1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европска иднина во сенка на политички конфликт во Македонија

8 мај 2026

Судир меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за евроинтеграцијата. Во фокусот се уставните измени, односите со Бугарија и политичката одговорност за застојот во процесот.

Знамиња на Македонија и ЕУ (20.07.2022)
Европска иднина во сенка на политички конфликт во МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Во пресрет на Денот на Европа, политичката сцена е обележана со жестоки препукнувања и меѓусебни критики меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМоколу европската иднина и евроинтеграцијата на земјата. Фокусот се префрли на уставните измени, односите со Бугарија и политичката одговорност за застојот во процесот. 

Филипче: Никој нема право да го блокира европскиот пат 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во поткастот „Риштази“ на Коха порача дека Мицкоски нема право да го блокира европскиот пат на два милиона граѓани. Тој нагласи дека членството во ЕУ е повеќедецениски стремеж на државата и граѓаните.

„Како има тој човек право да го запре повеќедеценискиот пат на државата? Од каде му е тоа право?“, изјави Филипче, обвинувајќи ја власта дека нема политички ниту морален легитимитет. Тој додаде дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ со своите политики ја оттурнува државата од евроинтеграцијата, со што, според него, се ограничуваат придобивките за граѓаните и се зголемува изолацијата.

Според него, реформите се невозможни без усогласување со европското законодавство и интензивни преговори со Европската Унија.

Обвинувања поврзани со Бугарија и уставните измени

Од СДСМ реагираа и на изјавите на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој истакна дека во моментов нема услови за уставни измени.

Според опозицијата, ова е контрадикторно со претходните најави на Владата за исполнување на реформската агенда и напредок во европскиот процес. „Наместо да ги спроведува реформите, Владата создава конфликти со Бугарија за да го оправда застојот во евроинтеграцијата“, велат од СДСМ.

Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја кочи реформската агенда

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со остри критики, обвинувајќи го СДСМ и Филипче дека водат политики спротивни на националните интереси.

„СДСМ и Филипче повторно покажуваат дека за нив најважно е враќањето на власт, дури и по цена на нови отстапки“, се наведува во партиското соопштение.

Дополнително, од партијата обвинија дека СДСМ ја кочи реформската агенда во Собранието и дека декларативно се залага за евроинтеграција.

ВМРО-ДПМНЕ го критикува Филипче дека покажува подготвеност за уставни измени и отстапки кон Бугарија, и покрај, како што велат, негирањето на македонскиот идентитет од бугарска страна. Од партијата посочуваат дека токму договорите од минатото, вклучително Преспанскиот договор и Францускиот предлог, ја довеле државата во застој во евроинтеграцијата.

Европската иднина во сенка на конфликт

Жестоките препукнувања следат откако премиерот Христијан Мицкоски деновиве во пресрет на изборот на новата бугарска влада, изјави дека не очекува подобрување на односитесо Бугарија, предупредувајќи на можноста за дополнително влошување.

Амбасадорот Михалис Рокас деновиве испрати јасна порака: Македонија треба да ги унапреди реформите, да ја зајакне регионалната соработка и да остане на курсот кон заедничка европска иднина.Фотографија: EU Delegation Skopje

Според него, постојат домашни политички и општествени структури кои, како што рече, се подготвени на отстапки што ја ослабуваат позицијата на државата.

Амбасадорот Михалис Рокас деновиве испрати јасна порака:со силна јавна поддршка за членство во ЕУ, Северна Македонија треба да ги унапреди реформите, да ја зајакне регионалната соработка и да остане на курсот кон заедничка европска иднина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми