1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетдневна битка за спас на Галичица

ДТЗ
15 август 2024

Непристапниот терен, ветрот и големиот број детонации од неексплодирани гранати ја отежнуваат битката со огнот на планината Галичица.

Македонија Пожари
Пожарите низ македонска територија траат непрекинато веќе неколку неделиФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Десетина дена трае битката за спас на планината Галичица, која што секојдневно гори пред очите на жителите на Охрид и Преспа. Пламените јазици кои почнаа да се спуштаат кон населените места предизвикаа страв и неизвесност на двете страни од планината. Непристапниот терен, ветрот и големиот број детонации од неексплодирани гранати ја отежнуваат битката со огнот. Додека Националниот парк трпи огромни материјални и еколошки штети, доброволци се упатија кон планинските врвови за да го спасат она што остана недопрено од пламените јазици. 

Чадот од Галичица со денови се чувствува во воздухот, особено во вечерните часови кога тешко се дише. Пожарот се шири на исток во правец на селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарска куќа. Огнот е избувнат на надморска височина од над 2.000 метри и деновиве е видлив особено кај Љубаништа. 

Во гаснењето на пожарите учествуваат хеликоптери и специјални авиониФотографија: Tomislav Georgiev/Xinhua/picture alliance

Опасност од експлозии

Волонтери од Планинската спасителна служба при Црвен крст и Алпинистичкиот клуб „Патагонија“, заедно со припадници на ренџерската служба на Националниот парк Галичица од почетокот се на терен, обидувајќи да се изборат со огнената стихија. Но, деновиве пожарот почна опасно да се шири, поради што е побарана дополнителна помош од сите страни. На доброволците кои заминуваат во гаснење на пожарите им се советува да внимаваат на бројни неексплодирани гранати коишто можат да се забележат на теренот.

„Пожарот навлезе во буковите шуми на исток, запад и север, а последните три дена, волонтерите сместени во планинската куќа Спиридон постојано се на терен и 24 часа го контролираат развојот на огнот со цел подготвување на подобар план за дејствување следниот ден“, соопштија од ЦУК.

Пристапот до терените што горат е возможен само со најмалку два часа пешачење. Во моментот, се делува со рачно обезбедување на заштитни појаси во шумските предели за што дополнително вклучени се поголем број доброволци планинари и ловци од Охрид и Ресен. Дејствуваат и хеликоптери кои помагаат во гаснење на огнот. 

Апел да не се шири паника

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, апелираше да не се шири паника. На социјалните мрежи сподели информација дека пожарот на планината Галичица од македонска страна е под контрола и нема опасност по населените места и населението кое гравитира на овој потег. Ова се последните информации од екипите коишто се на терен.

„Во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хелихоптери од страната на Охрид и од страната на Преспа. Очекувано е во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух.Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна, каде што има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато. Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налет на огнот експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии“, вели Пецаков.

Според информациите на ЦУК, во текот вчерашниот ден имаше вкупно 49 пожари на отворен простор, од кои во моментов 12 се активни, 7 се под контрола и 30 се изгаснати. Се уште гори во Општина Македонски Брод, Кочани и Македонска каменица, Ресен, Долнен, Кичево,Маврово-Ростуше, Општина Новаци, Битола, Општина Пласница, како и Македонски Брод, каде има активни пожари повеќе од 20 дена. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми