Депониите чадат - Скопје се гуши
10 септември 2025
Скопје среде лето се гуши во чад и миризба на запалена гума, откако се активираа пожарите во депонијата Дрисла и на Вардариште. Станува збор за континуиран проблем со палење на депониите, не само во главниот град, што резултира со секојдневно загадување на воздухот, почвата, водата и околината.
Екологистите и граѓанските здруженија алармираат дека граѓаните кои живеат во близина на депониите, се изложени на штетни гасови, чад и канцерогени честички кои се ослободуваат при палењето на отпадот. Медицински лица постојано предупредуваат за последиците по здравјето, особено на децата. Станува збор за проблем кој се провлекува со години наназад воМакедонија, но ова лето достигна до алармантно ниво.
Дрисла гори - Вардариште тлее
Веќе два дена чадот од Дрисла го отежнува дишењето на жителите во главниот град. Направени се противпожарни појаси за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата. Според првиот човек на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, има индиции дека пожарот е намерно предизвикан.
Депонијата Дрисла е лоцирана во југоисточниот дел од градот Скопје на оддалеченост од 14 километри од центарот на градот. Проценките се дека во неа се депонирани 3.837.252 тони отпад.
Изминатиот период во неколку наврати гореше и депонијата Вардариште во близина на скопската населба Лисиче. И за дел од овие пожари постоеја сомневања дека се намерно подметнати, а беше отворена и истрага за загрозување на животната средина со отпад. Жители на општина Аеродром со денови се на улица каде протестираат и ги блокираат раскрсниците, барајќи конкретни мерки за решавање на проблемот со загадувањето од „Вардариште“.
Со огради и камери против потпалувачите
Од иницијативата „Стоп за Вардариште“ бараат итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата и континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР или припадници на АРМ за спречување нови палења. Исто така се бара поставување ограда околу целата депонија, поставување камери вклучително термални на повеќе точки низ Вардариште кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7.
„Бараме итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата Вардариште, согласно еколошките стандарди. Потребно е формирање на независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста и целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад“, порачаа од „Стоп за Вардариште“.
Тие наведуваат дека според официјални податоци уште од 2014 година, на локацијата се претпоставува дека биле депонирани околу 2.500.000 м3 отпад. Точното количество на отпадот не се знае, како ни неговиот состав.
„Анализите укажуваат на високо загадена и контаминирана средина, како и дека покрај комунален е складиран и индустриски отпад. Резултатите од мониторингот уште во 2013/2014 година укажувале на многу негативно влијание врз животната средина, особено врз подземните води. Ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови“, се вели во нивната објава на Фејсбук.
Предупредувањата на здравствените работници се дека хроничната изложеност на чад од депонии има големо негативно влијание врз здравјето на граѓаните, а особено на децата. Долготрајната изложеност на PM2.5 и токсични гасови носи ризици од астма, хроничен бронхитис и инфекции на дишните патишта, како и до воспалителни процеси.
„Симболи на распадот во системот за отпад“
Кандидатката за градоначалничка на Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, вели дека по Вардариште, пожарот на Дрисла ги докрајчи жителите на Скопје. Таа критикува дека нема никакво системско решение за управување со отпадот, додека ризикот по здравјето на скопјани расте секој ден. .
„Проекти како ’парк на Вардариште’ се класичен пример за краткорочен популизам, кој не допира до суштината на проблемот. Вардариште и Дрисла станаа симболи на хаосот во управувањето со отпад – хаос што ВМРО-ДПМНЕ не знае, не може и не сака да го реши“, вели таа.
Таа предлага конкретно и одржливо решение за Вардариште и за управувањето со отпадот во Скопје: итно оградување и заштита на просторот на Вардариште, со контролиран пристап исклучиво за службите на комунална хигиена, како и воспоставување 24-часовно физичко обезбедување за спречување пожари и вандализам. На среден и долг рок се размислува за изградба на нова претоварна станица според европски стандарди, како дел од систем за целосно управување со отпад – од собирање, преку селекција, до финално депонирање во Дрисла.