ВМРО-ДПМНЕ победи во 21 општини - СДСМ во три
2 ноември 2025
Според првичните резултати на ДИК, во вториот круг на локалните избори во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ победи во 21 општина, додека Коалицијата Вреди (Влен) во четири општини доби градоначалници. Три победи на локалните избори извојува опозициската СДСМ, a Националната алијанса за интеграција (НАИ) води во една општина, исто како и ЗНАМ. Унијата на Роми води во Шуто Оризари, додека, еден независен кандидат води во Струга.
Картата на ДИК повторно се обои во портокалово
ВМРО-ДПМНЕ победи во Град Скопје, Аеродром, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Долнени, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Лозово, Македонски Брод, Неготино, Могила, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Чешиново-Облешево и Чучер Сандево.
Во Град Скопје битката за градоначалничката фотелја ја извојува Орце Ѓорѓиевски пред неговиот противкандидат од Левица, Амар Мециновиќ. Од пребројани 97,92 проценти од гласовите, Ѓорѓиевски има освоено 93.572 гласови или 57,39%, додека за Мециновиќ гласале 59,365 гласачи или 36,42%.
Во Карпош, каде се воведеше најнеизвесна битка, кандидатот за градоначалник Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ на својот Фејсбук профил прогласи победа во вториот круг на локалните избори, против досегашниот градоначалник Стевчо Јакимовски.
„Вечерва започнуваме ново поглавје. Време на ред, визија и работа. Време кога општината ќе биде сервис за граѓаните, а не алатка за лични интереси. Време кога ќе се слуша секој глас и ќе се гледа секое дело. Нашата програма не е список на ветувања, туку договор со граѓаните. Ќе ја дигитализираме општината. Ќе ги реконструираме фасадите и лифтовите“, најави тој.
Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на Кичево, Александар Јовановски, прогласи победа во изборната трка, во која противкандидат му беше досегашниот градоначалник Фатмир Дехари од НАИ. Според податоците на ДИК од преброени 72,83 отсто од гласачките ливчиња, за Јовановски гласале 10.760 гласачи (53,81%), а за Дехари 8.597 (42,99%).
Кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ во Кочани, Влатко Грозданов прогласи победа со 1.400 гласа повеќе од противкандидатот Венко Крстевски, предложен од група граѓани. „Покрај се што се случи во градот, можам да кажам дека Кочани го одбрани своето достоинство. Покажа дека е за иднина, за мир и просперитет, а не за револуција и омраза. Ова не е моја победа, ова е победа за сите нас. Од утре заедно продолжуваме за повторно раѓање на Кочани“, рече Грозданов.
Според првични резултати Илија Тентов, кандидат за градоначалник на Дојран од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, е нов градоначалник на Дојран по одржаниот втор круг од локалните избори во оваа општина. Тентов освоил околу 500 гласови повеќе од кандидатот на СДСМ и коалицијата, Ристо Џинев.
Неготино ја доби првата жена градоначалничка - Марија Нацева од ВМРО-ДПМНЕ. Драганчо Саботковски, пак, кандидат на ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ е реизбран градоначалник на Општина Могила. Тој освои 2.070 гласови, со што ја потврди победата на овие локални избори и обезбеди нов четиригодишен мандат.
„Втора политичка сила“
Изборниот штаб на коалицијата Вреди во Тетово на прес-конференција оцени дека сега стануваат втора политичка сила во државата со оглед на добиените општини. Башким Бакиу од изборниот штаб на коалицијата Вреди рече дека со ова конечно се заокружи промената кај Албанците.
„Вреди постигнаа убедлива победа речиси во сите општини каде што бевме во втор круг. Во овој момент можам да потврдам убедлива победа во Тетово со над 5000 гласови разлика, потоа победи во Боговиње, Дебар, Долнени и Струга“, рече Бакиу.
Бесар Дурмиши, шефот на изборниот штаб на коалицијата Вреди за Општина Тетово објави дека Биљал Касами победил со 5.000 гласови повеќе од Бајрам Реџепи. Тој оцени дека во најголем број тетовски населби имаат победа затоа што граѓаните ја ценат работата на градоначалникот Касами и му дадоа поддршка за втор мандат.
Во Дебар, пак, по вториот круг на гласање победа прогласи Фисник Меља, кандидат на Вреди поддржан од ВМРО - ДПМНЕ.Според изборниот штаб тој освоил над 700 гласови повеќе наспроти неговиот против кандидат Рамадан Имери, кој беше независен кандидат.
Центар останува во рацете на СДСМ
Кандидатите на СДСМ извојуваа победа во Центар, Македонска Каменица и Зрновци. Горан Герасимовски се избори за нов мандат во Општина Центар со освоени 10.429 гласови, наспроти Мирослав Лабудовиќ од Знам, којшто доби 7.578 гласови. Националната алијанса за интеграција (НАИ) го доби Студеничани, а независниот кандидат Менди Ќура извојува победа во Струга. Кандидатот на ЗНАМ,пак, Максим Димитриевски ја прослави повторната победа на градскиот плоштад во Куманово и се избори за трет мандат во општината.
Гласањето во вториот круг се одвиваше во 32 општини и во Град Скопје.Конечните резултати ќе бидат познати по обработката на сите гласачки места.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски оцени дека изборите поминале во мирна, фер и демократска атмосфера, без инциденти и нарушување на јавниот ред и мир. „Граѓаните, институциите и МВР покажаа зрелост и одговорност, што доведоа до тоа Македонија да има едни од најмирните избори досега“, рече Тошковски.
Во текот на денот биле пријавени 30 настани, од кои најмногу во Скопје, а се однесувале на агитирање во близина на гласачки места, можен поткуп, неовластено присуство на гласачко место, како и попречување на гласање, фотографирање на гласачко ливче и закани. МВР извршило проверки по пријавите, а само дел од нив се потврдиле.