1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Џенет Јелен, Кина и глобализацијата

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
10 април 2024

Американската министерка за финансии Џенет Јелен беше во Кина со цел да ги олесни односите меѓу двете земји, кои се економски конкуренти. Но, основата за бизнис не е како што треба, смета Александер Герлах.

Американската министерка за финансии Џенет Јелен со вицепремиерот на Кина, Хе ЛифенгФотографија: Pedro Pardo/AFP

Посетата на американската министерка за финансии Џенет Јелен на Кина откри пред сѐ едно: ерата на економска глобализација заврши. Јелен побара од своите кинески соговорници да престанат да го преплавуваат светскиот пазар со своите производи.

Кина го преплавува светот со неспоредливо евтини батерии, соларни панели и електромобили. Владетелот Ши Џинпинг со тоа сака да ја стимулира заслабената економија на својата земја. Ова значи пресврт на економската политика, бидејќи кинескиот пазар всушност треба да ја развие сопствената куповна моќ толку многу што Кина веќе не би била зависна од остатокот од светот.

Но, од тоа не излезе ништо. Пандемијата и разорните локдауни кои произлегоа од тоа, со кои Ши и неговата номенклатура го угнетуваа населението, го направија населението во Кина трајно несигурно. Покрај тоа, пукна балонот со недвижности. Луѓето веќе не веруваат во ветувањето на Комунистичката партија за просперитет. Парите што им останале ги чуваат - потрошувачката како патриотска должност е нешто на што моментално ретко кој помислува. Ши Џинпинг, од друга страна, смета дека финансиските стимулации, даночните олеснувања или паричните подароци за домаќинствата се дело на ѓаволот. Наместо тоа, тој сака да го повтори успехот што Кина го имаше пред четвртина век - земјата повторно треба да стане фабрика на светот.

Александер ГерлахФотографија: privat

САД и Европа мора да ги заштитат своите пазари

Но, САД веќе имале лоши искуства со тоа. На почетокот на векот Вашингтон го поддржа приемот на Кина во Светската трговска организација. За таа цел, САД се согласија на договор: евтините производи од Кина чинат локални работни места, но во исто време американските потрошувачи уживаа во евтините производи од Народната Република. Но, за време на нејзината посета, министерката за финансии Јелен јасно стави до знаење: САД нема повторно да толерираат губење на работни места. Се проценува дека во тоа време биле загубени околу два милиони работни места.

Вашингтон со право го обвинува Пекинг дека ја нарушува конкуренцијата преку евтини недвижности и државни кредити. Во исто време, САД и Европската унија самите започнаа програми кои инвестираат многу во зелената технологија и вештачката интелигенција. За да ги заштитат овие инвестиции, Европа и Америка ќе мора да ѝ се закануваат на Кина со нови царини за нејзините евтини производи. Џенет Јелен не сака да зборува за тоа во моментов. Но, се размислува во оваа насока, а тоа е многу далеку од оптимизмот на ерата на глобализацијата дека невидливата рака на пазарот за чудо ќе ги избалансира сите интереси.

СТО одлучува за субвенциите на Кина

Кина во меѓувреме има изградено производствени капацитети кои можат да се натпреваруваат со глобалната конкуренција во однос на знаењето и ефикасноста. Таа прерасна во вистински конкурент и предизвик со кој треба да се соочи, на пример, Германија - земја со автомобилска индустрија и машинско инженерство. Но, Комунистичката партија не произведува веќе според правилата на пазарната економија, туку според државни капиталистички правила: државните банки даваат кредити на (делумно) државни компании. Половина од произведената стока се испраќа на глобалниот пазар. Тука е разликата од субвенциите и инвестициите што американскиот претседателЏо Бајден ги постави за САДво Законот за намалување на инфлацијата. Тие служат за консолидирање на американската економија и имаат за цел првенствено да им служат на самите САД. Не се планира преплавување на светскиот пазар со американски производи.

И САД и Европската унија, како и Бразил и Мексико, сакаат да поднесат жалба до СТО против практиките на Кина за субвенционирање. Но, ЕУ изрази и загриженост дека субвенциите во САД ќе чинат работни места во Европа. Ова не остана незабележано од релевантните власти во Пекинг - затоа тие поднесоа жалба против Вашингтон.

Според пишувањето на медиумите, Џенет Јелен имала топло добредојде во Кина. Учесниците во разговорите се согласиле да останат во контакт. Барем засега, администрацијата на Бајден и раководството на Ши не сакаат ескалација на ситуацијата. Сепак, тие не ги решија незгодните прашања, бидејќи веќе не е усогласена нивната основа за бизнис - светогледот на една глобализирана економија, чии правила ги контролира и санкционира Светската трговска организација. Таа веќе не е поддржана од политика која во многу делови од светот е сè понационалистичка и поизолационистичка.

Александар Герлах е виш соработник на Советот Карнеги за етика во меѓународни односи и вонреден професор на школата Галатин на Универзитетот во Њујорк, каде што предава теорија на демократија. По престојот во Тајван и во Хонг Конг, овој регион во светот, особено подемот на Кина и што тоа значи за демократските држави во Азија, стана централна тема на неговата научна работа. Бил на различни позиции на универзитетот Харвард и на универзитетите во Кембриџ и Оксфорд. Александар Герлах живее во Њујорк и Берлин.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми