1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитриевски: Моите предлози Мицкоски ги претстави како свои

3 јули 2023

Ставот на опозицијата „промени на Уставот нема да има во овој парламентарен состав“, би значело дека тие, кога би дошле на власт, имаат магично решение, што е популистичка измама, вели градоначалникот на Куманово

Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово Северна Македонија
Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово: Моите предлози Мицкоски ги претстави како своиФотографија: Kumanovo Government

Денес е градоначалник на Куманово и е прилично активен во општествените дебати, со богато искуство зад себе, но и со планови за регистрирање нов партиски субјект. Максим Димитриевски во СДСМ ги помина сите скалила во внатрешната хирерхија - од младинската структра до највисоките органи, но во еден момент патиштата им се се разидоа.

ДВ: Што најмногу му забележувате на врвот на СДСМ - немањето слух за поинакво мислење или многу повеќе од тоа?

- Се разидов со водството на СДСМ, но не и со другарите од СДСМ, кој има прекрасно членство, луѓе со капацитет, вредни, чесни, достоинствени, домаќини. Да бидам попрецизен, се разидов со политиките кои ги спроведува актуелното водство на СДСМ, кое е продолжена рака на претходното водство! Програмата во која искрено верував и за која се борев во време на опозиција - „Едно општество за сите“ и „Нема правда, нема мир“, за жал се трансформираа во „Едно општество за нас, друго за вас“, или конкретно приватно општество на владејачката гарнитура, а правдата сѐ уште е селективна и сѐ уште ја нема за сите како што ветувавме! Да направам мала ретроспектива. Првите несогласувања со политиките на нашата прва влада од 2017 година беа во секторот труд и социјална политика, образование, здравство, самонаградувањето со фондовите за иновации,начинот со справување со ковид-кризата и злоупотребата на МВР за партиско-приватни цели! И на крај, тоа кулминираше со скандалозното интервју на поранешниот премиер за Бгнес! Така нѐ самопонижи, со што ги загрози нашите национални и државни интереси. Едноставно, преку тие работи не може да се помине.

ДВ: Преку што не можете да поминете денес?

-Денес Македонија е земја загрозена од корупција и организиран криминал, верификуван од меѓународната заедница, а лицемерно и цинично признати од актуелната власт, иста како режимот на Груевски! Денес сме земја каде што обвинител за организиран криминал се бира по комшиска, роднинска и партиска врска. А Судскиот совет кој треба да е заштитник на спроведувањето на правдата личи на епизоди од Монти Пајтон. Денес децата на актуелните функционери незаконски и по најбрз пат стануваат судии и обвинители. Денес најголемата инвестиција; Коридорите 8 и 10 д без меѓународен конкурс ги потпишува првиот вицепремиер на Владата од ДУИ, а не премиерот и министерот за транспорт и врски или директорот на ЈПДП! И да биде иронијата целосна, за фирма за надзор се бира фирма која била производител на долна облека. Притоа нема физибилити студија, идеен и главен проект, а изведувачот сам ќе проектира и изведува и притоа се исплатени повеќе од 150 милиони евра аванс, а покрај промотивната помпа не е фрлена една лопата. Холандскиот амбасадор соопшти дека го прекинува финансискиот фонд за Судскиот совет поради политичко влијание во него. Уште поголем скандал е што австрискиот амбасадор обвинува за диригирани судски постапки за долг од 4,5 милиони евра кон австриска фирма, од фирма која е во роднински врски со поранешниот премиер! Притоа експремиерот се заканува со тужба за клевета!? Американската амбасадорка исто така обвинува за корупцијата која царува во државата. Македонија стана толку „приватна држава“ на вечниот ДУИ и неговиот приврзок - водството на СДСМ, што рамо до рамо ја уништуваат државата. За ова не се борев до 2017 година.

ДВ: Досега во осум општини се формирани ограноци на вашето Движење, за кое планирате да прерасне во регистрирана политичка партија. Кога ќе се случи тоа, и како ќе се позиционирате на политичкиот спектар?

-Точно е дека се формирани осум граѓански здруженија по моделот на здружението „За наше Куманово“, а не се ограноци. Очекуваме следниот месец да бидат формирани уште неколу. Во овој процес влеговме по барање на граѓаните на целата држава и тоа што ми импонира е желбата и мотивот на граѓаните да се вклучат со нивно дејствување. Како нов политички субјект ќе учествуваме на следните претседателски и парламентарни избори, без разлика дали ќе бидат редовни или предвремени. Ќе се позиционираме во политичкиот центар, со јасно нагласени државни, национални и патриотски визии, стратегија и политики со сериозни економски, образовни, здравствени проекти, како и проекти од други области кои ќе го подигнат стандардот и квалитет на живот на граѓаните! Предуслов за сето оваа е добро владеење, во чија основа е владеење на правото и правна држава.

Максим Димитриевски: На Македонија не и` е потребен меѓународен печат за постоење на македонскиот народ и јазик и култура, ние постоиме со својата посебност, историја, идентитетФотографија: Kumanovo Government

ДВ: Кои граѓани ги обединувате - разочараните од СДСМ, разочараните од ВМРО-ДПМНЕ, или ги будите оние кои досега немале мотивација да политички да се ангажираат?

-Ни се приклучуваат разочарани членови од двете најголеми партии, но и од помалите, и тоа без разлика на нивната верска и етничка припадност. Особено ме радува што во овие здруженија се приклучуваат граѓани кои досега немале никаква политичка активност, неопределени и голем број граѓани што не гласале никогаш досега. Тоа ми дава за право да верувам дека ќе бидеме политичка сила која ќе биде битен фактор за формирањето на новата влада.

ДВ: Иако нерегистрирано, Движењето фигурира во анкетите, па дури и со процент повисок од оној на некои помали, веќе етаблирани парламантарни партии. Дали очекувате следните избори да донесат тектонски промени, или „картите“ пак ќе се поделат меѓу големата тројка СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ?

-Во Македонија владее атмосфера на општа депресија, разочарување и одбивност поради досегашните гарнитури на власт. Граѓаните сѐ почесто си го поставуваат прашањето дали е можно да се воспостави правна држава и дали вреди воопшто да се гласа? Сите релевантни анкети покажуваат дека 50 до 60% од граѓаните не му веруваат на ниту еден актуелен политички субјект или политичар. Како резултат на ваквата ситуација, сѐ поголем замав зема иселувањето, особено на младите. Луѓето не сакаат да живеат во сиромашна и корумпирана држава.Трагаат по ред и поредок, бараат лидери кои ќе работат за државата и граѓаните. Со еден нов концепт, со вистински луѓе на вистински места, чесни и без хипотеки од минатото, авторитети во своите средини, интелектуалци, докажани стопанственици, граѓани кои се ценети во општеството и со резултати во своите пофесии, но со иста цел - европска и демократска Македонија - така ќе се позиционираме на политичката сцена. Време е да се обединат сите прогресивни сили во Македонија, без разлика на нивната политичка определба и да се стават во функција на државата. Време е диригентската палка да ја преземат луѓе кои сакаат да даваат, а не да земаат од Македонија. Убеден сум дека ќе успееме, зашто ќе им ја вратиме надежта на граѓаните.

ДВ: Изјавивте дека сте против уставни измени без соодветен реципроцитет и гаранции. Има ли такви надворешни гаранции кои се посилни од оние што земјава однатре може да ги обезбеди за своето идентитетско ткиво, ама со вистински европски практики и со ефикасна борба со корупцијата?

-Мојот став во врска со ова прашање е непроменет. Не се потребни уставни измени без соодветен реципроцитет и гаранции. Со прифаќањето на францускиот предлог кој сега е дел од преговарачката рамка со ЕУ, направена е непроценлива штета за Македонија. Загрозени се идентитетските и јазичните права на македонската нација. Оваа преговарачка рамка во која се содржани двата потпишани протокола, не го отвора патот на државата кон нашата стратешка цел - почеток на преговори со ЕУ, туку ја зголемува можноста за долгорочна блокада од страна на Бугарија.Неодамнешната изјава на претседателот на Бугарија дава ново светло кога тврди дека немаат нови барања, туку да се спроведе потпишаното, што за жал е против нашите национални и државни интереси! На Македонија не и` е потребен меѓународен печат за постоење на македонскиот народ и јазик и култура, ние постоиме со својата посебност, историја, идентитет. Нема основа ставот на власта „промени на уставот веднаш“, и ставот на опозицијата „промени на Уставот нема да има во овој парламентарен состав“! Тоа би значело дека тие кога би дошле на власт имаат магично решение, што е популистичка измама. Претходно, пред одржувањето на „лидерската средба“ дадов изјава на една национална телевизија, дека таа ќе доживее дебакал и тоа се случи. Дадов два конкретни предлога за надминување на актуелната состојба, а тие претседателот на опозицијата ги претставува како свои. Прво, национален консензус за одбрана од бугарските уцени. Второ, Бугарите во Уставот со одложена примена до нашиот влез во ЕУ. Убеден сум дека тоа нашите партнери ќе го прифатат. Ги поздравувам Резолуцијата на Бундестагот и искрената подршка на канцеларот Олаф Шолц.

ДВ: За да убедите некого да ви се придружи, клучно мерило се резултатите што сте ги постигнале. Кои се резултатите на локално ниво, кои би ве препорачале и на централно?

-Често слушам од граѓаните „сите се исти“, „сите ветуваат пред избори, а после ги нема“, а најчесто поставувано прашање е „кои се гаранциите дека тоа што ќе го ветите, ќе го исполните“. Целосно ги разбирам, изневерени се. Општина Куманово е класичен пример за негација на констатациите. Ги поканувам сите заинтересирани да нѐ посетат и да се уверат со каква динамика се развива Куманово, и како од трета најзадолжена општина во државата ја трансформиравме во финансиски најстабилна со цел да прерасне во европски современ град. Ние ветеното го испорачуваме. Ние сме единствена општина во државата со бесплатен јавен превоз за сите граѓани. Завршени се три нови кружни текови на главните булевари, во тек е реконструкција на стариот градски парк со изградба на нов „смарт парк“. Во тек е реконструкција на Соколанскиот парк, на спортската сала, а ќе се реконструира и малиот плоштад. Изградени и реконструирани се голем број улици во урбаните и во руралните средини на општината. Ги реконструиравме трите средни општински училишта, подготвуваме проект и за изградба на ново, на албански наставен јазик. Има нови инвестиции во основните училишта, изградивме и реконструиравме 13 спортски терени. Ја развиваме новата индустриска зона „Новини и Речица“ во која почна со работа фабрика на грчки инвеститор. Преговараме со германската „Лидл“ за нова инвестиција во логистичкиот центар. „Дрекслермајер“ веќе го отвори својот втор погон во Куманово и вработува над илјада работници, а ние го адаптиравме техничкото училиште да ги следи во едукација на потребен кадар. Почна со работа новиот трговски центар „Плаца“ со реномирани брендови. Сето ова потврдува дека странските и домашни инвестиции се приоритет за локалниот економски развој, кои покрај нови вработувања го зголемуваат стандардот и квалитетот на животот на граѓаните на Куманово. Остварените предизборни ветувања ја докажуваат нашата посветеност за европско Куманово и убеден сум дека оваа можеме да го потврдиме и на национално ниво!

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми