1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Дебатата што не смее да се пропушти

26 јуни 2024

Победата на Трамп, иако не директно, ќе влијае на регионот Балкан со ослабување на стратешката позиција на ЕУ и отворање простор за други штетни влијанија. Пишува Петар Арсовски

Американскиот претседател Џо Бајден и екс претседателот Доналд ТрампФотографија: imago images

132 дена остануваат до изборот на претседател на САД. Последните случувања на политичката сцена таму, особено пресудата против Трамп, за сите 34 дела за кои се товари поранешниот американски претседател, ја прават оваа трка една од најнеизвесните во поновата американска историја. Анкетите се менуваат од ден во ден, а светот го чека исходот. Бројките се толку блиски, што најавената дебата,  на 27-ми јуни на Си-Ен-Ен,  може да биде еден од најважните моменти во таа трка, па со тоа и главна одредница за исходот на изборите. Имајќи предвид колку сериозно влијание има изборот на претседателот на најмоќната земја во светот, за светскиот поредок но и за регионалните предизвици со кои се соочуваме на Балканот, мислам дека ова е дебата која не смее да се пропушти.

До пред 10-тина дена, Трамп водеше на 9 од 10 национални анкети за изборни преференции во САД, предност која, иако не гарантира победа, го фаворизираше поранешниот претседател како најсериозен претендент за место во Белата куќа. Но, ситуацијата се измени откако  Трамп беше осуден  за сите дела поврзани со исплатата на актерката Сторми Дениелс, фактор кој беше потценет од изборниот штаб на Трамп. По пресудата, базата на The Donald е во еуфорија и се постројува зад својот фаворит, донаторите се зголемуваат, а според процените на неговиот изборен штаб, штетата по рејтингот на нивниот кандидат нема да биде поголема од нето 2 процентни поени. Анализата на стратешките консултанти на Трамп е дека гласачите се позагрижени за сегашната состојба на државата, одошто за случај стар осум години. Некои од анкетите (направени пред пресудата) навестуваат дека можно е овој случај навистина да нема значајно влијание на рејтингот на Трамп, каде само еден од десет републикански поддржувачи велат дека  евентуална пресуда  би влијаела на нивниот избор, а некои неопределени гласачи дури велат дека пресудата може да ги зголеми шансите да го поддржат осуденикот.

Доналд Трамп и по судската пресуда ужива голема поддршка кај АмериканцитеФотографија: Wilfredo Lee/AP Photo/picture alliance

Но, тоа беше хипотетичка ситуација. Сега, кога пресуда веќе постои, а бидејќи бројките се толку блиску, мислам дека дури и мал негативен ефект (па дури и 2%) може да се покаже значаен. Во истите анкети, 17% велат дека е возможно да не го поддржат Трамп доколку биде осуден, што статистички е значајна бројка. Накусо, пресудата тукушто направи да биде многу потешко за Трамп да ги добие изборите. Ова особено доколку на 11-ти јули, кога е закажано одредување на казната, судот одлучи да му додели затворска казна – нешто што неговиот адвокатски тим секако ќе го обжали, но дамката на имиџот, па и на „избирливоста“ на Трамп ќе остане.

Затоа, првата претседателска дебата, која се случува во Атланта, една од државите која е неопределена, може да се покаже како одлучувачки момент. За прв пат, микрофоните на кандидатите ќе бидат исклучувани кога другиот кандидат зборува, за да се избегнат упаѓања. Двајцата кандидати ќе се надеваат на грешка на другиот: за Бајден, некои од неговите легендарни гафови, за Трамп, неговата запалива реторика и имиџот на осуден криминалец. Светот ќе гледа, а по се изгледа, Европа особено. Ова од причина што, евентуална победа на Трамп на изборите во САД, носи можност за стратешки геополитички поместувања кои во регионот можат да значат тектонски поместувања и посериозна нестабилност.

Трамп, дури и ако биде избран, нема директно да ја смени политиката на САД кон југоисточна Европа, зашто овој регион, според него самиот, не е приоритет за неговата администрација, која е повеќе фокусирана на Украина, Блискиот Исток, но особено на динамиката на односите помеѓу САД, Русија и Кина. Но, пасивно агресивниот однос кон самата ЕУ, може да придонесе за поголеми поделби внатре во самата унија, процес кој ќе направи дестабилизација на Балканот.

Рецептот за стабилизација на Балканот постојано бил базиран на две главни премиси: Pax Americana, и интеграција во ЕУ. Оваа формула во последно време губи од својата тежина: (1) ветувањето за брза интеграција на регионот во ЕУ има изгубено од својот легитимитет, зашто истовремено, и ЕУ губи апетит за проширување, со тоа и земјите кандидати губат ентузијазам за неопходните реформи; (2) се појавуваат светски играчи кои го пополнуваат овој вакуум – Кина забрзано инвестира во регионот, Турција има амбиции за политичко влијание, а Русија останува главен снабдувач со енергенси и штетни наративи, со силна политичка поддршка во Белград, Република Српска, па дури и Црна Гора и Македонија; (3) Србија повторно појавува амбиции за ревизија на геополитичките одредници на Балканот, со засилување на својата војска, ревитализација на ревизионистичка политика кон Косово и Босна, каде Додик веќе најави дека ќе објави сецесија од федерацијата дента кога Трамп ќе биде избран за претседател.

Во ситуација кога ЕУ е веќе фрагментирана и слаба,  доколку Трамп, како што вели  „им ја остави Европа на Европејците“, тоа е лош сигнал за регионот. Со политичко поместување на десно, влошени меѓусебни односи, закана за националистичка победа во Франција, и нефункционална коалиција во Германија,  столбовите на ЕУ  ќе бидат разнишани, ситуација која може да биде искористена за нови поделби на Балканот. Така, победата на Трамп, иако не директно, но ќе влијае на регионот со ослабување на стратешката позиција на ЕУ  и отворање простор за други штетни влијанија. Накусо речено, досегашната главна одредница, Pax Americana, е невозможна без Америка, што секако би биле лоши вести за регионот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми