1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дефектни авиони на германската влада предизвикуваат потсмев

Тагесшау | ЕМФ
15 август 2023

Дефектите на леталата на германската влада постојано се повод за потсмев и причина за страв на оние што летаат со нив. Последна во низата беше министерката за надворешни работи Аналена Бербок.

Летала на германската влада на аеродромот Берлин-Бранденбург
Летала на германската влада на аеродромот Берлин-БранденбургФотографија: Soeren Stache/picture alliance/dpa

Германските министри за надворешни работи се често на пат поради својата функција. Најчесто патуваат со авион. Убаво е кога сè оди без проблеми и во најдобар случај има можност за малку опуштање за време на често долготрајните летови. Жално е кога работите не одат мазно. А работите честопати не одат мазно. Дефектите во авионите на владата на Германија редовно предизвикуваат потсмев и срам, а веројатно предизвикуваат и страв кај оние кои се возат во нив.

Два дефекта на исто патување

Но, ист дефект да се појави двапати на исто патување, а патувањето потоа да мора конечно да се откаже, веројатно е прилично уникатен случај во историјата на дефекти на леталата на владата во Берлин. Тоа сега се случи на патувањето на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и придружбата во Австралија, Нов Зеланд и Фиџи. Според наводи на воздухопловните сили, причина за двата дефекта биле проблеми со флапероните на крилата, кои се повториле и при второто полетување во Абу Даби. Министерката всушност уште по првиот дефект сакала да продолжи со редовен лет, но потоа решила да му даде уште една шанса на владиниот авион. Дотолку повеќе, што тест-летот поминал без проблеми. „Ова е повеќе од здодевно“, беше краткиот коментар на шефицата на германската дипломатија на платформата X. Во мај министерката за надворешни работи остана во Катар поради дефект на тркалото на владиниот Ербас.

Според наводи на воздухопловните сили, причина за двата дефекта биле проблеми со флапероните на крилата, кои се повториле и при второто полетување во Абу ДабиФотографија: Florian Gaertner/photothek/picture alliance

Авион со историја на дефекти

Авионот е стар 23 години. Тој прво леташе за Луфтханза,а потоа и за германските вооружени сили. Извесно време го носеше името на Конрад Аденауер, првиот канцелар на Сојузна Република Германија. Тоа е истата машина што поранешната канцеларка Ангела Меркел и тогашниот министер за финансии Олаф Шолц (СПД) ја користеа во ноември 2018 година, на пат кон самитот на Г20 во Буенос Аирес, и поради која мораа да се вратат назад. Авионот морал принудно да слета на аеродромот Келн-Бон. Тогаш откажал целиот радио систем поради грешка во одржувањето. Причината била неисправна електронска дистрибутивна кутија, на која биле прикачени повеќе системи. И двајцата потоа полетаа со редовен лет за Аргентина - проследени со исмејување.

Глодари го запреа Шолц

Во октомври 2018 година, глодари изгризаа важни кабли на „Аденауер“ за време на застанувањето во Индонезија. Олаф Шолц тогаш се врати со редовен лет од состанокот на Меѓународниот монетарен фонд. Во декември 2016 година, тогашната министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен (ЦДУ) се заглави на пат кон Мали. Поради компјутерски проблем со нејзиниот А340 во нигериската престолнина Абуџа, таа морала да остане таму преку ноќ.

Во случајот на А340 во последно време се множат ситни дефекти. Воздухопловните сили сакаат да ги отстранат двата стари владини авиони А340 штом моделите наследници, А350, ќе бидат целосно опремени. Најновиот лет на Бербок за Австралија првично беше планирано да се реализира со сестринскиот авион на поранешниот „Конрад Аденауер“, речиси идентичен А340-300. Меѓутоа, и овој авион беше расипан.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во авион од типот Ербас А340 на пат за Стокхолм, 15.08.2022Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Заглавен во Нигерија

Проблеми предизвикуваат и други типови на авиони во владината флота. На пример, леталата „Глобал 6000“, двомоторни авиони од производителот Бомбардир. Трите вакви летала се сè уште релативно нови и беа испорачани во 2019 година. На почетокот на јуни оваа година, државниот секретар во Министерството за одбрана, Зимтје Мелер, остана заглавен во главниот град на Нигер, Ниамеј, бидејќи беа откриени неколку пукнатини на ветробранот. Причина најверојатно била жештината.

Без проблеми за Јужна Америка и назад

На почетокот на годината, канцеларот Олаф Шолц беше на пат со новиот владин авион. Ербасот А350-900 е првиот авион од овој тип со целосна ВИП-опрема за летови на Бундесверот и затоа се смета за нивен нов „Air Force One“. Патувањето во Јужна Америка помина без проблеми. Белиот авион со црни, црвени и златни ленти и натпис „Сојузна Република Германија“ е долг 67 метри, вози со брзина од 960 километри на час, лета на височина од повеќе од 13.000 метри и може да стигне до секоја дестинација во светот без потреба од застанување.

Ербасот А350-900 „Конрад Аденауер“ е првиот авион од овој тип со целосна ВИП-опремаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

„Конрад Аденауер“ е вториот од вкупно три авиони А350-900. Првиот, „Курт Шумахер“, лета веќе две години, но нема посебна ВИП-опрема за канцеларот, министрите или сојузниот претседател. Сега има посебен простор за највисоките функционери кои летаат со авионот, со спална соба и бања, како и простор за одмор. За трите авиони Бундестагот одобри 1,2 милијарди евра.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми