1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Заштитата на еврејскиот живот е граѓанска должност“

БЈ | АРД
23 октомври 2023

Масовен емотивен собир во Берлин: илјадници луѓе заземаа став против антисемитизмот и искажаа солидарност со Израел. Германскиот претседател Штајнмајер порача: заштитата на еврејскиот живот е „граѓанска должност”.

Франк-Валтер Штајнмајер: Ништо не е исто по 7 октомври
Франк-Валтер Штајнмајер: Ништо не е исто по 7 октомвриФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер изрази солидарност со Израел на големиот собир кој се одржа во неделата (22.10.2023) во Берлин и ги повика сите граѓани на заштита на еврејскиот живот во Германија.

„Тоа е задача на државата „но, и должност на граѓаните”, рече претседателот пред илјадниците учесници на митингот против антисемитизмот и за солидарност со Израел што се одржа кај Бранденбуршката капија. Тој замоли „навистина сите луѓе во нашата земја” да ја прифатат таквата должност.

„Ништо не е исто по 7 октомври“, рече Штајнмајер. Никогаш од Холокаустот наваму толку Евреи не се убиени во некој напад. Израел има право да се брани од таквиот терор, „а, Германија е цврсто на страната на Израел”, порача сојузниот претседател.

Штајнмајер имаше порака и за семејствата на киднапираните од страна на Хамас: „Ние Германците страдаме и се молиме со вас”. Германците сакаат да направат сѐ за да бидат ослободени заложниците, рече тој и воедно апелираше до киднаперите да ги ослободат недолжните луѓе.

Собирот на солидарност кај Бранденбуршката порта се одржа под мотото „Застанете против теророт, омразата и антисемитизмот – во знак на солидарност и сочувство со Израел“.Фотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Помошта за луѓето во Појасот Газа е „императив на хуманоста”

Со оглед на антисемитските испади во Германија во изминатите денови, Штајнмајер оцени дека е „неподносливо Евреите денес повторно да се плашат - посебно во оваа земја”. Исто така е неподносливо што еврејските родители веќе не си ги праќаат децата на училиште и што берлинскиот Меморијал на Холокаустот мора да го штити полиција. „Секој поединечен напад на Евреите и еврејските институции е срам за Германија”, рече претседателот.

Истовремено, како што нагласи, теророт ги погодува и луѓето во Појасот Газа, „чии интереси Хамас само се преправа дека ги застапува”. Терористите се тие кои Газа ја воведоа во деструктивна војна. „Ние мораме и ние ќе рабoтиме на заштитата на цивилиte; ним им се потребни хуманитарна помош и хуманитарни коридори. Тоа е императив на хуманоста”, нагласи Штајнмајер.

„Ако е потребно, мора да има депортации“

Генералниот секретар на Централниот совет на Евреите, Даниел Ботман, пред насобраните луѓе во Берлин повика на „повеќе од декларации на намери(...), повеќе од изрази на солидарност“. „Бараме акција“, рече тој. Неподносливо е еврејските родители да мора да се плашат за своите деца. Ботман истакна дека е горд на секоја еврејска заедница каде школото, градинката или синагогата останале отворени – „затоа што тоа е нивно право“. Ботман се изјасни и за поостри последици за антисемитизмот. „Секој кој извикува антисемитски пароли, а нема германско државјанство, мора да биде протеран, ако треба и депортиран. Секој кој има германско државјанство мора да биде строго казнет“, бара Ботман.

Според организаторите, на митингот во Берлин се собрале 25.000 луѓе; полицијата проценува дека имало 10.000 учеснициФотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Израелскиот амбасадор не сака веќе да чуе: „да, но…“

На масовниот собир зборуваше и израелскиот амбасадор во Германија, Рон Просор, кој обрна внимание на ширењето терор од Хамас. Често, вели тој, се слушаат предупредувања за пожарот предизвикан од блискоисточниот судир. Но, пожарот мора да се спречи и во Германија, „инаку теророт од Појасот Газа ќе стигне и до Германија”, рече амбасадорот земајќи ги предвид антисемитските инциденти и безредија во Германија од изминатите денови.

„Овие денови синагогите во Германија станаа мета”, вели Просор, а Давидови ѕвезди се исцртани по куќите во кои живеат Евреи. „Тоа не може да се толерира - нулта толеранција за било каков облик на антисемитизам”, извика Просор проследен со аплауз од присутните. Воедно тој најави: дека „сега мора да ја елиминираме комплетната инфраструктура на теророт во Појасот Газа - и кога тоа ќе правиме навистина веќе не сакам да слушам ’да, но’“, рече израелскиот амбасадор додавајќи дека  „овој пат мора да одиме до крај.“

СПД и Зелените предупредуваат на општа осуда на Муслиманите

На големиот митинг во Берлин зборуваа и германски политичари. Претставници на Демохристијаните и на Либералите се заложија за поостар курс во миграциската политика. „Во Германија имаме голем проблем со политичкиот Ислам чиј дел е и омразата спрема Евреите”, рече генералниот секретар на опозициската ЦДУ, Карстен Линеман. „Предолго ја вртевме главата на другата страна. Мора да ги интензивираме депортациите и да ја забавиме миграцијата на анти-семитите”, додаде тој.

Слична пораки имаше и Бијан Џир-Сарај, генералниот секретар на владеачките Либерали. „Мора многу јасно да зборуваме за прашања како што се емиграцијата и дефицитите во политиката за интеграција, тука мора да бидеме јасни”, рече Либералот. „Мора јасно даставиме до знаење дека луѓето кои ги отфрлаат нашите вредности нема што да бараат тука”, оцени тој и додаде дека е тешко да се поднесе што терористичките напади на радикално исламскиот Хамас се славеа на улиците во Берлин и заклучи дека „тие луѓе не ги сакаме овде”.

Шефицата на владеачките Социјалдемократи, Заскија Ескен во својот говор на митингот избегна да изнесе такви барања. Таа предупреди од паушално сомничење на Муслиманите. “Не смееме да дозволиме на десничарските екстремисти теророт на Хамас да го претворат во фундаментална омраза спрема Исламот”, рече Ескен. „Муслиманите кои живеат со нас не ја заслужуваат таквата омраза“, порача Ескен.

Лидерот на Зелените, Омид Нурипур, имаше слична порака. Најголемиот дел од Муслиманите во Германија го отфрла теророт од Хамас и тоа - нагласи тој - изричито го кажува како “Германец со муслиманска вероисповест”.

Како во Германија се реагира на теророт во Израел

01:38

This browser does not support the video element.

Според полицијата- 10 илјади учесници

Собирот на солидарноста е одржан под мотото „Застани против теророт, омразата и антисемитизмот - во знак на солидарност и сочувство со Израел”. Собирот го организираа широк сојуз на различни иницијативи, партии, цркви, синдикати, здруженија наработодавците и Централниот совет на Евреите.

Зборуваа и роднини на заложниците, како и претставници на партиите, црквите и верските заедници. Многу од луѓето носеа израелски знамиња, а можеа да се видат и ирански и курдски знамиња, како и транспаренти со слогани од типот „Стоп на теророт над Евреите!“ Исто така можеше да се прочита и „Тагувам со роднините на израелските жртви – и цивилните жртви меѓу Палестинците”.

„Времето истекува“

Една од роднините отпеа роденденска песна на сестра си која Хамас ја киднапирал заедно со нејзиното дете. „Не знам каде е, не можам да ја прегрнам“, рече жената. „Времето истекува - и за мојата сестра и за повеќе од 200 луѓе во заточеништво во Газа”, рече таа.

А, еден маж кому му ги киднапирале ќерката и жената, рече: “Сакам да им кажам на ќерка ми и жена ми: држете се, ве молам, ве сака тато, не се плашете, прегрнете се. Нашата љубов ќе победи, ќе се вратите во моите прегратки”.

Според организаторите, на собирот присуствувале 25 илјади лица. Берлинската полиција која имаше голем број свои сили распоредени на лице место, проценува дека на митингот имало околу 10 илјади учесници. Според портпаролката на полицијата, немало посебни инциденти, ниту проблеми.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми