1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дата - центри: Тешко до нив, потешко без нив

26 август 2026

Не може да се управува со центри за податоци без одржливо снабдување со електрична енергија, оцени Мицкоски и најави проект за две хидроцентрали во износ од 1,5 милијарди долари.

Дата-центар, човек стои покрај сервери
Кој сака да спречи инвестиции во високи технологии за развој на земјата, и кој сака странски дата центри за сопствени тендерски профити? Фотографија: imago/photothek/T. Trutschel

Кој сака да спречи инвестиции во високи технологии за развој на земјата, и кој сака странски дата - центри за сопствени тендерски профити? На овие две прашања се вкрстија копјата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, откако Советот на Општина Пехчево гласаше против предлог за изградба на дата-центар, доставен како приватна иницијатива.

Извесно е дека темата и натаму ќе се држи под висок интензитет откако премиерот најави дека Владата не се откажува од  изградба на дата-центар,  а претседателот на СДСМ,   Венко Филипче,  повика на национална мобилизација за да се спречи таков проект.

„Повикувам на национална мобилизација да спречиме водата и струјата да паднат во раце на профитери на грбот на народот“, јавно повика Филипче.

Ги обвини Мицкоски и  ВМРО-ДПМНЕ  дека сакаат водата и струјата да ги стават во функција на странски дата центри за сопствени тендерски профити.

Венко Филипче повика на национална мобилизација за да се спречи таков проектФотографија: Petr Stojanovski/DW

„На крајот  кој ќе ја плати таа струја? Граѓаните преку повисоки сметки. Кој ќе нема вода? Граѓаните. Каде ќе оди затоплената вода? Никој не кажува“, рече Филипче и ги повика советниците во сите општински Совети да се обединат по тоа прашање

Дата центри по сите стандарди

Премиерот  Христијан Мицкоски и вчера беше дециден - Владата не се откажува од изградба на дата-центар, по сите стандарди и без последици за животната средина.

„Наша цел како Влада е да ја развиваме државата и јас сум подготвен - ако оваа политика е погрешна - да ја платам политичката цена. Но, јас како човек, како професор и инженер сум убеден дека ако не го препознаеме моментот, ако не го фатиме моментот сега, и ако не успееме да се качиме на тој брод, за жал сите ќе не претркаат“, одговори Мицкоски на новинарско прашање.

Тој не сакаше да ја коментира одлуката на Советот на Општина Пехчево кој гласаше против изградба на дата-центар, за да не навлегува во детали и мотиви за приватна иницијатива.

Пробен балон

Но, од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение наведоа дека лицето што стоело зад Иницијативата за дата центар во Пехчево, било пратеник на СДСМ од 2002 до 2006 година

„Драги Ѓорѓиев е испостава на Зоран Заев и Венко Филипче. Додека Филипче ја замајува јавноста со кампања против дата центрите, негови луѓе поднесуваат иницијативи и бркаат маркици за дата центри. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, дата центри треба да има, но истите мора да се по сите стандарди, надвор од населено место, а не како што тоа сакаат да го прават луѓето на СДС (...) Следен пат кога Филипче ќе пушта пробни балони и ќе крои политика од јахта, нека им каже на неговите пајташи “, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Реакција упати и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој исто така најави дека ќе има нови инвестиции во високи технологии.

„За да не успееме како држава, тие ќе бидат и против центри за податоци, и против странски инвестиции, и против влез на високи технологии. Подготвени се да бидат и против нови вработувања – само  С. Македонија  да пропаѓа како што пропаѓаше седум години (...) За нивно жалење, ќе има и нови инвестиции во високи технологии и ќе се развива Македонија во дигиталната сфера. Тоа никогаш нема да значи компромис со животната средина, воздухот и водата. Ние не сме луѓе кои ќе дозволат, заради матни тендери, живи да изгорат пациенти во болници“, наведе Андоновски.

Клучен избор - локацијата

Во земјите каде дата центри во чекор го следат бумот на вештачката интелигенција, како една од последиците на нивното работење се посочува големата топлина што ја рефлектираат објектите, а за чие ладење се користи или климатизација која троши многу електрична енергија, или систем за ладење со вода кој троши многу вода.

Според експертите, за да нема концентрација на своевидни топлински острови, пожелно е дата центрите да не се во јадро на урбани средини, кои заради бетонизација и други фактори веќе се претворени во топлински острови. Заради тоа, за исклучително важен фактор се смета изборот на локацијата за изградба на центри за податоци, но и одржливиот начин на нивно опслужување со електрична енергија и вода, кој нема да ги засегне потребите и стандардот на локалните заедници.

Две хидроцентрали - проект од 1,5 милијарди долари

Мицкоски се осврна на овој аспект во завчерашното интервју за „Брајтбарт њуз“, во контекст на потребата од нови хидроцентрали за производство на повеќе електрична енергија.

Премиерот Христијан Мицкоски дециден - Владата не се откажува од изградба на дата-центар, по сите стандарди и без последици за животната срединаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Имајќи ги предвид климатските промени и глобалното затоплување (...) би сакале да развиеме две хидроцентрали - прво за да обезбедиме снабдување со вода за регионот, потоа за наводнување, а како трет приоритет - производство на електрична енергија. Зборуваме за еден терават час електрична енергија годишно, што е супер голема количина електрична енергија за големината на земја како нашата“, посочи Мицкоски.

Според него, дополнителната електрична енергија ќе ѝ помогне на земјата да изгради центри за податоци, за да ја искористи моќта на вештачката интелигенција.

„Не можете да управувате со вашите центри за податоци без да имате одржливо снабдување со електрична енергија. Ова е единствениот начин на кој можеме да управуваме со центри за податоци и како можеме да работиме на вештачка интелигенција (...) Кога станува збор за тие две хидроцентрали, зборуваме за проект во износ од 1,5 милијарди долари, а кога станува збор за центрите за податоци, зборуваме за целосна американска инвестиција и ќе работиме на обезбедување на сите потребни стимулации што можеме да им ги обезбедиме за да ја направат таа инвестиција остварлива во иднина“, најави Мицкоски во интервјуто.

Најави дека на оваа тема викендов ќе разговара и со Крис Павловски, извршен директор на „Рамбл“, кој со неговите партнери веќе инвестирал во Европа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми