Поминаа одвај два месеца од кризниот состанок во Вашингтон, каде што се разговарало за Трамповите претензии кон Гренланд, потсетува министерот за надворешни работи во една ТВ-дебата на данското радио и телевизија – а во Иран има војна. „Ние формиравме влада која презеде колективна одговорност“, вели политичарот. „И, откако почна изборната кампања сè е толку поларизирано. Троелс сака некаква сина влада. Фредериксен сака веројатно црвена, но само ако таа седне на масата. Од местото каде што стојам, немам желба да покажам кон ниту еден од нив.“
И Фредериксен нагласува дека време на меѓународни кризи не е време за стара блок-политика.
Многу неопределени
Луѓето во Данска со напрегнатост очекуваат како ќе заврши сето тоа. Околу една петтина ќе се одлучи дури на денот на изборите, исто како и Мисбах. „Се колебам меѓу различни можности“, вели младата жена. „Уште не сум сто проценти сигурна за кого ќе гласам.“ Се надева дека изборните ветувања ќе се исполнат – на пример најавата на Фредериксен да воведе „време за деца“, за да им се олесни на родителите на мали деца да го намалат работното време.
Порано често гласал за различни партии, вели Мадс. Но на последните четири или пет избори секогаш гласал за истата – и веројатно така ќе биде и овојпат. За Фредериксен нема да гласа. „Мислам дека прави добра работа за Данска, но не гласам ни за неа ни за нејзината партија.“
За Сем најважна е широка центристичка коалиција. „Тие мора да се справат со кризите во кои се наоѓаме“, смета тој.
Денеска (24.03) Данците одлучуваат на кого најмногу му веруваат дека може да ја преземе таа задача. Изборните места се отворени до 20 часот. И на Фарските Острови и во Гренланд се избираат по два пратеника, но поради временската разлика резултатите од таму ќе пристигнат дури доцна вечерта. Оваа ноќ во Данска би можела да биде долга.
Авторка: Јана Зинрам, АРД