1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Идниот потпретседател на САД: Кој е Џеј Ди Венс?

Метју Ворд Агуис
7 ноември 2024

Сенаторот од Охајо, Џеј Ди Венс направи транзиција од противник на Трамп во жесток поддржувач - и сега ќе биде негов потпретседател во Белата куќа. Што уште треба да се знае за 40-годишниот републиканец?

Новиот потпретседател во САД: Џеј Ди Венс (на говорницата)
Новиот потпретседател во САД: Џеј Ди Венс (на говорницата)Фотографија: Jim Watson/AFP/Getty Images

Кога Доналд Трамп го именуваше за свој потпретседателски кандидат на американските избори во јули годинава, многумина го видоа тоа како доказ за подемот на Џеј Ди Венс во Републиканската партија. По овие избори и победата на Доналд Трамп, многу набљудувачи го гледаат како наследник на движењето на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“ (Make America great again) - и затоа и како перспективен кандидат на Републиканската партија за претседател на САД во 2028 година.

Но, контрастите, исто така се истакнуваат: повеќе од четири децении, претприемачот од Њујорк, ДоналдТрамп, јавно се претставуваше како многу моќна фигура со политички стил кој го следи. Четириесетгодишниот Џеј Ди Венс, пак, претставува сосема поинаква Америка.

Венс дури подоцна го зел тоа презиме од неговите баба и дедо по мајка. Тие ја презеле грижата за Џејмс Дејвид Бауман (поранешното презиме на Венс) кога неговата мајка западнала во проблеми со дрога и со алкохол. По завршувањето на средното училиште, тој го напуштил индустрискиот град Мидлтаун во Охајо и се пријавил во армијата. Како репортер без директно учество во борбите, тој поминал шест месеци во Ирак во 2005 година. По враќањето во САД, дипломирал на Државниот универзитет во Охајо и на крај на Правниот факултет на Јеил. Потоа основал фирма која вложувала ризичен капитал за технологија во Калифорнија.

Џеј Ди Венс и сопругата Уша Чилукури Венс на Републиканската национална конвенцијаФотографија: Carolyn Kaster/dpa/AP/picture alliance

Тој ја запознал и својата идна сопруга на Јеил во 2014 година. Венс се оженил со Уша Чилукури, која има индиско потекло. Двојката има два сина и една ќерка.

Од противник на Трамп до „МАГА сенатор“

Венс ненадејно стана познат во 2016 година, кога беше објавена неговата автобиографска книга „Хилбили елеџи“. Во тоа време, бестселерот беше фален како прозорец во реалниот живот на луѓето кои работеле во опаѓачката челична индустрија. Во ноември истата година, тесното мнозинство во регионот за кое пишуваше Венс - конкретно во државите Висконсин, Мичиген и Пенсилванија - му помогна на Доналд Трамп да победи на изборите.

Венс беше поканет во телевизиските и радио студијата да зборува за неговиот роден регион. Во интервју за јавното радио НПР пред изборите, тој рече дека не може да го поднесе Трамп и веројатно ќе гласа за Хилари Клинтон. Во исто време, сепак, тој предвиде и дека „феноменот Трамп“ ќе биде поддржан од белата работничка класа, која „не е нужно сиромашна, но се чувствува донекаде културно изолирана и е песимистичка кон иднината. Тоа е еден од најголемите, ако не и најголемиот, фактор зошто некој го поддржува Доналд Трамп“, рече тој тогаш. 

Автобиографската книга на Џеј Ди Венс е објавена и на германски јазикФотографија: Ullstein Buchverlag/dpa/picture alliance

„Хилбили елеџи“ доби многу пофалби и од коосновачот на платежниот сервис ПејПал, Питер Тил. Американскиот милијардер со германско потекло беше и долгогодишен ментор на Венс и е еден од првите истакнати поддржувачи на Трамп во Силиконската долина. „Њујорк тајмс“ во јули годинава објави дека Тил ја договорил првата средба меѓу двајцата во 2021 година. Наредната година, Џеј Ди Венс го промени својот јавен став кон Трамп - и влезе во американскиот Сенат како републикански кандидат за Охајо.

Контроверзи во кампањата и „измазнети“ настапи

За време на кампањата, Венс се сметаше за важен амбасадор на кампањата - но, не без контроверзии. Набрзо откако тој стана потпретседателски кандидат на Доналд Трамп, повторно се појави интервју од 2021 година во кое тој ги опиша САД како земја управувана од „дами без деца со мачки“. Многу демократи, како и поп-ѕвезди, како Тејлор Свифт, ја осудија таа изјава.

Венс предизвика дополнителен бес кога на социјалните мрежи лажно тврдеше дека имигрантите од Хаити јадат кучиња во Спрингфилд, во неговата родна сојузна држава Охајо. Трамп подоцна дури го спомна лажното тврдење во ТВ-дебата со демократката Камала Харис. 

Во неговата телевизиска дебата против Тим Волц, Џеј Ди Венс, според критичарите, само тесно победи. Медиумите го опишаа неговиот настап како „измазнет“ (Политико), „јасен“ и „доминантен“ (Њујорк тајмс). Сепак, имаше една слабост во настапот на Венс: тој не дозволи да биде наведен да признае како Трамп ги загуби изборите во 2020 година од Џо Бајден - тема која Волц ја искористи за да му зададе удар на Венс. 

Џеј Ди Венс на телевизиски дуел со кандидатот за потпретседател на САД од Демократската партија, Тим Волц на 1 октомври, 2024 годинаФотографија: CHIP SOMODEVILLA /AFP/Getty Images

Венс - иднина на Републиканците

Како потпретседател, Џеј Ди Венс ќе има голема административна моќ. Како претседател на Сенатот, потпретседателот може да го даде одлучувачкиот глас во случај бројот на сенатори кои гласаат „за“ и „против“ да е еднаков со по 50 гласа. Исто така, потпретседателот може привремено да ги преземе сите претседателски должности во случај претседателот на САД привремено да биде онеспособен за работа.

Во секој случај, Џеј Ди Венс пристигна во центарот на моќта во Републиканската партија - неговите ставови за клучните прашања како што се правата на абортусот, имиграцијата и надворешната политика ќе бидат под строг надзор. Затоа што неговите позиции би можеле да го обликуваат правецот на Републиканската партија во ерата по Трамп.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми