1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата - лесен плен за предаторите на социјалните мрежи

ДТЗ
19 октомври 2022

Од почетокот на годинава, МВР има идентификувано осум случаи на трговија со луѓе, од кои седум се малолетници. Во шелтер центар се згрижени шест деца - жртви на трговија со луѓе.

Деца Трговија
Криминалците ја таргетираат групата која највеќе го користи интернетот, а се најмалку информирани за опасностите коишто ги демнат.Фотографија: Marco Ugarte/AP Photo/picture alliance

Најмалата жртва на трговија со луѓе во Северна Македонија има само десет години. Случајот бил откриен пред две години, но тој не е единствениот пример каде децата станале лесен плен на криминалците. Од почетокот на годинава, МВР има идентификувано осум случаи на трговија со луѓе, од кои седум се малолетници. Во шелтер центар се згрижени шест деца - жртви на трговија со луѓе. 

„Криминалците ја таргетираат групата која највеќе го користи интернетот, а се најмалку информирани за опасностите коишто ги демнат. Едно дете е веќе детектирано како жртва на трговија со луѓе преку онлајн комуникација“, вели Магдалена Несторовска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи. 

Според сознанијата на „Отворена порта“ (Ла Страда) „најголемиот број на идентификувани жртви се деца, а возрасната граница постојано опаѓа. „За разлика од пред десетина години кога жртвите беа над 16 години, сега жртви сѐ повеќе се деца на возраст од 10 до 17 години па нагоре“, укажуваат од Ла Страда. 

Опасности коишти ги демнат 

Модерното време, употребата на интернетот и технологијата,ги изложува децата се повеќе на ризик. Особено за време на ковид-пандемијата, тие станаа се поранливи и се повеќе време поминуваа зад компјутер. Преку користењето на социјалните мрежи тие постојано стапуваат во контакт со познати, но и непознати лица.

„Од таа причина, водени од случајот „Јавна соба“, но и случајот со трговија со лице преку интернет и негова онлајн експлоатација, спроведовме истражување кое покажа фрапантни податоци“, велат од Ла Страда. 

Децата се ранлива категорија, тие често се манипулирани, под присила и закана се принудувани да прават недолични видеаФотографија: picture-alliance/dpa

Сознанијата укажуваат дека децата често имаат повеќе акаунти на социјалните мрежи, често се случува две деца да користат ист акаунт, но загрижувачки е надлежните е тоа што голем дел од нив стапиле во контакт со непознати лица, а потоа оствариле и физички контакт со нив, што ги доведува во ризик. Затоа се апелира родителите да водат повеќе контрола што прават децата на Интернет, на кои платформи се вклучуваат и кои контакти ги остваруваат. 

Децата се ранлива категорија, тие често се манипулирани, под присила и закана се принудувани да прават недолични видеа кои одат или во живо или се споделуваат на платформи или меѓу корисници, а често се шират меѓу самите деца. 

Трговците со луѓе веќе голем дел од своите кривични активности ги извршуваат на Интернет. Тие преку онлајн комуникацијата обезбедуваат поголема анонимност и им се олеснува извршувањето на кривичното дело, поради што се повеќе се ориентирани на популарните социјални мрежи да вршат регрутација на жртвите, и потоа да ги контролираат. Загрижувачки е што постои недоволна информираност на жртвите за тоа колку лесно можат да станат плен на социјалните мрежи.

Американскиот Стејт департмент во последниот извештај за трговијата со луѓе во светот, кој се однесува за состојбите во 2021 година,  нотираше дека македонската Влада не ги исполнува до крај минималните стандарди за сузбивање на трговијата со луѓе, но дека прават значајни напори во таа насока. беа препорачани построги истраги и казни за трговците со луѓе, како и да не се заобиколуваат официјални лица за кои има сомнежи за соучество.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми