Димна бомба од Радев во македонскиот двор
2 февруари 2026
Македонската страна се обидувала да влијае врз унгарскиот премиер Виктор Орбан да наложи вето на францускиот предлог, тврди Румен Радев, во првото интервју по неговото неодамнешно повлекување од функцијата претседател на Бугарија (22 јануари 2017 - 23 јануари 2026).
Во 45-минутното интервју со Радев на БНТ, воопшто немаше прашање за актуелните односи меѓу Македонија и Бугарија. Неговата изјава е одговор на забелешката од водителот дека Радев бил споредуван со Орбан.
„Вас ве споредуваат со Орбан, но неговото влијание во Северна Македонија воопшто не се совпаѓа со нашето. Вие често ги критикувате европските лидери, но оттаму идат големите пари за бугарската економија. Треба ли да кажете јасно со кого треба да биде Бугарија?" - гласеше прашењето до Радев.
„Мислам дека токму тој пристап што го кажувате крие многу ризици за себе“, одговори поранешниот бугарски претседател.
„Ако Бугарија го сведе своето однесување на еднставната дилема - со кого сме и против кого сме - ризикуваме да бидеме вовлечени во конфликти токму од причина што сме со некого или против некого. Така што јас го очекувам, и за тоа треба да работиме, е ние овде да имаме јасно разработени ставови, сметајќи на националниот интерес за секој од големите предизвици. И да излеземе од таа филозофија во која бараме да се допаднеме некому, за да влеземе некаде. Ние сме интегрирани во сите европски структури и механизми и треба да опстојуваме на својот национален интерес“, изјави Радев.
Што е целта?
Новинарот веќе постави друго прашање, но Радев се наврати на претходното.
„Уште нешто да ви кажам за Орбан, бидејќи почувствував обвинение кон него... Но, потсетете се на одлуката на Европскиот совет за францускиот предлог, кој го изработивме заедно со претседателот Макрон. Тогаш македонската страна се обидуваше да повлијае врз Орбан, да наложи вето. Е, Орбан не наложи вето. А не заборавајте дека Бугарија влезе во Шенген за време на претседателството на Унгарија. И јас знам многу добро кои и какви беа ‘совалките' (израз за затсценска дипломатија, н.з.) меѓу Будимпешта, Виена и Хаг. Не дека сум адвокат на Орбан, но тоа се реалностите“, изјави Радев.
Ниту беше прашан за детали и поткрепа на тврдењето ниту самиот ги даде, со што остави бришан простор за разни шпекулации.
Покрај оценките дека Радев ги исцртал контурите на неговата идна политичка тракторија, политичко-идеолошки идентична со онаа на Орбан, во бугарската јавност се поставуваат и прашања зошто тој не одговорил на редица клучни прашања, меѓу кои - дали е добро големите европски земји да им понудат на другите проект за подлабока европска интеграција; дали Украина треба да биде дел од ЕУ; дали е во интерес на Бугарија Северна Македонија да биде надвор од ЕУ; дали Радев ја одобрува внатрешната политика на Орбан кон граѓанското општество во Унгарија?
Коска за внатрешно глодање
Домашни аналитичари сметаат дека изјавата на Радев за Македонија, е поврзана со неговите лични политички амбиции - да влезе во изборна трка на предвремените парламентарни избори во Бугарија, со „самопрепорака" на неговиот минат труд и влијание за заштита на бугарските интереси.
Презентирајќи ја Македонија како земја која барала или бара пат до ЕУ ‘прекутрупа’, испраќа порака дека ни Унгарија не ѝ се спротивставила на Бугарија, односно дека македонската страна попусто смета(ла) на соработката со Орбан. Со тоа фрла димна бомба во македонскиот двор, бидејќи не треба да се игнорира тајмингот во кој е начната оваа тема: време кога опозицискиот СДСМ во неговите соопштенија обвинува за оска на македонската власт со Вучиќ и со Орбан.
Проценката на Радев дека ваква „коска“ ќе се глода во Македонија, не е без основа, бидејќи тоа веќе се случува.
„Изолацијата на Мицкоски во Давос покажа колку му слугува на Орбан“, обвини минатата недела СДСМ.
„Единствена средба којшто ја одбележа неговата посета на Давос беше со сопственикот на унгарската 4iG, поврзана со режимот на Виктор Орбан. Ова покажува колку Мицкоски му слугува на Орбан во ширењето на неговото политичко и бизнис влијание“, критикуваа социјалдемократите.
Филипче: Ние сме само сведоци
И претседателот на партијата, Венко Филипче во вчерашното интервју за РСЕ одговори на што ги темели обвинувањата кон власта за оска со Вучиќ и Орбан.
„Не ги обвинуваме ние, тоа стои напишано во извештајот на Европскиот парламент. Тоа го констатирале европските институции, а ние сме само сведоци дека секојдневно се случува врската со Орбан преку кредитот којшто стигна од сомнително потекло од милијарда евра, за којшто никој не знае ниту кажува каде се парите. Очигледно дека се потрошени. Требаше да бидат наменети за општините, требаше да бидат наменети за компаниите, нема никаков отчет, целосно нетранспарентно земање на тој заем и уште понетранспарентно трошење на, внимавајте, милијарда евра коишто ќе ги враќаат следните генерации. Не знаеме каде се“, изјави Филипче.
Со поинаква диоптрија
Во мандатите кога СДСМ ја предводеше владата, на соработката со Орбан се гледаше со поинаква диоптрија. На 28 ноември 2017 година, тогашниот премиер Зоран Заев се заблагодари за севкупната поддршка што ја дава Унгарија за Македонија.
„На средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан ја истакнав одличната организација на Самитот 16+1 и се заблагодарив за севкупната и значителна поддршка што Унгарија ѝ ја дава на нашата земја на патот кон ЕУ и НАТО. Заеднички беше истакнато дека Република Македонија и Унгарија имаат одлични односи и дека ќе настојуваат и понатаму да ги унапредуваат во сите области“, објави Заев на Фејсбук и на Икс.
Двајцата се сретнаа на маргините на Самитот на шефови на влади на Источна и Централна Европа за соработка со Кина, кој се оддржа во Будимпешта.
На 20-ти јули 2018 година, премиерот Заев се пофали и со писмо што го добил од унгарскиот премиер. Во писмото, кое Орбан го потпишал и во име на Вишеградската четворка, беше поздравено решението меѓу Македонија и Грција за прашањето за името.
И неговиот наследник Димитар Ковачевски не бегаше од друштвото на Виктор Орбан. Во октомври 2023 година, српскиот претседател Александар Вучиќ од маргините на третиот Самит на Европската политичка заедница во Гранада, Шпанија, објави нивна заедничка фотографија.
„Кратка средба со пријателите Виктор Орбан и Димитар Ковачевски пред почетокот на Самитот на кој ќе се разговара за бројни важни теми за денешна Европа, а се надеваме и за Западен Балкан“, објави Вучиќ на Инстраграм.
Тогаш немаше критики за „оска Скопје-Белград-Будимпешта“.
Отфрлено посредништво
Во мандатот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се одржаа две заеднички средби на владите на Македонија и Унгарија. Втората се одржа лани во март, а првата - на која беше промовирана посредничка понуда на Орбан, се одржа на 27-ми септември 2024 година во Охрид. Тогаш тој ја соопшти неговата намера Унгарија како земја претседавач со ЕУ да посредува меѓу Македонија и Бугарија, со цел да се најде решение за спорот што ќе им одговара и на Скопје и на Софија.
Тогашниот службен министер за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов, експресно изјави дека „европскиот договор со Република Северна Македонија е јасен и дека на Бугарија не ѝ требаат посредници во тој процес“.