1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот на 70 осто Албанци

5 декември 2024

Традиционално, хомогенизацијата кај Албанците се случува оддолу, спонтано, кон нагоре, реактивно, саморегулаторно и реформски настроено кон албанските партии.

На прославата на Денот на албанското знаме дојде доо дивеење и сквернавење на македонското знамеФотографија: picture-alliance/AA/F. Abdula

Кој ги организираше масовните прослави на Денот на албанското знаме ширум земјата? Среде сите честитки и осуди, остана неодговорено ова клучно прашање, кое е побитно од сите калкулирани, изнудени, извештачени политички пост-фестум паради и изјави со предвидливи нијанси во деновите по прославата. ВЛЕН и ДУИ во првичните реакции сакаа да си ја превземат заслугата и истата ја претстават како манифестација за нивната моќ и поддршка. За ден подоцна, соочени со напливот на огорченост од македонската „јавност” да ретерираат и да се повлечат од бивање знаменосци.

Во обидите преку моите познати да дознам кој стоеше зад прославата, главно наидував со дигнати рамења и индикативни полушеговити одговори дека организатори се „ВМРО и Гордана”. Како и аргументи дека „протестите и палењето на знамето не беа против Македонците, туку против ВМРО”. Се разбира, не треба многу толкување дека таквите одговори имплицираат контрареакција на предизборната албанофобна кампања на сегашната власт, користејќи ги истите аргументи на Мицкоски и Сиљановска.

Паметам поводи во кои масовноста на прославите кај Албанците биле можеби уште поголеми, како прославата на стогодишнината на независноста на Албанија, на протестите во поддршка на Косово, на Тетовскиот универзитет итн. Но тоа секогаш било со или јубиларен или протестен обединувачки мотив. Овојпат, чинам, енергијата која бликна со неочекувана популарност, е нешто сосема поинакво и досега незабележано.

Мал показател за духот кој провејува во албанското општество

Настрана бројноста на младите низ улици со знамиња, преплавени социални мрежи и сеопшта празнична атмосфера, она што лично ми остави најголем впечаток е еден друг, мал детаљ кој ме вчудоневиди. По првпат, на мојот мобилен добив честитки од пријатели, роднини и познати ем непознати за Денот на знамето, бројно двојно повеќе од вообичаените СМС честитки за Среќен Бајрам или Среќна Нова Година. Мал, но индикативен и илустративен показател за позадината на манифестацијата, но и духот кој провејува во албанското општество.

Колку и да се трудат партијците од ВЛЕН и ДУИ, колку и да се наметнува наратив дека во позадина стојат мрачни сили и агентури, реално прославата беше спонтан масовен излив на гордост и почит кон албанското знаме. Особено од младата генерација, особено урбаните слоеви. Заморот од катадневната канонада на плуканки и блуења помеѓу ВЛЕН и ДУИ, заморот од катадневни обиди за ширење раздор и сектаријанство, акумулираниот гнев од сите кампањи на навреди од милјето на ВМРО и СДСМ, на крај изнудија одговор изнедрен во желбата - токму според зборовите на химната - Албанците „околу знамето сплотени” да ја демонстрираат самопочитта и достоинството. Оттаму, би можело да се каже дека организатори на прославата се оние 65 или 70 отсто Албанци кои не гласаат. И со масовноста ја објавија сопствената изборна определба.

Како што најавувавме, манифестацијата беше само надворешна демонстрација и потврда за процесот на етничка албанска хомогенизација кој се одвива и цементира како реакција на етничката хомогенизација во македонскиот камп. Сепак, мора да се признае дека иако процесот беше очекуван, она што е изненадувачки е интензитетот и недискриминирачката раширеност низ сите пори на ошштеството. Факт кој воедно го вознемири македонскиот кампус, но и загрижи албанскиот двоец ВЛЕН-ДУИ кои час по прославата разбраа дека е упатно да се запрашаат колкаво  - ако воопшто – влијание имаат врз Албанците, особено младите генерации.

Во поширок контекст, прославата на Албанците е надополнување на последните изборни резултати во Црна Гора, во Босна и Херцеговина, доминацијата на Курти во Косово и враќањето на Сали Бериша во Албанија. Заедничкиот именител на кои е отфрлањето на мимикријата на насилно наметнување „граѓански концепт” врз не-србите и не-македонците и паралелно, непречено наметнување и прифаќање на српскиот и македонскиот национализам како граѓански тотем на обединување. Таа реакција може да се критикува како национализам, може да се слави како освестување. Но во крајна линија таа е секако протест како против неалбанските политики, така и кон албанските партии кои поради приватни интереси ги влечкаат Албанците те кон национализмот, те кон гранѓанштината, те кон која било идеологија на денот која им одговора на другите, но не ги претставува и не ги почитува автентичните потреби и барања на гласачите.

Заканите со репресија од страна на Мицкоски-Панчевски, мавтањето со полициски пендреци не е аргумент на кој младите Албанци ќе се повинат, туку во него ќе ја препознаат мотивацијата и решителноста на сопствените родители и претци. Обидите на ВЛЕН да вината ја препознаваат и префрлаат секаде, сем врз сопствената снисходливост и полтронство кон ВМРО, само ги потсетува Албанците за сличните епизоди од минатото кога Ахмети или Тачи слабоста кон ВМРО-СДСМ ја камуфлираа преку чаталење и јуначење помеѓу себе. Молчаливоста на САД и ЕУ кон редицата понижувачки политики кон Албанците, неминовно ги заглувува ушите на Албанците за сите нивни елабоации од опасноста на национализмот.

Процесот на хомогенизација кај Албанците ќе продолжи

Етничката хомогенизација кај Македонците, традиционално од времето на Црвенковски, Груевски па и денес од Мицкоски, Филипче, Заев, следеше „од горе”, по командна одговорност проследена надолу кон медиумите, академијата, економијата со премолчана, но осетлива поддршка од програѓанските дипломатии отуѓени од реалност на средината во која работат. Традиционално, хомогенизацијата кај Албанците се случува оддолу, спонтано, кон нагоре, реактивно, саморегулаторно и реформски настроено кон албанските партии. Во ВЛЕН нема мисловни капацитети и морални р’бети кои правилно ќе ги протолкуваат и разберат пораките на младите Албанци кои воопшто не ги тангираат цифрите со кои Меџити, Таравари, Касами мислат дека ќе ја купат наклонетоста.

СДСМ пак веќе одамна во очите на Албанците ја нема аурата на „има таму мудри глави”, туку според изборот на Заев се смета како кванташка партија која според квалитетот на кадри и експертиза е можеби и под нивото на понудата на ДУИ. Истото уште повеќе важи и за ВМРО која се воздигна врз паролата „професионалност а не етникум”, за да на крај понуди ептен јаки професионалци од типот на Панчевски, Бојан, Божиновска. Мицкоски која калкулираше дека со аларми за дестабилизација ќе ги обележи и скроти Албанците, ќе се наметне пред Западот како гарант на мирот и воопшто ќе фрли боенка врз сопствената природа на „утилитарно македонство” по мерка на Вучиќ и Орбан, на крај се соочува со млатење дневни закани со апсења на интегративци. Што се повеќе се толкува како понуда за трговија „амнестија за Груби, амнестија за Кочо”. Но искуствата од регионот покажуваат дека никој веќе не прифаќа апсења на политички ривали како доказ за прореформски курс. Онака како што Рама мораше да апси сопствени заменици-премиери, онака како што Вучиќ мораше да апси сопствени министри, кредибилитетот на заканите на Мицкоски се голема пушка со ќор куршуми се додека кабинетските функции му ги определува Белград, а не неговата премиерштина.  

Како и да е, процесот на хомогенизација кај Албанците ќе продолжи. Би рекол, со несмалено темпо, но интензитетот манифестиран на 28 ноември укажува дека и моите проценки, сепак, биле конзервативни. Онака како што хомогенизацијата кај Македонците се одвиваше со акламативна подршка, така и хомогенизацијата кај Албанците ќе врви независно и непречено од „идејно-политичките диференцијации" кампањи на македонските партии и „јавност” или пак од глумењето „конструктивна кооперативност” на комромитираните ДУИ и ВЛЕН. Младите Албанци не ги покренаа овие процеси, туку реагираа од нужда и како реакција на корупцијата на партиските раководства. А оние кои што дипломатски смислено или политички малоумно го премолчуваа причините и поводите за истата, денес како да се во земја пропаднати. Белким освестени за колку навистина веќе тежи нивниот глас во пустината Балкан. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми