1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебата за АфД: Нема пари за непријатели на Уставот?

23 јануари 2024

Партии кои се против уставниот поредок може да бидат исклучени од државното финансирање. Но, пречките за тоа се големи, налик на оние за забрана на АфД.

Франкфурт | Демонстрации против десниот екстремизам и Алтернатива за Германија (АфД)
Демонстрации против делумно десноекстремната Алтернатива за Германија (АфД) се одржуваат во цела ГерманијаФотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP/Getty Images

Германија во јануари 2024: АфД, партија која Службата за заштита на уставниот поредок во делови ја оквалификува како десноекстремистичка, во анкетите достигнува највисока поддршка. Истовремено, илјадници луѓе се на улица и демонстрираат против антимиграциската партија.

И во германскиот Бундестаг се дебатира за тоа каков треба да биде односот спрема АфД. Барањето го поднесоа трите пратенички групи на партиите од владината коалиција - СПД, ФДП и Зелените, а темата е „Одбранбена демократија во шаренолика земја - јасен сигнал против непријателите на демократијата и плановите за протерување”.

Извештај за планови за милионска ремиграција

Повод е извештај во медиумите за средба на десни екстремисти на која учествувале и функционери на АфД, но и членови на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Притоа се работело за планови за т.н. ремиграција на милиони доселени лица во Германија.

Бернд Бауман, парламентарен раководител на пратеничката група на АфД во Бундестагот, средбата ја опиша како „мал, приватен дебатен клуб“ кој бил „надуен во тајна средба од која произлегува општонародна опасност”. Министерката за внатрешни работи на Германија, Ненси Фезер, се спротивстави и рече: „Гледаме активни стремежи да се поместат граници и презирањето на демократијата и омразата кон луѓе да се пренесе во средината на општеството”.

Ненси Фезер: „Оваа демократија умее да се брани”

Фезер во владата го води ресорот за безбедност во Германија, а со тоа е задолжена и за заштитата на уставниот поредок. „Оваа демократија умее да се брани” - со овие зборови таа во пленарната сала им се обрати на припадниците на пратеничката група на АфД без притоа експлицитно да ги спомене.

Министерката може да си замисли и забрана на партијата, но само како последно средство кое би било употребено. Во 2017 година таквата постапка против десноекстремната, антисемитска и расистичка Националдемократска партија на Германија не беше успешна. Таа се прекрсти во „Татковина” и уште тогаш беше толку безначајна што Уставниот суд не ја забрани токму заради таквата околност.

АфД делумно важи за „докажано десноекстремна“

Но, за разлика од неа, АфД котира високо. Таа само во три од 16 покраини е категоризирана како „докажано десноекстремна“. Веројатно и од тие причини Фезер е скептична во однос на постапката за забрана.

Уставниот суд има поставено високи барања за забрана. Мора да постои одредена веројатност дека партијата веќе има таква тежина што во даден момент би можела и да ги спроведе своите цели, појаснува експертот по уставно право, Кристијан Песталоца во интервју за ДВ.

Полесно би било таква партија да се исклучи од државното фунансирање. „Во тој случај е доволно што следат такви цели и не мора да биде докажано дека и де факто имаат потенцијал да ги спроведат”, додава тој.

Иако програмата на АфД звучи релативно безопасно, реалноста е друга, и тоа може да е доволно, вели Песталоца. „Но, дали сето ова е исполнето е шпекулација, тоа го знаат службите за заштита на уставниот поредок кои ја имаат под надзор партијата и нејзините покраински ограноци“, вели уставниот експерт.

Кристијан Песталоца, експерт по уставно правоФотографија: DW/M.Fürstenau

Каде АфД е под посебен надзор од службата

Во покраините Тирингија, Саксонија и Саксонија Анхалт, АфД, како т.н. случај од интерес може да биде следена и со тајни методи како прислушување телефонски разговори. Уставниот експерт Песталоца смета дека барем во тие сојузни покраини партијата може да биде исклучена од државното финансирање.

Предуслов е соодветно барање од владата или парламентот во Берлин. Но, Уставниот суд и во тој случај може да дојде до сосема поинаков заклучок од Службите за заштита на уставниот поредок, иако тој лично не очекува такво нешто, нагласува Песталоца.

Келн: Илјадници луѓе протестираа против десничарската АфД

00:54

This browser does not support the video element.

Што ја разликува АфД од поранешната НПД

Уставниот експерт Азим Семизоглу од универзитетот во Лајпциг шансите за успех за исклучување на АфД од државното финансирање за ДВ ги оценува повоздржано. Во однос на уставниот поредок веројатно ќе се каже дека т.н. потенцијалност да се постигнат целите во случајов е повеќе присутна отколку кај НПД. Но, Уставниот суд мора како непријателска за уставниот поредок да ја оцени и програмата на АфД, а тоа, според експертот, може да биде спорно. Семизоглу посочува дека  „во оценувањето на тоа дали една партија е непријателски настроена кон уставниот поредок или не, во постапката за исклучување од државното финансирање не постои ‘попуст’ во однос на постапката за забрана”.

Друга опција за борба против осомничени непријатели на уставниот поредок е за поединечни личности да се одземе важењето на основните права, со што веќе нема да можат да се кандидираат за јавни функции. Тоа е и целта на една онлајн петиција насочена против Бјерн Хеке од крајната десница на АфД, кој во септември 2024 година, на изборите во Тирингија, би можел да стане и покраински премиер. Во анкетите локалната АфД води со над 30 проценти од гласовите.

Азим Семизоглу, експерт по уставно право од универзитетот во Лајпциг Фотографија: Privat

Семизоглу се сомнева дека на Хеке ќе може да му бидат одречени основните права. Слични обиди никогаш не вродиле со плод, правните пречки и во таквата постапка се прилично високи. Но, тој смета дека обидот не е сосем безизгледен, бидејќи истрагата за сомневања за непријателски став спрема уставниот поредок кај еден единствен човек е помалку обемна отколку кај цела една партија.

Колку е силна демократијата во Германија?

Независно од дебатите за забрана и можни други санкции против АфД или поединечни личности, Семизоглу смета дека демократијата во Германија е доволно силназа да се одбрани од непријателите. „Кога ќе видам дека многу голем број на луѓе излегуваат на улица против расистички ставови, тоа е момент кој ме охрабрува”, посочува тој.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми