Џими Кимел и МАГА на Трамп: Mедиумите под притисок
19 септември 2025
Смртта на Роберт Редфорд оваа недела значеше не само заминување на филмската легенда, туку таа го означи и крајот на една ера во Холивуд, кој некогаш се сметаше за прогресивна совест на Америка. Редфорд отелотворуваше либерална визија на американската индустрија за забава која промовираше независни гласови и општествено критички перспективи.
Но, времињата се променија. Знаците за поместување кон десно во американската индустрија за забава се зголемуваат. Ова е очигледно, меѓу другото, во реакциите на американските медиуми на убиството на ултраконзервативниот активист Чарли Кирк. Во средата (17.09), Еј-Би-Си објави дека го суспендира популарното шоу на Џими Кимел„на неодредено време“. Причината беа изјавите на Кимел кои сугерираа дека осомничениот убиец можеби бил дел од таканареченото движење МАГА на американскиот претседател. Акронимот е кратенка за „Make America Great Again“. Потегот дојде откако Брендан Кар, шеф на американскиот медиумски регулатор ФЦЦ, се закани дека ќе преземе мерки против Еј-Би-Си.
Само пред неколку недели, конкурентскиот радиодифузер Си-Би-Ес објави дека ќе го откаже шоуто на Стивен Колберт од финансиски причини.
Дејвид Елисон: Медиумскиот могул на Парамаунт се здружува со Трамп
Сепак, времето на откажување на шоуто на Стивен Колберт покрена многу прашања. Во јули, Си-Би-Ес одделот на Парамаунт му плати на Доналд Трамп 16 милиони долари (13,5 милиони евра) за да реши тужба за интервјуто од 2024 година со Камала Харис во емисијата „60 минути“. Трамп тврдеше дека мрежата го изменила интервјуто со цел Харис да изгледа подобро, тврдење што Си-Би-Ес постојано го негира.
Си-Би-Ес ја откажа емисијата на Колберт откако водителот ја нарече исплатата „дебел поткуп“. Иако Колберт минатата недела за својата емисија доби награда Еми - една од најпрестижните телевизиски награди во САД - тој од мај 2026 година повеќе нема да биде во етерот.
Има и други шпекулации: Дејвид Елисон - син на милијардерот на Оракл, Лари Елисон, вториот најбогат човек во светот и долгогодишен сојузник на Трамп - по неговото преземање на Парамаунт за 8 милијарди долари би можел во визир да земе уште еден холивудски бисер: Ворнер Брос. Дискавери. Таквиот потег би ги комбинирал имотите на Парамаунт, вклучувајќи ги Си-Би-Ес и франшизите „Невозможна мисија“ и „Ѕвездени патеки“, со имотот на Ворнер: „ДЦ Студија“ („Супермен“, „Бетмен“), Си-Ен-Ен и ХБО.
Во други времиња, таков договор би предизвикал сериозна загриженост во врска со прашањата на монопол. Но, под водство на Трамп, регулаторите го префрлија својот фокус: службениците сега ја испитуваат политичката „неутралност“, а не конкурентските предности.
Елисон веќе ја покажа својата подготвеност да ја прифати агендата на Трамп. Тој го назначи лидерот на конзервативниот тинк-тенк и советник на Трамп, Кенет Вајнстин, за омбудсман на Си-Би-Ес Њус. И разговараше со Бери Вајс, основачка на „анти-воук“ (woke - „буден, внимателен“, опишува „будна“ свест за недостатокот на малцински права, социјална правда и постоењето на расизам, н.з.) медиумската компанија Слободен Печат, за можна позиција во Си-Би-Ес.
Серија тужби за клевета
Парамаунт не е единствената компанија што се чини дека се поклонува пред моќните десничарски актери. Еј-Би-Си Њус неодамна се согласи да плати 15 милиони долари за да реши тужба за клевета во врска со коментарите против Трамп од страна на водителот Џорџ Стефанопулос. „Волстрит журнал“ и „Њујорк тајмс“ и натаму се соочуваат со слични тужби од Трамп во висина од повеќе милијарди долари.
Одлуката на Еј-Би-Си да се откаже од Кимел има и деловни причини. Некстар, сопственик на десетици филијали на Еј-Би-Си моментално спроведува мега-фузија што би го направило најголемиот радиодифузер во САД. Сепак, за претстојното спојување е потребно и одобрување од владата.
Критичарите предупредуваат дека телевизиските мрежи, студијата и стриминт-провајдерите се сè повнимателни кон програмите што би можеле да предизвикаат гнев кај претседателот.
Медиумските гиганти се откажуваат од „воук“ вредностите
Во месеците по реизборот на Трамп, големите филмски студија тивко ги кратеа своите програми за разновидност, еднаквост и инклузија (ДЕИ). Дизни ги преименува своите културни иницијативи, додека Амазон и Парамаунт ги избришаа целите за вработување и обука што некогаш беа поврзани со ДЕИ. Промените следат по извршната наредба на Трамп со која се елиминираат федералните програми ДЕИ и се наметнува построга регулатива за компаниите што ги задржуваат.
Промената на програмата е исто така очигледна. Амазон плаќа неверојатни 40 милиони долари за два документарни филма од и за Меланија Трамп, вклучувајќи го и оној во режија на Брет Ратнер, режисер и продуцент кој се соочи со обвинувања за сексуален напад во рамки на движењето #MeToo. Освен тоа, повторно се репризираат првите седум сезони од „The Apprentice", ријалити шоу со Трамп, кое го направи познато име во Америка.
Конзервативна содржина без крај
Конзервативната промена во Холивуд започна уште пред вториот мандат на Трамп. Нео-вестернот „Јелоустоун“ на Тејлор Шеридан и неговите спиноф-програми – серии во ударен термин слични на сапуници, чиј поглед на светот повеќе одговара на средната класа во Америка отколку на крајбрежните градови – станаа франшизи вредни милијарди долари, и покрај тоа што беа игнорирани од Еми-наградите.
Ренесанса доживуваат и филмовите и телевизиските серии со христијанска тематика. „Ејнџел Студиос“, продуцентска компанија „наклонета кон верата“ со седиште во Јута, стана главен играч. Нејзиниот филм „Звук на слободата“, во кој глуми Џејмс Кавизел од „Страдањата на Христос“, заработи 250 милиони долари низ целиот свет. „Кралот на кралевите“, анимиран филм за животот на Исус, заработи уште 77 милиони долари. Минатата недела, „Ејнџел Студиос“ излезе на берза.
Нејзини претстојни проекти се „Нула А.Д.“, епски библиски трилер, и „Млад Вашингтон“, патриотски поглед на раните години на првиот претседател на Соединетите Американски Држави.
Сепак, ова ново ориентирање не е водено само од идеолошки причини. Економските фактори исто така играат одлучувачка улога. Приходите од кината сѐ уште се под нивоата пред Ковид. Стримингот го уништи ДВД-бизнисот, кој беше важен извор на приходи за студијата, и ја уништи индустријата за кабелска телевизија. Во очајнапотрага по профит, Холивуд бара евтини, сигурни проекти.
Религиозните и конзервативно насочените филмови и серии, честопати продуцирани евтино и без ѕвезди од А-листата, можат да гарантираат лојална публика и повисоки маржи. Огласувачите исто така претпочитаат содржина што избегнува поларизирачки теми.
Роберт Редфорд некогаш ја отелотворуваше идејата дека Холивуд може да ја предизвика државната моќ. Денес, индустријата за забава се чини помалку заинтересирана за преземање предизвици, а повеќе за преживување - а преживувањето во моментов по сѐ изгледа значи приклучување кон Трамповата МАГА-идеологија.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик