1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Денот потоа

6 октомври 2022

Постојат повеќе мотиви кои упатуваат на тоа дека и покрај сите развиени знамиња и распеани труби, сепак употребата на нуклеарната моќ ќе остане само моќна но нереализирана закана. Пишува Арсим Зеколи

Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Доколку вонземјаните имаат намера да не освојат, би било убаво што побргу да нагазат на ворп-педалата и да побрзаат кон сината убава точка наеречена Земја. И со тоа да ја стават на тест замислата на Роналд Реган за раскараниот свет, одеднаш обединет против некоја надворешна закана. 

Човештвото напати било соочено со нуклеарни експлозии по оние во Хирошима, Нагасаки и Чернобил. Вистина, во повеќето случаи станувало збор за технички неисправности по хангари, компјутери или авионски несреќи и само еднаш како резултат на потенцијално експлозивни политички тензии, како што беше Кубанската криза од 1962 година. Во меѓувреме, светот беше принуден да живее во сенка на нуклеарната закана и неколку минути далеку од печуркастиот облак на хоризонтот, како што предупредува таканаречениот часовник на судниот ден. 

Моето претчувство е дека и покрај сите развиени знамиња и распеани труби, сепак употребата на нуклеарната моќ ќе остане само моќна но нереализирана закана. Но пречувствата или интуииците не припаѓаат и немаат место во реал-политичкиот свет, ниту можат да бидат основа за оценување на мотивите за (не)употреба на нуклеарната бомба со која се заканува Владимир Владимирович. Затоа, да се осврнеме кон можните мотиви за воздржување и – скраја било – несогледивите последици на нејзината употреба.

Повеќе од авторот: Огнена група на огнената линија

Првиот мотив за неверување се базира на премисата дека Руската Федерација, како секоја друга нуклеарна сила, има педантно прецизен, одговорно превентивен протокол за нуклеарното вооружување. Во кој Врховниот командант е човек на финалната одлука, со огромна, но сетики не и бескрајна, самодеструктивна сила. Колку и да е непопуларно да се каже во оваа зовриена атмосфера, и колку и да не сакам да звучам како стих од Стингова песна, тешко ми е да поверувам дека во сиот протокол нема безбедносни механизми за спречување на лансирање нуклеарка од страна на еден единствен лик. Ниту пак дека среде сета таа генералска и воена свита нема ликови на кои љубовта кон животот и свеста или совеста за последиците доминира повеќе отколку апетитот за деструкција и нечесна, срамна, пирова кукавичка ‘победа' од безбедна дистанца.

Ескплозија на нуклеарна бомба на островот Муруроа, 1971 годинаФотографија: dpa/picture-alliance

Убиствена деструкција  

Искуството со Хирошима и Нагасаки потврдува дека користењето на нуклеарни бомби е убиствено деструктивно, но тоа не подразбира дека самата употреба води кон пораз. Империјална Јапонија беше разорена со нуклеарните бомби, но продорот на Црвената Армија кон Јапонија беше финалниот удар по кој следеше и финалната капитулација. Употребата на нуклеарно оружје во сегашниот случај би довело до разорни ефекти во Украина, но тоа не подразбира и крај на војната. Напротив, за очекување е дека на ударот ќе се возврати со арсенал радиоактивни орудија во широк распон и со географски и временски далекусежни ефекти по самата Русија и нејзиното население. 

Употребата на нуклераната бомба, од било кој калибар, подразбира создавање на нуклеарна завеса на територија на која нема да може да се живее барем стотина години. И како таква, прерасне во смртоносен граничен коридор помеѓу Русија и Европа, неутрализирана за користење во случај на напад кон Русија, но и во случај на повлекување од Русија кон Европа. Ефективно, Русија моментално станува политички, безбедносно, транспортно, економски отсечена од Европа, преориентирана кон нестабилниот југ и отсечена од Медитеранот. Притоа, треба да се напомене дека ова е сценарио во кои не се вклучени можностите за контра-удар со нуклеарно или конвенционално оружје на другите регионални или глобални сили.

Повеќе од авторот:  Кукавичките снајпери над Приштина и Белград

Што се однесува до Европа, досегашната западно-европска морализаторска политика кон САД од шеесетите ќе добие источно-европска критична маса против француско-германската политика на упокојување и историската империална schadenfreude подземна матрица на однос кон помалите народи. Самата војна ги извлече на површина историските сомнежи на источна Европа за идеите на Франција или Германија кон Русија и патерналистичкиот однос кон земјите на прв удар на империјалните побуди на Москва. Досегашниот однос кон Втората светска војна како политички, цивилизациски, морален граничник ќе бидат збришани и заменети со датумот на нуклеарниот холокауст во кој разбирањата за било каква чемберленовштина ќе бидат далеку помали отколку оние за Британија по мај 1945 година. Идеолошки, тоа секако ќе подразбира и целосна реконфигурација на либерализмот и десничарството изградено како подтекст на руско-американските односи и поставеноста на пост-воените европски земји кои имаа најголем политички и економски бенефит од сојузништвото со САД. 

Кинеската дилема  

На глобално ниво, ефектот на нуклеарното оружје ќе биде капката која ќе реши дали Русија ќе биде одбележана како држава-отпадник, исфрлена од ООН или пак цената ќе биде рушење на ООН со одлука на САД, Европа, Австралија, Јапан, Канада да ја напуштат организацијата и со тоа да ја сведат на банално срамен клуб на подржувачи на холокаустот. Во таков случај, Русија секако би била спремна да плати таква цена, што не може со сигурност да се каже и за Кина или Индија. Како поради сопствените взаемно нерешени односи и потреба за кредибилен мултилатерален арбитар, така и поради сопствениот престиж во глобални рамки како сили во подем кои го почитуваат меѓународниот поредок. Секоја земја ќе биде принудена да се подвргне на своевиден морално-политички тест на подобност преку не само вербално, туку и конкретно изјаснување за односот кон Русија. Лагодноста на досегашното дипломатско гласање на Ист Ривер ќе стане предмет на басни, кога земјите преку сопствениот став кон Русија ќе се соочат со опасноста од преседанот или опасноста да кон нив бидат употребени оние аршини кои Русија ги користи кон Украина.

Руска интеконтинентална балистичка ракетаФотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP/Getty Images

Повеќе од авторот:  Македонија е во НАТО, Скопје сѐуште не

 

Институционалниот предизвик пред кој ќе се најдат земјите членки на ООН е само епизода од комплетното преиспитување на меѓународните инструменти за обезбедување и гарантирање мир, стабилност, доверба и соработка. Употребата на нуклеарно оружје во и против Украина ќе биде дрзок предизвик и долга, мрачна сенка на секој договор и гаранција дадена од САД, ЕУ, токму благодарение на примерот со разоружувањето на Украина по стекнувањето на независноста. Во таков случај, ионака разнишаната доверба во одржливоста на гаранциите од страна на западните сили, ќе биде ничкосана во очите на десетици други народи и во историја на иднината. Моралната амплитуда на гаранциите ќе биде или сведена на наоружување на соседите на Русија со нуклеарно оружје или пак тивко реформатирање на самата смисла на договорите и гаранциите.

Кина е земјата која ќе биде приморана да се соочи и справи на уште потежок начин од САД и ЕУ во случај на нуклеарна детонација врз Украина. Бидејќи токму Кина е земјата која во 2013 година склучи билатерален договор со Украина со кој Пекинг дава гаранции во случај на воен или нуклеарен напад врз Украина. Потпишан во времето на про-рускиот претседател на Украина Виктор Јанукович, целта на таквите невообичаени безбедносни гаранции беше да преку нив се прати порака до Јапонија, Тајван, Јужна Кореја за моќта на нивниот нуклеарен арсенал. На крај, како што САД, ЕУ се докажаа не толку визионерски во односот на независна Украина, така и постапката на Кина фрла сенка на долго негуваниот меѓународен имиџ како земја која планира двеста години во иднина. Сепак, за разлика од САД и ЕУ кои потпишуваа во време на Јелцин и Гобачов, во случајот на Кина дилемата е поболна поради кусогледоста демонстрирана во времето на Путин.

Беше недела, 20 ноември 1983 година кога на американските телевизиски екрани се емитуваше филмот „Денот потоа” за нуклеарниот напад врз САД. Повеќе од 38 милиони Американци ја следеа премиерата на филмот кој ги потресе и Роналд Реганд и Врховната Команда на американската армија. Филмот потоа ќе биде прикажан и во Кина, Северна Кореја, Куба. Среде сите потресни сцени на експлозии, деструкција, смрт, уништување, филмот никогаш не даде одговор – кој прв лансираше нуклеарки? Воздржаноста од идентификување на тој прв чекор беше и се уште треба да биде клучниот превентивен механизам кој спречува превземање на најсмртоносниот акт во историјата на човештвото. Останува надежта дека единствената следна детонација на нуклеарки ќе биде следното лето, низ кино салите во кои ќе се прикажува новиот филм на Крис Нолан за Опенхајмер, таткото на нуклеарната бомба. Со надеж дека Путин ја знае напамет и нема да се поистовети со хиндустичката поговорка, изустена од Опенхајмер на 16 Јули 1945 година. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми