Децата на Кочани носат товар што не е нивен
28 ноември 2025
Пратеникот на Левица и претседател на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, Димитар Апасиев, вчера (27.11) информираше дека на 9-ти декември закажал седница на таа комисија, со една точка на дневниот ред: претставката од „Здружението на граѓани 16 -ти март 2025 Кочани", во кое се родителите на загинатите во пожарот во нелегалната дискотека „Пулс“.
„Одлучив да закажам седница по повод поднесената претставка од ‘Здружението на граѓани 16 март 2025 Кочани', зашто сметам дека ова е во највисок јавен интерес. Седницата ја закажав согласно моите деловнички овластувања за 9-ти декември 2025 година, со цел да не се поклопи со распоредот на судења којшто е објавен од судот, и симболично 10-ти декември е Светскиот ден човековите слободи и права, а родителите во нивната претставка се повикуваат токму на правото на живот како највисоко право коешто остана незаштитено ноќта на трагедијата“, рече Апасиев.
Известени биле сите членови и заменици на Комисијата, а дополнително биле поканети и собранискиот претседател и потпретседателите, координаторите на пратенички групи, премиерот, министерот за внатрешни работи, претседателката на државата и подносителите на претставката.
Контроверзии околу времето на закажување на седницата
Претставката за која е закажана комисиска седница на 9-ти декември е објавена на веб-страницата на Собранието, при што евидентно е дека таа била примена во Собранието на 15-ти јули годинава. Оттука, прашање е зошто претседателот на Комисијата решил да закаже седница речиси по пет месеци од нејзиното поднесување.
„Обвинителството по три месеци од трагедијата поднесе обвинение, а Апасиев по пет месеци од поднесена претставка свикува комисиска седница“ - вака се споредува „динамиката“ на постапките во дел од коментарите на социјалните мрежи.
На тајмингот, од два аспекта се осврна и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, одговарајќи на новинарско прашање.
„Важно е да нагласиме дека тоа барање до него е стигнато на 15.7. Зошто чекал 5 месеци да ја закажа оваа комисија, тоа е прашање коешто треба да му се постави нему. Ние кажавме дека од ова нема да правиме политика, но очигледна е намерата некрофилски политички да поентира. Негов е ставот што избрал да биде талог на општеството. Ние ќе го прифатиме ова барање, но сметаме дека сите оние коишто тој ги повикува да бидат присутни, треба да бидат исконсултирани за термин, бидејќи не сметаме дека оваа комисија треба да биде одржана на ист ден кога е и собраниската седница за расправа на буџетот. Многу е важно буџетот да биде донесен, бидејќи во наредната година тој е документот кој што обезбедува функционалност на државата, исплата на плати, исплата на пензии и сите оние работи кои што општеството треба да ги прибави од буџетот", образложи Стојановски.
Тој повика комисиската седница да не биде на 9.12., туку да се избере друг датум што ќе им одговара на сите кои треба да бидат присутни.
„Така што одговорот е - ајде да седнеме, да се договориме за датум кој што ќе биде прифатлив за сите засегнати страни и - да, ем ќе го поддржиме одржувањето на таквата седница и ќе учествуваме на истата“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Цели на претставката - откривање на системски слабости и спречување идни трагедии
Во претставката од Здружението, поднесена во јули, се барало случајот во Кочани да се разгледува како сериозна повреда на човековите права и слободи; да се повикаат на сослушување сите релевантни институции, функционери и физички лица кои имале надлежност или биле во позиција пред, за време, и по трагичниот настан; се бара темелна парламентарна истрага со цел да се откријат сите слабости во системот и евентуални прикривања, со посебен акцент на улогата на корупцијата. Исто така се бара да бидат предложени итни измени во законската регулатива за работа на угостителски објекти, вклучително и јасни безбедносни стандарди, транспарентност во издавање на дозволи и зајакнување на контролата врз инспекциските органи.
„Доколку утврдите дека имало масовна повреда на човековите права во прагедијата во Кочани, да поведете постапка за утврдување на одгворноста кај носителите на јавните функции. Уште еднаш веруваме дека овој трагичен настан ќе го ставите во фокусот на општествената и институционална одговорност, со цел не само ние да добиеме одговори и надеж за правда, туку и да се спречат идни трагедии“, наведуваат од Здружението во претставката.
Поддршка и психосоцијална грижа за децата и младите од Кочани
Додека меѓу политичарите се кршат копјата околу аспектите за заседавање на оваа, како и иницијативите за ад-хок анкетни комисии за кочанската, но и други трагедии кои однесоа човечки животи, правни експерти веќе изнесоа ставови дека таквите расправи може да се претворат во јалови и во непотребен „циркус“, но и дека се депласирани откако почна судскиот процес за Кочани, а за дел од други случаи и завршен.
Она што се смета за најпотребно, е фокусот да биде силно насочен кон поддршка на граѓаните и нивните потреби, особено на младите.
„Да се пишува денес за децата и младите од Кочани, или во нивно име, е голема одговорност и обврска. Да се говори и дејствува за доброто на сите деца од земјава по несреќата во Кочани, е морален чин на одбрана на детските развојни потреби и права“, пишува Лина Ќостарова Унковска, психолог, директорка на Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“ во колумна под наслов „Децата на Кочани“.
„Мораме отворено и постојано да ги охрабруваме дека се во право за тоа како се чувствуваат и што преземаат, без да им судиме, да ги критикуваме или коригираме. Дека имаат право да бидат свои, самостојни и посебни, и во тагувањето. И дека смеат да одлучуваат за својот живот, дури и да згрешат. Имаме обврска да им помогнеме да се одлепат од зададените улоги за тоа како да се однесуваат, како да изгледаат и што да чувствуваат. Да им објасниме дека товарот што го носат не е нивни и дека нема да дозволиме да станат заложници на една трагедија, на едно бесчувствително време, за кое нималку не се виновни што го живеат. И дека растењето со стравови, грижи и вина не им помага ниту да жалат искрено, ниту да пораснат ниту да тргнат напред“, пишува Лина Ќостарова Унковска во колумната реализирана во соработка меѓу Europe Housе и Умно.мк.
Посета на делегацијата на ЕУ и поддршка за заздравување на заедницата
Евроамбасадорот Михалис Рокас и тим од Делегацијата на ЕУ вчера ја посетија Општина Кочани, при што остварија средби со градоначалникот Владко Грозданов и со Советот на Општината.
На средбите се разговарало за актуелната состојба во Општината, како и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните девет месеци по трагичниот настан.
Амбасадорот Рокас ја истакнал подготвеноста за натамошната соработка за заздравување на Кочани, со поддршка во повеќе сегменти и идни проекти. Пред средбите, амбасадорот Рокас и неговиот тим положија цвеќе на вечните почивалишта на жртвите од 16 март годинава.