Ден на победата: Апасиев кај Путин, Стоиљковиќ кај Баздникин
8 мај 2025
Дел од македонската опозиција во Москва, а власта со свеченост во Скопје ќе го одбележи 9 мај - Денот на победата над фашизмот. Додека низ Европа на 8 мај се организираат паради и низа настани за да се одбележи 80-годишнината од победата над фашизмот во Германија, Северна Македонија традиционално на 9 мај ќе го одбележи Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа со положување венци на партизански гробишта Бутел во 10.30 часот.
Свеченоста за Денот на Европа, на којашто ќе се обратат претставници на Владата е во организација на Министерството за одбрана. Премиерот Христијан Мицкоски нема да присуствува на свеченоста, бидејќи е на пат во наредните два дена. „Патувањето е од приватна природа“, велат од Владата за ДВ.
Апасиев на парада кај Путин, Стоиљковиќ кај Баздникин
Претседателот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев замина на Воената парада во Москва за да го прослави 9 мај – Денот на победата над фашизмот. На парадата говор ќе има рускиот претседател Владимир Путин.
Апасиев на социјалните мрежи објави дека е во официјална посета на Руската Федерација на покана на претседателот на Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ), Генадиј Зјуганов Како што соопштија од партијата, во рамки на одбележувањето на јубилејните 80 години од победата над фашизмот, Апасиев одржал говор во Паркот на победата во Москва, каде што истакнал дека Левица се бори против историскиот ревизионизам и ги брани вредностите на антифашистичката борба.
„Нашите дедовци, партизаните, се бореа рамо до рамо со народите на Советскиот Сојуз против заедничкиот непријател. Во борбата против фашизмот бевме обединети и таа солидарност е основа на нашата историска поврзаност, која сме должни да ја зачуваме“, рекол Апасиев.
Во контекст на современата меѓународна нестабилност, тој вели дека особено е важно да се зачува историската вистина и да се спротивставиме на обидите за историски ревизионизам. „Победата од 1945 година е победа на антифашизмот и победа на човештвото. Наша должност е да ја пренесеме оваа вистина на идните генерации, да го зајакнеме мирот заснован на почит, еднаквост и солидарност меѓу народите“, потенцирал Апасиев во својот говор.
Во Скопје, пак, пред споменикот „9 мај“, во чест на Денот на победата над фашизмот и 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна, свежо цвеќе положија амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, високи претставници од кинеската амбасада, како и голем број гости.
„Овој споменик го дава единствениот вистински одговор – доброто секогаш победува над злото, а вистината триумфира над лагата. Така било и така ќе биде секогаш во историјата, без разлика на тоа кој и како се обидува да го промени тоа. Победата во пролетта 1945 година над античовечкиот, агресивен и криминален хитлеровски режим е јасен доказ за тоа. Добро е сите да го запомнат ова“, вели Баздникин.
На 6 мај - во пресрет на 80-годишнината од Победата во Големата Татковинска војна од 1941-1945 година - во Музеј на град Скопје свечено беше отворена историско-документарната изложба „Патот кон Големата Победа“, а на настанот присуствуваше вицепремиерот Иван Стоилковиќ, претставници на МПЦ-ОА, градоначалници и директори на државни институции.
Паради низ Европа
Европа веќе ја започна прославата на 80-годишнината од Денот на победатанад фашизмот со разни свечености и паради.
Со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, на 9 мај 1945 година беше ставен крај на Втората светска војна.
Денот на Европа е воспоставен како ден на сеќавање на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во настанувањето на ЕУ.