Ден на жалост и на протести во Србија
1 ноември 2025
Студенти и граѓани на Нови Сад и од цела Србија денеска со шеснаесетминутен молк одбележаа една година од падот на настрешницата од реновираната зграда на Железничката станица, кога загинаа 16 луѓе, а едно лице беше тешко повредено.
Десетици илјади луѓе се собраа кај железничката станица, како и на околните булевари, а според проценките на известувачите од теренот, ова е најголемиот собир во историјата на Нови Сад. За време на молкот, во воздух беа пуштени 16 црвени балони во спомен на жртвите, како и бели гулаби.
Потоа настапи комеморативен хор, кој ја отпеjа песната „Сè е исто во мојот крај, само мене повеќе ме нема“. Потоа следеше положување венци, по што ќе следуваат говори на студентите.
Долги колони граѓани се упатија денеска околу 10:30 часот од 16 различни локации во Нови Сад кон Железничката станица, каде што во 11:52 часот се оддржа 16-минутниот молк во спомен на годишнината од трагедијата.
Граѓаните се движеа во тишина, а на чело на секоја колона носеа венци и цвеќе, како и црн транспарент со мотивот на настрешницата и бројот 16.
Колоните беа предводени од трактори, а беа обезбедувани од сообраќајната полиција.
Голем број граѓани од рано утрото доаѓаа до железничката станица во Нови Сад, каде што им оддаваа почит на загинатите во падот на настрешницата.
Бројни студенти стигнаа пеш до Нови Сад
Синоќа пак, по неколкудневно пешачење, илјадници студенти пристигнаа во Нови Сад за да присуствуваат на комеморативниот собир. Прва која влезе синоќа во Нови Сад беше група студенти од Нови Пазар, по 16 дена и поминати околу 400 километри.
Други студенти и граѓани, кои патуваа во Нови Сад од различни делови на Србија пеш или со велосипед, пристигнаа во главниот град на Војводина. Најдолгата колона беше онаа која тргна од Белград.
По пристигнувањето, студентите, заедно со граѓаните на Нови Сад, пешачеа по Булеварот на ослободувањето до железничката станица, каде што запалија свеќи и положија цвеќе. Студентите положија 16 бели венци со имињата на загинатите при падот на настрешницата. По тоа, им оддадоа почит на 16-те жртви со шеснаесетминутно молчење.
Студентите од Нови Сад, домаќините, им ги предадоа клучевите од градот и медалите на своите колеги од други универзитети. Тие, исто така, разменија универзитетски знамиња со нив.
Студентите на Правниот факултет повикаа на собири и блокади во Белград
И земјоделци со трактори пристигнаа синоќа во Нови Сад. Во колоната има повеќе од десетина трактори и тешка механизација, а на секој од нив има знамиња на Србија и здруженија на земјоделци.
Студентите на Правниот факултет во Белград во блокада ги повикаа граѓаните кои не можат да бидат во Нови Сад да се соберат во Белград во 11:52 часот и да ги блокираат раскрсниците во близина на Правниот или Земјоделскиот факултет со цел да се одбележи една година од смртта на трагично настраданите во Нови Сад.
„Да застанеме. Да се потсетиме. Да не заборавиме“, се вели во објавата на Инстаграм.
Во Србија, 1 ноември 2025 година е прогласен за Ден на жалост
Владата на Србија во петокот објави дека 1 ноември е прогласен за Ден на жалост: „Владата на Србија донесе Одлука за прогласување Ден на жалост по повод годишнината од смртта и страдањето на граѓаните поради уривање на конструкцијата на Железничката станица во Нови Сад. За денот на жалост се одредува 1 ноември 2025 година“, се наведува во соопштението.
Денот на жалост започна во петок на полноќ и завршува во сабота на полноќ.
„Радио станиците и телевизиите треба да ја емитуваат одлуката за прогласување на ден на жалост и програмата за негово одбележување донесена од надлежниот орган на Србија, да ја информираат јавноста за комеморативните собири организирани од надлежните органи по повод денот на жалост, а наместо да забавни, фолклорни и други емисии со забавна и народна музика, да емитуваат музика и емисии соодветни за денот на жалост и да ја усогласат деталната програмска шема за време на денот на жалост“, беше наведено.
Дневните весници се должни да ги печатат своите страници во црно-бела боја на денот на жалост, наведувајќи ја на првата страница одлуката за прогласување на ден на жалост и прогласувањето на неговото одбележување. Музеите, театрите, кината, организациите кои имаат музичко-сценски програми, архивите и другите институции од областа на културата се должни да ги прилагодат своите програми на денот на жалост, се додава.