1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Демонстрација на моќ: Руски воени маневри „Восток 2022“

Кристина Нагел | АРД
31 август 2022

И покрај војната во Украина, на крајниот исток на Русија од утре (01.09.2022) се одржуваат воените вежби „Восток 2022“. Ќе учествуваат повеќе од 50.000 војници од Русија, Кина, Индија, Белорусија, Таџикистан и Монголија.

На воените вежби „Восток 2022“ ќе учествуваат индиски и кинески војници
На воените вежби „Восток 2022“ ќе учествуваат индиски и кинески војнициФотографија: Getty Images/AFP/I. Mukherjee

Подготовките за големата воена вежба се во полн ек. Кинеските трупи веќе пристигнаа во регионот Приморје, на далечниот исток на Русија. Тоа се слики кои во целост се во интерес на Кремљ - тие нагласуваат колку стратешкото партнерство со Кина во меѓувреме станало блиско.

И Индија, уште еден партнер на кого руското раководство во моментов му придава голема важност, е дел од таа вежба. Исто како и Белорусија, Таџикистан или Монголија.

Според наводите на една руска државна телевизија, над 50.000 војници ќе учествуваат во вежбата „Восток 2022“, која се одржува во Сибир, на Далечниот Исток, во Охотското и Јапонското Море. Ќе бидат користени над 5.000 парчиња оружје и воена техника, меѓу останатото и 140 авиони и дронови, и 60 брода.

Маневрите „Восток“ се едни од најголемите кои ги организира Русија. Фактот дека Москва од тоа не се откажува и покрај борбите во Украина, може да се сфати како свесна демонстрација на воена моќ - на внатрешен, но и надворешен план, каде нејзината наводна сила се доведува во прашање. Главна цел на вежбите, соопштува Москва, е да се унапреди соработката за да се обезбеди заедничка безбедност во регионот.

Руски воени вежби со Кина и Иран во септември 2020 година (архивска фотографија)Фотографија: Dimitar Dilkoff/AFP/Getty Images

Јапонија протестира

Од гледна точка на Јапонија, попрво би требало да се зборува за еднострани безбедносни интереси, а не за заедничка безбедност. Токио протестираше против маневрите и побара од Русија да се воздржи од вежби во близината на Курилските Острови.

Но, Русија останува на своите барања и во тој регион. На крајот на јули, претседателот Владимир Путин потпиша нова поморска доктрина со која се дефинираат руските граници и зони на интерес на море. „Пред сѐ тоа се наши арктички води, води на Охотското и Беринговото Море, мореузите на Балтичкото Море и Курилските Острови. Ќе обезбедиме нивна заштита со сите средства“, рече Путин.

Москва сака да го прошири своето присуство на Арктикот, кого сега и НАТО сака да го има во видокругот. Меѓу останатото и поради потенцијалното членство на Шведска и на Финска во НАТО, рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, сака да го засили вооружувањето: до крајот на годината во рускиот Западен воен округ ќе се формираат, како што рече, 12 нови воени единици и одделенија.

Руси бегаат во Финска

01:20

This browser does not support the video element.

Значително зголемување на војската

Голем број нови задачи за руската војска - тоа би можело да биде објаснување зошто Путин минатата недела нареди од наредната година да се зголеми бројот на луѓе во војската. Се очекува севкупниот број на цивилен и воен персонал да порасне на над 2 милиона. И натаму е нејасно колку приближно од околу 137.000 дополнителниот воен персонал ќе бидат регрути или војници со договор и на кој начин би можело да се регрутираат доволно сили. Ниту пред војната, според министерот за одбрана, не биле 100 отсто пополнети сите позиции со договор. Засега нема официјални информации како тоа изгледа во моментов.

Нема доволно податоци ни колкаво би било зголемувањето на војниците доколку самопрогласените „Народни републики“ Луганск и Доњецк на референдумите гласаат за приклучување кон Руската Федерација и кога доброволните единици би се интегрирале во армијата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми