1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дестабилизација? Полека Даскале, има ред

8 август 2024

ДУИ и дестабилизацијата се прокетираната пречка која обезбедува елаборација за неможноста од испорачување на светлата иднина и на „Македонија, повторно твоја“. Пишува Арсим Зеколи.

Македонскиот премиер Христијан МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Најголемиот предизвик на Христијан Мицкоски секако не е СДСМ. Не се ни ВЛЕН и притаените груевистички Јунис Брутуси со раце зад грб во Белата Палата. Тој би сакал да не убеди во спротивното, но предизвикот не се ни ДУИ, ни Грците, Бугарите. Неговиот најголем предизвик и сабјата врз глава е неговата предвидливост која го следи уште од дипломатското предупредување „навистина би купиле половен автомобил од овој?!” Елем, што воопшто има кажано, кој потег има повлечено Мицкоски во постизборието за кое сите со трошка доблест одпрва не знаеја дека е измама - уште во предизборието? По таа основа, Мицкоски не е отклон, туку следбеник по стапките и постапките на Зоран Заев или Али Ахмети. Во смисла на компензацијата на интелектуалната ограниченост субституирана со итроманска експлоатација на емоциите.

Пристапот на Мицкоски кон политиката е типична локална верзија на глобалната десничарска пазарџиска стратегија базирана врз експлоатација на емоцијата и капитализација врз фатализмот. Неговата стратегија „повторно твоја” беше копирана верзија на Make America Great Again или Брегзитштината Take Back Control на експлоатација на сегашноста и импонирање на песимизмот за иднината. Бидејќи, основата на сите три кампањи не е во нудењето надеж за иднината, туку во експлоатација на демографијата (застарено гласачко тело) преку носталгијата и маркетиншко подметнување на себе (а не идејата) како единствен браник кон неизбежната, судбински мрачна иднина.

Маркетиншкото пакување настрана, основата на трите кампањи не е базирана врз оптимизмот за „враќање на минатото”, туку врз потствесното хранење на јавноста со депресија за иднината. Депресија која не може да се излечи, туку се пригушува преку бескрајни дози на Прозак проекти за погранични зидови, имиграцијски сопки и коњоводи кон прослави без публика.

Очекуваната предвидливост на депресивниот Мицкоски денес се надоврзува со дневнополитички Прозаци за јавноста инфицирана од депресијата на лидерот. Ветената милијарда спадна на „јадица” или „контролен пакет” од петсто милиона евра. Ветеното „ќе видите што ќе им правиме на Грците, Бугарите, Албанците” се сведе на кавга со сопствената сенка. Економскиот процут ретерира во плачење и правдање за празни фондови. И врв на се, се чини дека граѓаните овојпат имаат поздраво сеќавање за дадените ветувања отколку што очекуваше и се надеваше Даскалот.

Проектирана пречка

Време е, морално е, егзистенцијално е пред се Мицкоски да најде спас во мили непријатели. Поточно, во ДУИ персонално. И дестабилизацијата, тематски. Согласно тоа, ДУИ и дестабилизацијата се прокетираната пречка која обезбедува елаборација за неможноста од испорачување на светлата иднина и Македонија, повторно твоја. И евентуално прифаќање на „бугарскиот диктат” преку некоја нова „шетаме пред бугарска амбасада, дивееме пред албанска чарпија” патрдија. Контекстуално, тоа е само првиот од редицата изговори кои ќе следат во месеците пред нас, надградувани и проширувани со се поголем број аргументи и изговори за невозможноста на испорачување на ветеното.

Сепак, се согласувам со Мицкоски дека дестабилизација неминовно ќе следи. Она во што не сум согласен е редоследот.  Премиерот најавува дека ДУИ спрема дестабилизација некаде претстојната есен. Но нештата не врват така во реалполитиката. Дестабилизацијата може и извесно ќе уследи следната пролет, додека пак есента ќе следи она што веќе започна летово. А тоа е хомогенизација, како логична реперкусија на етничкото единство. Предупредувањето од Мицкоски, затоа, не е некаква државничка обсервација туку е повеќе гневна декларација „се молат интегристите да не прават вмровски работи”.

Дневнополитички е сосема логично Мицкоски опасноста од дестабилизација да ја префрла на сметка на ДУИ. Но реал-политички, проблематичноста на состојбата е во тоа што хомогенизацијата на Албанците не се одвива по желба на ДУИ или инает на ВЛЕН (или обратно) туку како општествена реакција на споделен, реактивен и дефанзивен сентимент предизвикан токму од Мицкоски и Сиљановска, лично, духовно и системски. Во таа состојба, ДУИ и ВЛЕН се можеби скарани, а сепак (не)свесно сплотени дека иако тие не се креаторите и двигателите на тековната хомогенизација, на крај тие ќе морат да се соочат со тоа кој од двете групации ќе се стави на чело на таа нова енергија. Или пак, заедно. Оттаму, зошто Мицкоски мисли дека токму ДУИ ќе предизвика дестабилизација? Зошто мисли дека ВЛЕН нема да посака да излезе надвор од неговите предвидливи пресметки и самозалажувања?

Седиштето на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

Македонскиот дел од општеството можеби се уште верува во моќта на обвинувањата за Соравија корупцијата на ДУИ, но во албанскиот дел таа кампања на катранисување веќе не потресува никого. Напротив! Вревата за овој или оној корумпиран интегривец е веќе ставена на кантар за тивкиот молк на македонските медиуми за Анѓушев, Вице Заев, Камчев, Јанушев, Филипче и безмалку половината од ВМРО министрите со цифри далеку поголеми од оние на внуците на Ахмети или екс-министрите на ДУИ. Затоа, предизвикот од Мала Речица да се повика странска експертиза за комплетната криминал-коруптивна ЕКГ слика „ни по баба ни по стрико” е далеку поефективна, позначајна и предизвикувачка отколку спиновите на Мицкоски за дестабилизација. Очекуваниот изговор „си имаме закони и судови ние” тешко дека ги има убедено самите вмровци и неминовно има предизвикано саркастични насмевки низ странските амбасади. Кои секако бараат акција за Мерко, но подеднакво – извесно и многу повеќе – за Анѓушев.

Дух на хомогенизација

Ваквиот пристап веќе има предизвикано длабоки, се уште прикриени, премислувања во албанскиот кампус. Во ДУИ во форма на темелно преиспитување зошто одредени интегративци се трн во око на македонските партии и медиуми, додека пак некои други (не помалку корумпирани) се чини дека се под некаква чудна закрила, одбрана и симпатија на истите македонски партии и медиуми. Од другата страна, доскора дискретните преиспитувања во ВЛЕН веќе прераснуваат во полугласни негодувања, особено откога одредени нивни првенци почнаа да врз сопствена кожа го чувствуваат гнојот на омразата кој доскоро низ македонската „јавност” беше исклучиво резервирана за ДУИ. А притоа, и во рамките на ВЛЕН се насетува таа „дискриминација” помеѓу прифатливи и неприфатливи корумпирани функционери од страна на ВМРО, СДСМ и „јавноста”.

Следствено, во духот на хомогенизацијата како реагенс на националното единство, пристапот на заткулисни врски како пандан на јавни пресметки (доскора ексклузива на македонските партии) веќе почнува да се аплицира и во односите помеѓу албанските политички партии. Особено во круговите кои иако во различни кампови, се на иста мета на фронтална атака на македонскиот естаблишмент. Притоа, следејќи ги постапките на ВЛЕН, интегративците неволно но заздравувачли влечат поуки и лекции за сопствените превиди и наивности. Од другата страна, секоја недела помината во владините коридори, им овозможува на ВЛЕН да поасално, пореално ја разберат позицијата на ДУИ и ја рехуманизираат нивната севкупна улога во политичките и други односи во земјата.

Заедничката поука која – донекаде јавно, повеќе интимно – е извлечена од ВЛЕН и ДУИ е дека нивната заложба за евроинтеграции не се смета како придонес, туку како слабост. Дека нивната коректност во односите со Грција или со Бугарија е земена здраво за готово, како од ривалските македонски партии и јавност, така и од дел од меѓународната заедница. Воопшто, судејќи според размислувањата од двете партии, албанските политичари разбираат дека нивните обиди и усилби за факторизација на Северна Македонија преку зачленување во НАТО или ЕУ се разбрани и интерпретирани како целосна (само)дефакторизација на албанската политика и албанците воопшто. Занесеноста на ВМРО-СДСМ во таквата лажна претстава, засилена со come de habitude лежерноста на делови од западната дипломатија во Скопје се мотивот кој ги принудува албанските првенци да се соочат и ја прифатат реалноста дека вистинската мерка и вредност за нивниот удел во стабилност на Северна Македонија во последните дваесетина години е потсетувањето дека дестабилизацијата е инзудена прагма на реал-политиката. Впрочем, токму кампањата на отворена албанофобија со години диктирана од македонските партии и медиуми како вовед во предизборието – и премолчано толерирано од САД и ЕУ – е примерот кој ја јакне и импонира определбата на албанските партии да потсетат дека дестабилизацијата по форма и начин никогаш не е унилатерална и статична. И најмалку од се – предвидлива.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми