1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Депониите со мешан отпад се едни од најризичните

13 септември 2025

Додека Скопје се гуши од непријатна миризба и чад, експерти во разговор за ДВ велат дека директното депонирање, без претходна обработка и селекција на отпадот е основната причина за зголемениот ризик од појава на пожари.

Врани и штркови на депонија во Романија
Има примери во светот кога пожарите во депониите траат со години, вели МираковскиФотографија: Cristian Ștefănescu/DW

Чадот и маглата кои деновиве обвија делови од Скопје, предизвикаа силна вознемиреност кај населението. „Виновниците“ за овој случај, депониите Дрисла и Вардариште, веќе се под набљудување на полицијата и приватно обезбедување за да спречат евентуално намерно палење, но тоа не ги смири реакциите. Двете депонии, поради близината до главниот град, освен чад и магла емитуваат и остри мириси поради што граѓаните се загрижени дека може да им наштетат на здравјето.

Професорот по индустриска вентилација и ректор на универзитетот „Гоце Делчев“, д-р Дејан Мираковски, кој е и раководител на лабораторијата за мерење на загадувачи во воздухот АМБИКОН, во изјава за ДВ вели дека депониите за мешан комунален отпад се едни од најризичните објекти од аспект на појава на пожари кои тешко се контролираат и може да траат многу долго.

„Има примери во светот кога пожарите во депониите траат со години. Причина се процесите на биолошкото распаѓање на органскиот отпад - остатоци од храна, земјоделски и градинарски отпад, кои резултираат со ослободување на метан (CH4). Метанот е екстремно запалив гас, кој ако не се дренира од депонијата преку соодветни системи за евакуација, може да се акумулира во шуплините, а во комбинација со топлината и големата количина на лесно горливи материјали како пластика, текстил, хартија, дрвен отпад и секако органските материи, може да го засили и одржува горењето многу долго време“, вели тој.

Депонијата Дрисла е лоцирана во југоисточниот дел од градот Скопје, на оддалеченост од 14 км од центарот. Се простира на површина од 76 хектари, со проектен капацитет од 26.000.000 метри кубни депониран комунален отпад. Не веб-страницата на ЈП Дрисла е наведено дека во проектната документација е планирано дека истата ќе биде наполнета за околу 30 години, но во досегашната експлоатација од 26 години, истата е исполнета до 55 % од вкупниот капацитет. Тоа според претпријатието укажува на фактот дека следните 30 години има начин на депонирање, без претходна селекција и искористување на отпадот. Во досегашната експолатација од 26 години, во депонијата се депонирани 3.837.252 тони отпад.

Мајката на скопскиот био отпад

03:47

This browser does not support the video element.

Пластиката гори како хартија

Но, наспроти таквите оптимистички проекции скопјани се соочија со мини хаварија во Дрисла. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, во петокот вечерта (12.09.) во изјава за медиумите дадена во близина на депонијата изјави дека во отпадот има и горен слој од пластични шишиња кој е дебел 1,5 метри. Ангелов извести дека има пожар и на депонијата Шутка, која е исто така во близина на Скопје.

Професорот Мираковски вели дека пластиката претставува гориво, исто како што е и хартијата. „Директното депонирање, без претходна обработка и селекција на отпадот, како што е случајот со Дрисла, е основната причина за зголемениот ризик за појава на пожари. Процесите на хемиска оксидација и егзотермни реакции помеѓу киселини и метални материјали, растворувачи и други реактивни хемикалии, исто така претставуваат значителен ризик и може да бидат причини за појава и засилување на пожарите. Секако и надворешните фактори, како искри од опремата, површински пожари, а неретко и намерно потпалување, се честа причина за појава на овие пожари“, посочува тој.

Професорот д-р Зоран Шапуриќ, некогашен министер за животна средина и просторно планирање, во изјава за ДВ потсети дека уште од времето додека тој ја извршуваше функцијата (2005) е усвоен Првиот национален план за управување со отпад, при што била предвидена изградба на осум современи регионални депони, по една за секој плански регион, за потоа да се предвидат 6 регионални депонии, а со последниот план, вели, се предвидени пет регионални депонии.

„Овие депонии всушност требаше да бидат фабрики за преработка на отпад, каде собраниот отпад ќе се преработува, а само она што не е соодветно за преработка, да се депонира. За жал досега ништо не е направено и ниту една депонија во државата не исполнува ниту ЕУ ниту национални стандарди“, изјави тој за ДВ.

Селото што сака отпад

01:48

This browser does not support the video element.

Вардариште со експлозивна смеса

Пребарувањето по историјатот на депониите покажува дека за дивата депонија Вардариште, која е на околу 7 км од центарот на градот и е лоцирана на левиот брег на реката Вардар, под индустрискиот комплекс „Металски завод Тито", уште во 2014 година, по нарачка на Град Скопје била направена физибилити студија, каде било утврдено дека Вардариште е „богата“ со тешки метали. Исто така, во физибилити студијата е наведено и дека има и депониски гасови, па истражувачите уште тогаш апелирале да се внимава на можно формирање експлозивна смеса и запалување на депонијата. Но очигледно изостанала грижата.

Шапуриќ нагласува дека за санација на Вардариште е надлежен градот, но и државата, вели тој, мора да се вклучи во решавање на овој огромен проблем, а исто така и општините кои добиваат висок процент од заедничките локални давачки со градот. Тој посочува дека и за јавно-приватното партнерство во Дрисла постојат лоши искуства.

„За евентуално јавно-приватно партнерство во Дрисла треба добро да се размисли бидејќи имаше еден многу неуспешен проект, во многу нетранспарентна постапка,  каде приватниот инвеститор со години собираше профит, а не вложи ништо во осовременување на депонијата“, додава Шапуриќ.

Делови од Скопје и во петокот (12.09.) вечерта се гушеа во непријатна миризба а продолжија и протестите на незадоволните граѓани. Додека траеше протестот, во населбите Лисиче, Ново Лисиче и Аеродром повторно можеше да се почувствува миризба на запалено ѓубре и пластика. Директорот на ДЗ Ангелов, во телевизиско гостување рече дека состојбата варира и оти чадот веројатно се спушта поради падот на притисокот.

Во разговор за ДВ, професорот Мираковски објаснува дека дисперзијата на честичките и пожарните гасови во просторот зависи од многу фактори, брзина и правец на ветар, висината на мешање или граничен слој на мешање, и други фактори, чија интеракција е комплексна и се анализира со посебни математички модели.

„Доколку атмосферата е стабилна и нема ветер, гасовите поради нивната повисока температура, може да се рашират и да се задржат во одреден простор подолг период. Но бидејќи со ширењето се намалува нивната концентрација, колкав простор ќе зафати облакот, колкава е нивната концентрација во конкретниот случај навистина е тешко да се одговори едноставно и без анализа“, нагласува тој.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми