1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Детето, старите и магијата на приказните

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
21 септември 2026

Нашиот прв допир со светот на фантазијата е секогаш во детството, но восхитот за раскажувањето, за создавањето нови приказни е можеби уште позначаен во староста.

Магијата за раскажување приказни е значајна и за децата и за возраснитеФотографија: Ute Grabowsky/photothek/picture alliance

Восхитеноста од приказните, од самиот чин на раѓањето на приказните, не е само магијата на детството. Иако нашиот прв допир со светот на фантазијата е секогаш во детството, восхитот за раскажувањето, за создавањето нови приказни е можеби уште позначаен во староста. Дали сме останале „млади” и во длабоката биолошка старост, сведочи најдобро нашиот восхит и нашата жед за приказни. Таа детска жед ја познава секоја писателка и секој писател, од мигот кога во него почнува да се раѓа новиот расказ, новиот роман. А има и такви кои и во длабока старост остануваат вистински врутоци на фантазијата. Од нив приказните, зборосликите, расказите и бајките, воопшто, неисцрпната фантазија, пребликнуваат со леснотијата со која блика водата на планински извори. Тој поток на фантазијата и во староста  меандрира, лесно и бестежински, небаре се движи по музиката на клавирските сонати на Моцарт.

Не го знаев уште Моцарт кога, како дете, ги слушав приказните на нашата најегзотична стара сосетка, загадочната стара Скопјанка, заталкана случајно во егејската дијаспора на крајот на градот. Толку беше загадочна, што никој никогаш не дозна  колку години има. Игриво и лесно, таа во самракот ни раскажуваше приказни за најдалечни светови  и за најфантастични нешта. А ние во сето тоа верувавме, како да беше пореално од реалноста. Дури како возрасна, кога со преселбите по земјотресот ја изгубивме трагата на нашата тетка Васка, сознав дека таа ниту една приказна не ни ја раскажа двапати, со идентична содржина. Таа, всушност, прикзаните за нас децата ги содаваше во мигот кога ќе седнеше или ќе клекнеше пред нас децата.  За да биде на иста висина со нас, зашто и ние со радост долго клечевме. Тогаш ќе запалеше цигара и, држејќи ја уште младешки елегантно, иако прстите и‘ беа искривени од артритисот,  таа стануваше извор од кој пребликнуваа најчудните приказни. Од нив понекогаш ни мрзнеше крвта во жилите од напнатост и страв. Меѓутоа таа секогаш успеваше да ја насочи блескавата вода од врутокот на нејзината фантазија кон среќен крај. Тогаш, спокојни и среќни, одевме да спиеме.

Во просторот на слободата на фантазијата е се‘ можно

Мислам дека мојот восхит за раскажувањето, за создавањето на тој чудесен свет на литературата, во мене го разбуди нашата во секоја смисла загадочна стара комшика. Додека синиот дим на цигарата се извиваше пред лицето на старицата, со усните нацрвени со  најцрвениот кармин како во филм на Фелини, чувствував дека таа ја знае тајната, невидлива врата која води во светот на децата и на приказните.

На тетка Васка мислев подоцна додека одев со внука ми во детската градинка. Секогаш едната од нас почнуваше со фикционална, измислена приказна, а другата ја продолжуваше. Така ја создадовме нашата приказна за „Коболтот Леополд“, волшебното џуџе кое беше видливо само за нас двете. Всушност, ткаењето на приказната заедно со внука ми, го  направи за мене уште пожив процесот на создавањето на секој нов роман. Јас и внука ми влегувавме  буквално во просторот на фантазијата кој беше царството на нашето итро џуџе Леополд, за да станеме, за миг, и самите невидливи. Тоа чувство го има сигурно секоја писателка и секој писател додека ги создава ликовите во приказната на новиот роман. Кога започнувам нова приказна, со секој нов ден поминат со пишување, за мене станува се‘ пореален просторот во кој таа се одвива. Така секој ден влегувам во него, штом ќе почнам да пишувам, и  го напуштам, кога на крајот на денот прекинувам да запишувам. Иако во умот приказната продолжува да блика! 

Приказната за тоакако се родил ликот “Пипи Долгочорапка” е прочуенаФотографија: AP

Во тој простор на слободата на фантазијата е се‘ можно! Токму затоа е толку значајно на децата не само да им се читаат книги од најмала возраст, туку заедно со нив да се создаваат приказни и, секако, да им се раскажуваат. Така, како што тетка  Васка ни раскажуваше во нашето детство. Не е воопшто чудно зошто писателки како Астрид Линдгрин или нашата Оливера Николова, на сличен начин го опишуваат светот на творечката фантазија во кој се раѓаат приказните. Тие, имено, не го беа заборавиле детскиот восхит за нив. Линдгрен  ги доживуваше приказните како магичен  мост кон земјата на фантазијата, кој лекува и дарува радост. Прочуена е приказната како се родил ликот “Пипи Долгочорапка”. Во  1941, нејзината болна ќерка побарала да и‘ раскажува за Пипи Долгочорапка, а од тој миг почнале пред очите и ушите на болното дете, во гласот на мајка и‘  да се раѓаат чудесните  приказни за девојчето кое живее само во големата куќа, заедно  со коњот и со мајмунот. Во годините кога светот беше обседнат од мракот на Втората светска војна, Линдгрен им помагаше на децата стравот да го победат со восхитот за фантастичниот свет на приказните за најчудното девојче во светот. Не зачудува што неколку години подоцна таа изјави дека „сака да пишува само за една група која може да прави чуда. Само децата можат, читајќи, да прават чуда.”

Сите тајни во невидливата земја на фантазијата

Неколку месеци пред да почине, Оливера Николова, нашата чудесна македонска Астрид Линдгрен, ми напиша дека „виори прелетуваат низ нејзината глава”. Виори беа безбројните приказни кои барале да бидат  раскажани и запишани.

Не само Оливера Николова, туку и Влада Урошевиќ го сочува восхитот за приказните и во староста. Кај Влада Урошевиќ  таа предаденост на раскажувањето, на силниот вруток на фантазијата, прави човек да помисли дека тој воопшто не старее, можеби затоа што умее светот  уште да го гледа како чудо, со очите на децата. Затоа што длабоко во себе го сочувал детето   во себе постојано живо. За тоа сведочат романите „Маџун” и „Невестата на змејот”. Особено денес, кога светот на социјалните мрежи е препоилн со омраза и агресија, на децата да им се открие светот на фантазијата и на творечката слобода, со тоа што тие заедно со нас, возрасните, ќе создаваат приказни, за нив ќе остане најскапоценото искуство од детството. Бидејќи сите ние сме пораснати со приказните на нашите баби за самовилите, за волшебните извори со лековити води, за магични нешта во кои веруваат само децата и даровитите творци. Мојата прабаба Софка, слично на Астрид Линдгрен, ни раскажуваше долги приказни кога бевме болни, а ние верувавме дека токму тие сториле брзо да оздравиме. Зашто ни беше доволно да ни ја раскаже приказната за самовилите што ги видела кога во самрак била на изворот да наполни вода. Бидејќи во детската фантазија ние веќе ја вкусувавме таа вода и верувавме дека е лековита. За тоа сведочеше нашата мудра прабаба, стара речиси еден век, но со бистар ума на млада девојка. Тоа е волшебната сила на приказните, ми шепотат во мигов тетка Васка и прабаба ми Софка, а Оливера само благо ми се насмевнува во срцето. Затоа што таа ги знаеше сите тајни во невидливата земја на фантазијата.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми