1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деспотовски: Улога на опозицијата не е само гола критика

25 ноември 2024

Ако лекцијата беше научена, прво што партискиот врв ќе направеше - ќе излезеше со едно извинување до сите кои ни веруваа, нѐ поддржаа и се бореа за нас, вели Јован Деспотовски, член на СДСМ.

Јован Деспотовски СДСМ
Јован Деспотовски вели дека неприсуството на конгресот не било по негова желбаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нова визија, нов почеток, нова сила, одлична енергија... Ова се само дел од пораките на социјалдемократите по вчерашното продолжение на 29-иот и одржаниот 30-ти Конгрес на партијата, на кој партискиот претседател Венко Филипче најави отворена врата за сите кои ѝ мислат добро на партијата. 

„Оваа партија не е ничија лична сопственост. Ниту на Бранко, ниту на Заев, ниту на Владо, Радмила, Димитар, а најмалку моја! Секој од нив низ годините ја носеше тежината на времето и одлуките, но и гордоста на партијата. Затоа СДСМ не смее и нема никого да заборави. Како лидер секогаш ќе подадам рака, ќе отворам врата за сите кои и мислат искрено добро на партијата. Ќе соработувам со сите за да се спротивставиме на лошите политики на власта“, порача Филипче.

Од споменатите поранешни челници на СДСМ, на вчерашниот Конгрес присутни беа двајца - Димитар Ковачевски и Владо Бучковски. Но, не присуствуваа и голем број истакнати социјалдемократи. Еден од нив е и Јован Деспотовски, член на СДСМ, кој досега бил член на партиско претседателство во три мандати до 2017 година и секретар за меѓународна соработка. Вели дека неприсуството не било по негова желба.

„Не присуствував на Конгресот. Би додал, за жал. Изостана покана и како гостин, што може да говори дека ставовите на актуелниот партиски врв за градење на единство во СДСМ остануваат празни зборови“, вели Деспотовски.

Вчерашниот 30-ти Конгрес на СДСМ беше најавен како пресвртница во делувањето на партијата, а за изборниот пораз, Филипче рече дека „тој пораз не е крај, туку шанса за нов почеток“. Вината за поразот ја лоцираше кај сите. 

„За поразот не смее да ја шминкаме релноста, ниту да си префрламе одговорност секој на секого. Сметам дека е праведно, конечно сите да се убедиме и да прифатиме дека од различен агол сите сме виновни. Точно е, некој повеќе некој помалку, но секој на совеста го носи товарот дека во моментот нашата СДСМ се соочува со огромен предизвик за враќање на доверба на граѓаните“, порача претседателот на СДСМ.

Венко Филипче најави отворена врата за сите кои ѝ мислат добро на партијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Се игра на картата „кратко паметење"

Го прашавме Деспотовски - дали пораките од Конгресот индицираат дека во СДСМ се научени лекциите за грешките од претходниот период?

„Не изгледа така. Барем не според реакцијата на јавноста, на граѓаните, но и на нашите сопартијци со кои секојдневно комуницираме“, вели тој.

„Членовите на СДСМ, но и граѓаните бараат јасно да се дефинира одговорноста за поразот. За изневерените очекувања и надежи. Па, на тоа да се гради нова структура, нова политика и пораки. Она што добија е континуитет, за кој луѓето веќе се изјаснија, и тоа во огромен број - против. Добија сосема погрешно, би рекол и избрзано заострување на реториката кон нашиот политички опонент. Актуелниот партиски врв остава впечаток дека веќе игра на карта на ‘кратко паметење на луѓето', што не е само погрешно, туку и има потенцијално штетни последици на долг рок“, вели членот на СДСМ.

Според него, граѓаните можеби се окупирани со своите секојдневни проблеми, ама воопшто не се ни прости ни глупави.

„Празни, популистички ветувања и предлози нема да го покријат впечатокот дека сме имале и повеќе од доволно време самите да ги реализираме. Впечатокот на неспособност и на подреденост само опстојува повеќе од она што е потребно. Ако лекцијата беше научена, првото за што партискиот врв - како континуитет на предходното време ќе направеше - ќе излезеше со едно извинување до сите кои ни веруваа, нѐ поддржаа и се бореа за нас“, вели Деспотовски.

Меѓу „впечатокот“ и „наследството“

Филипче вчера отворено проговори за одредени грешки, но со фрази што може да индицираат одредена релативизација. Едната грешка, на пример, ја обландираше со фразата „впечаток на јавноста“.

„Не смееме да го занемариме впечатокот на јавноста дека бевме сервилни кон коалициските партнери. Тие ја злоупотребија нашата широчина, демократскиот капацитет на владеење и посветеноста, како и инклузивноста во работата на владата“, рече Филипче.

Другата ја опиша како „прифатени лоши навики, што претходната влада ги оставила во наследство“.

„Не само што не се справивме до крај со криминалот и корупцијата на нашите претходници, туку за жал, и некои функционери од нашите влади со задоволство прифатија лоши навики, кои претходната влада ги остави во наследство“, рече претседателот на СДСМ.

Филипче: За поразот не смее да ја шминкаме релностаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Повика сите случаи на корупција и прекршување на законите да бидат третирани од страна на надлежните државни институции во објективна и независна постапка, со порака дека СДСМ нема да дозволи селективна правда и политички прогон.

Според негова оценка, ВМРО-ДПМНЕ ја турка Македонија во нова ера на режимско владеење и партизацијата на институциите, систематски планира да ја уништи независноста на судството, да го зароби медиумскиот простор и дека Македонија е заглавена на патот кон ЕУ поради недостиг од акција на актуелната влада. 

„Тие се истите лицемери кои себеси се нарекуваат народни, а никогаш немаат храброст да го подметнат грбот во клучните моменти за државата. Секогаш бегаат од одговорност и се кријат во своите комфорни зони. Биле и ќе останат политички кукавици“, рече Филипче за ВМРО-ДПМНЕ.

И за критика треба да се има образ

Ако е ова е првиот лакмус за идното дејствување на партијата, што покажува тој?

„Од оваа перспектива, јасно е дека актуелниот партиски врв прифати опција за перманентен, заострен конфликт со ВМРО-ДПМНЕ“, оценува Деспотовски.

Деспотовски: Ако лекцијата беше научена, првото за што партискиот врв - како континуитет на предходното време ќе направеше - ќе излезеше со едно извинување до сите кои ни веруваа, нѐ поддржаа и се бореа за насФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Според мене, тоа е погрешно и во спротивност со пораката која ја добивме од избирачите на последните избори, и спротивна на интересот на членовите на СДСМ. Улогата на опозицијата не е само и исклучиво гола критика на власта. Па, и критиката, односно образот за правото да критикуваш, треба да се ‘заработи'. Тоа се прави кога ќе оставиш впечаток дека си реален. За тоа што не е добро во државата - да се каже, ама и за она што е во ред за поширок круг на граѓани - да излеземе и да го поздравиме. Само така ќе почнат повторно да нѐ слушаат и ќе нѐ разбираат. Конкретно, и во самата трка за претседател, бев јасен дека СДСМ може и мора да гради политика на соработка со сите партии, вклучително и со ВМРО- ДПМНЕ, за клучни прашања од национален интерес. Луѓето тоа го бараат од нас. Пропуштивме тоа да го направиме како власт, ама мораме и можеме и сега. СДСМ е пред сѐ политичка партија, и една од двете најголеми во Македонија. Па потоа, времено, е опозиција. Мора да разбереме дека сето она што сега ќе се направи добро за луѓето, прво е добро и за нас и нашите семејства, а ќе остане добро и кога ќе бидеме повторно власт“, посочува Деспотовски.

Новата програма – патоказ

На Конгресот беше избрана нова заменик - претседателка на СДСМ - Фани Каранфилова Пановска и нови членови на Централниот и Надзорниот одбор.

Новата програма на СДСМ, која потоа новото раководство на СДСМ треба да ја преточи во конкретни мерки, закони и проекти, Филипче ја опиша како „патоказ за праведно развиено и демократско општество“, каде основа на социјалдемократските заложби се солидарноста, правдата и еднаквоста.

„Ароганцијата ќе биде заборавена. Ќе ја закопаме длабоко под земја“, порача ФилипчеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на СДСМ порача дека секој што ќе биде дел од партијата и од раководните структури треба да им служи на членовите ни граѓаните.

„Ароганцијата ќе биде заборавена. Ќе ја закопаме длабоко под земја", порача Филипче.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми