Стратешки план: Директна авиолинија Скопје-Њујорк
7 февруари 2023Директна авиолинија меѓу Скопје и Њујорк, зајакната економска соработка, можност за американски инвестиции, зајакната борба против корупцијата и владеење на правото, обуки и опрема за македонската Армија - ова се само дел од планираните активности коишто произлегуваат од Стратешкиот дијалог со САД, а коишто беа усвоени на денешната владина седница.
„Со ова го потврдуваме силниот сигнал дека САД се наш стратешки партнер и тоа за нас како држава е од голема важност“, порача на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски. Според шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, земјата влегува во ново поглавје од односите со САД, при што е предвидено зајакнување на соработката во областа на одбраната, сојузништвото во рамките на НАТО и другите безбедносни сегменти. Тоа подразбира одржување заеднички обуки и вежби со САД, како и поддршка и модернизација за опремување на Армијата на Северна Македонија.
Авионска линија и визни олеснувања
„Предвидовме проекти кои што имаат за цел надминување на енергетските предизвици со кои сите се соочуваме и во таа насока планираме изготвување план за поддршка на енергетска диверзификација. Планираме организирање на голем бизнис форум меѓу двете земји, како и посета на потенцијални американски инвеститори, а ќе се заложиме и за воспоставување директна авиолинија Скопје – Њујорк што има за цел дополнително доближување на земјите и зајакнување на економската соработка и бизнис релациите“, истакна Османи.
Во тек се и активности за приклучување на земјата кон Global Entry програмата на САД. Меѓу клучните придобивки по приемот во програмата ќе биде непречен влез на македонски државјани со американска виза во САД без спроведување на вообичаените безбедносни и царински проверки на граничните премини.
„Во една подолгорочна процедура, во Стратешкиот дијалог се предвидени и активности за усогласување на земјава и достигнување критериуми за влез во Visa Waiver програмата на САД, која на крајот треба да резултира и со воведување на безвизен режим“, најави Османи.
Борба против корупција
Зајакнувањето на билатералните односи со САД значи и имплементирање на модерни закони, безусловно независна борба против корупцијата и криминалот, праведно и правично правосудство, но и правна и економска безбедност на државата. Првата област на интензивирана соработка и приоритетна активност во рамките на планот за активности е владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Во делот на економската соработка, планирано е воспоставување соработка со Корпорацијата на САД за финансирање меѓународен развој (US International Development Finance Corporation - DFC), што е и долгорочен интерес на земјата за отворање на регионално претставништво на оваа институција во Северна Македонија.