1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставки на шефовите на Би-Би-Си поради документарец за Трамп

10 ноември 2025

Генералниот директор на Би-Би-Си и извршната директорка за вести на поднесоа оставки поради контроверзии околу уредувањето на говорот на Доналд Трамп пред нападот на демонстрантите врз Капитол во Вашингтон во 2021 година

Седиштето на Би-Би-Си во Лондон
Генералниот директор на Би-Би-Си и извршната директорка за вести поднесоа оставка поради документарец за Доналд ТрампФотографија: Vuk Valcic/SOPA Images/Sipa USA/picture alliance

Генералниот директор на Би-Би-Си, Тим Дејви, и извршната директорка за вести, Дебора Тарнес, поднесоа оставки откако беа критикувани за начинот на кој британскиот јавен радиодифузен сервис уредил говор на американскиот претседател Доналд Трамп.

Ова е најновиот скандал што го потресе Би-Би-Си, кој претходно беше обвинет за недржење на политичка неутралност во известувањето за војната меѓу Израел и Хамас. Други неодамнешни контроверзии вклучуваат скандали со злоставување на деца и обвинувања за малтретирање и сексуални напади од страна на познати водители.

Што се знае за оставките?

Во изјава, директорот на Би-Би-Си, Дејви, признава дека „Би-Би-Си не е совршен и мора секогаш да биде отворен, транспарентен и одговорен.“

„Иако тоа не е единствената причина, тековната дебата околу Би-Би-Си Вести разбирливо придонесе за мојата одлука... Морам да ја преземам крајната одговорност.“

Дејви инсистира на тоа дека оставката е „целосно моја одлука.“

Во белешка до персоналот, тој вели дека „работи на точниот временски распоред со Управниот одбор за да се овозможи уреден премин кон наследник во наредните месеци.“

Генералниот директор Тим Дејви: Морам да ја преземам крајната одговорностФотографија: Oli Scarff/AFP/Getty Images

Од друга страна, извршната директорка на Би-Би-Си Вести, Тарнес, соопшти дека прашањата околу документарецот за Трамп „достигнаа фаза во која му нанесуваат штета на Би-Би-Си, институција која ја сакам. Како извршен директор на Би-Би-Си Вести и Актуелности, одговорноста е моја.“

„Иако беа направени грешки, сакам да бидам апсолутно јасна дека неодамнешните обвинувања оти Би-Би-Си Вести е институционално пристрасен се погрешни,“ напиша таа во писмо до персоналот.

Новинската агенција Ројтерс цитираше лице запознаено со ситуацијата, кое вели дека Управниот одбор на Би-Би-Си бил шокиран од одлуката на Дејви.

Трамп реагираше на оставките, поздравувајќи го „разоткривањето на корумпирани новинари,“ додавајќи: „Ова се многу нечесни луѓе кои се обидоа да влијаат врз претседателските избори.“

Дебора Тарнес: Иако беа направени грешки, сакам да бидам апсолутно јасна дека неодамнешните обвинувања оти Би-Би-Си Вести е институционално пристрасен се погрешниФотографија: Danny Lawson/empics/picture alliance

Што не беше во ред со документарецот за Трамп?

Притисокот врз врвните раководители на радиодифузерот растеше откако весникот Дејли Телеграф објави делови од досие подготвено од советник на Би-Би-Си за стандарди и насоки.

Досието го критикува начинот на кој говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година бил уреден за документарецот на Би-Би-Си, тврдејќи дека бил погрешно претставен затоа што бил отстранет делот каде Трамп повикува на мирен протест.

Во меморандумот се сугерира дека водечката програма „Панорама“ споила два дела од говорот на Трамп така што изгледало како да ги охрабрува немирите на Капитол Хил.

Документарецот го прикажал Трамп како им вели на поддржувачите „ќе одиме до Капитолот“ и дека ќе „се бориме жестоко“, што е земено од друг дел од говорот.

Протеченото досие опиша „сериозни и системски проблеми“ со непристрасноста на Би-Би-Си, наведувајќи дека уредувањето на „Панорама“ било „целосно погрешно.“

Зошто директорот на Би-Би-Си мораше да поднесе оставка?

Во Велика Британија, Би-Би-Си работи под многу построг надзор отколку комерцијалните конкуренти, главно поради неговата уникатна позиција како национален јавен радиодифузер финансиран преку задолжителна годишна лиценца од секое домаќинство со телевизор.

Строго обврзан со кралската повелба да одржува непристрасност во сите содржини, секое перципирано отстапување предизвикува итен и интензивен отпор од политичари, гледачи и конкуренти.

Покрај протечените медиумски извештаи, поплаките за документарецот за Трамп поттикнаа истрага од британскиот медиумски регулатор и ја наведе Белата куќа да го нарече Би-Би-Си „лажни вести“.

Овие случувања веројатно создадоа неподнослив притисок врз двајцата раководители, што доведе до нивните оставки, велат медиумски аналитичари.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми