Дебата за поплавите: „Ова се последици од климатската криза“
АРД
16 септември 2024
Со оглед на поплавите во неколку европски земји, политичари, климатски експерти и еколози бараат преземање повеќе мерки против климатските промени. Станува збор за „заштита на човештвото“, напиша лидерката на Зелените.
Реклама
Политичари од Зелените, научници и еколошки иницијативи повикаа на заеднички напори за борба против климатските промени поради катастрофата со поплавите во неколку земји во Централна и Југоисточна Европа. „Климатската криза нè погодува сите нас. Тоа ги прави поверојатни појавите на поплави“, напиша лидерката на парламентарната група на Зелените, Катарина Дреге на Х и додаде дека само заеднички може да се справиме со неа. „Ако повеќе пати годишно имаме поплава на векот, тоа не е нормално“, напиша на платформата и претседателката на Зелените, Рикарда Ланг. „Ова се последиците од климатската криза“, заклучи таа. Затоа, заштитата на климата не е „ништо друго освен заштита на човештвото“ за „таквите катастрофи да не станат уште почести и погубни“, посочи Ланг.
Страв од сѐ почести екстремни временски појави
Истражувачот на климата, Штефан Рамсдорф, исто така на платформата X, ја истакна поврзаноста меѓу глобалното затоплување предизвикано од човекот и зголемениот ризик од почести и екстремни временски појави. „Ова е научно докажано и постои консензус за тоа“, нагласи тој, осврнувајќи се меѓу другото на изјавите на десничарски популисти кои ги доведуваат во прашање овие наоди. „Се прашуваме уште колку климатски катастрофи ќе треба да се случат за сојузната влада да стане сериозна во врска со заштитата на климата“, пиша климатската мрежа „Петоци за иднината“ на X. „Во мисли сме со погодените лица и службите за итни случаи активни во поплавените области“,се вели понатаму во објавата на мрежата. Управниот директор на мрежата „Кампакт“, Кристоф Бауц, стравува дека во иднина ќе има уште пострашни климатски екстреми поради зголеменото затоплување. „Само многу консеквентна климатска политика може да го спречи ова“, предупреди тој на X.
Реклама
„Најголемиот проблем на нашето време“
„Климатските промени се убедливо најголемиот проблем на нашето време“, истакнува правниот филозоф Кристоф Молерс за „Штутгартер цајтунг“ и „Штутгартер нахрихтен“. Ќе бидат потребни „најголеми колективни напори за да ги решиме огромните проблеми што ни претстојат“, нагласува тој, особено затоа што многу од нашето однесување во денешно време е потенцијално штетно за климата. Австрија, Чешка, Полска и Романија во изминатите неколку дена јавија за драматични состојби со поплавите. Најмалку осум лица загинаа во поплавите до неделата. Четири лица во Чешка се водат како исчезнати. Илјадници луѓе мораа да бидат евакуирани од погодените региони. Стотици илјади останаа без струја, патиштата и железничките линии мораа да бидат затворени. Во Германија ситуацијата сепак е уште релативно опуштена.
Дожд, снег, невреме: Централна Европа се подготвува за големи поплави
Пороен дожд, врнежи од снег, поплави: Во Романија има четири жртви, на Германија и другите земји од Централна Европа им претстои викенд полн со невреме, а надлежните итни служби прават сѐ за да ја ограничат штетата.
Фотографија: Agencja Wyborcza.pl/REUTERS
Чешка во центарот на невремето
Во Бечине, службите за итни случаи градат мобилни бариери за да спречат поплави на реката Лузнице. „Се подготвуваме за најлошите сценарија“, изјави чешкиот премиер Петр Фиала. На некои реки треба да се очекуваат поплави кои се толку силни што, статистички гледано, се случуваат само еднаш во векот. Речиси низ целата земја врне силен дожд или има поплави.
Фотографија: Vaclav Pancer/CTK/picture alliance
Дожд колку за шест месеци
Во меѓувреме, 60.000 домаќинства останаа без струја. Реката Јихлава се излеа од коритото уште во петокот. Очекуваните количини на дожд се огромни: за делови од Чешка се предвидуваат 400 литри врнежи на метар квадратен. Во цела 2023 година наврнале 732 литри дожд на метар квадратен.
Чешка се обидува да добие на време со рано испуштање вода во неколку брани, со цел да се направи простор за очекуваните огромни маси на вода. Како овде кај акумулацијата Нове Млини на југот на земјата. Во соседна Словачка, владата сака да ја пренасочи надојдената вода во одредени области за да избегне поплави во главниот град Братислава.
Фотографија: Vaclav Salek/CTK/picture alliance
Вреќи со песок против поплави
Онаму каде што нема метални ѕидови, вреќи со песок се метод на избор за да се запрат очекуваните поплави. Овде, во западна Полска, во близина на градот Одоланов, тие треба да го спречат излевањето на инаку мирната река Барч од нејзините брегови. И во Полска ситуацијата се влошува.
Фотографија: Tomasz Wojtasik/PAP/dpa/picture alliance
Непрекинати дождови во Полска
400 жители мораа да бидат евакуирани на безбедно од градот Глухолази во близина на границата со Чешка. Таму беше и министерот за внатрешни работи Томаш Симониак. Некои од жителите мораа да бидат евакуирани и од селото Моров бидејќи реката Мора се излеа од коритото. Според официјалните информации, нивото на тревога веќе е пречекорено на бројни мерни станици за водостојот во Полска.
Фотографија: Agencja Wyborcza.pl/REUTERS
Бура на Јадранот
Во Хрватска, „Борис“ – под кое што име е познат циклонот со низок притисок - веќе предизвика бурно време. Се применува второто највисоко ниво на предупредување за тешки временски услови. Некои патишта се затворени за одредени возила, како мотоцикли или камп приколки, кои се особено чувствителни на ветер.
Дали овие овци веќе ја носат својата потопла зимска волна? Временската ситуација доведе до значителни снежни врнежи во големи делови од Источните Алпи, особено во Австрија. Она што изгледа идилично овде во Штаерска, доведува до проблеми на многу места.
Фотографија: Martin Huber/picture alliance/picturedesk.com
Лизгави коловози поради налет на зимско време
Паднати дрвја, заглавени возила: иако се користат возила за расчистување и фрлање сол, на места обилните снежни врнежи го забавуваат сообраќајот во Австрија. Австриските железници советуваат да не се патува овој викенд, некои линии се веќе затворени.
Снег и силен дожд веќе врнеше и во делови од Германија. Првиот снег падна на Алпите во Баварија – неколку сантиметри на највисокиот германски планински врв, Цугшпице.
Фотографија: Ferdinand Merzbach/NEWS5/picture alliance/dpa
Дожд, дожд и уште повеќе дожд
Германската метеоролошка служба предвидува континуиран дожд за германскиот алпски регион. Одговорна е таканаречената пет-б временска ситуација, што уште на почетокот на јуни доведе до поплави во јужна Германија: циклонско подрачје со низок притисок носи многу влажен воздух од Медитеранот до источниот раб на Алпите кон северот. Таму се издигнува и се спушта во вид на силни врнежи од снег и дожд.
Фотографија: Jan Eifert/picture alliance
Времето истекува
Проблеми во Германија предизвикува и мостот Карола, кој во средата вечерта делумно се урна во Елба во Дрезден. Остатоците може да го попречат текот на водата. До среда, нивото на Елба може да се искачи на шест до седум метри, просечно тука изнесува два метра. Деловите од мостот се отстрануваат со помош на багери. „Овде ни истекува времето“, изјави портпаролот на противпожарната служба во Дрезден.
Фотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance
Затишје ред поплавата
Сè уште е тивко на Одра во пограничниот регион меѓу Полска и Германија. Но, и овде нивото на реката веројатно многу ќе се зголеми. Во некои делови на Полска се очекуваат и до 150 литри дожд на метар квадратен. Полската влада порача дека секој што живее во близина на реки треба да биде подготвен за поплави. Снабдувањето со вода за пиење или електрична енергија може да биде во привремен прекин.