1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиГерманија

„Дневниците на Хитлер“- скандал со предумисла

Зилке Винш
25 април 2023

Пред четири децении, германскиот неделник „Штерн“ почна да објавува извадоци од дневникот на Адолф Хитлер. Но, сензацијата се покажа како измама. Во „дневниците“ Хитлер беше претставен во подобро светло.

Новинарот Герд Хајдеман при преставувањето на наводните дневници на Хитлер
Новинарот Герд Хајдеман при преставувањето на наводните дневници на ХитлерФотографија: Thomas Grimmm/AP/picture alliance

На 25 април 1983 година, 27 телевизиски екипи и повеќе од двесте новинари се собраа во издавачката куќа „Грунер + Јар“ во Хамбург. Списанието „Штерн“ таму приреди сензација.

Главните уредници на „Штерн“ се појавија пред новинарите со дванаесет црни тетратки полни со лични белешки на поранешниот канцелар на Рајхот, Адолф Хитлер. Тензија, возбудени гласови, кликнувања на фотоапаратите - и репортерот на „Штерн“ Герд Хајдеман, понесен од општото воодушевување, позира со дневниците. Тие слики го обиколија светот.

Во специјалното издание од 28 април 1983 година, „Штерн“ ги објави првите извадоци од наводните дневници. Оригиналниот тираж од 1,8 милиони е зголемен за 400.000 примероци, а изданието поскапе за 50 фенинга.

Главниот уредник на „Штерн“, Петер Кох, тогаш соопшти: „Историјата на Третиот Рајх во голем дел треба повторно да се напише“. Но, како што покажуваат денешните истражувања, тоа е крајно искривен поглед на историјата.

Надуеност и лош здив

На почетокот се нижат само приватни баналности. Партнерката на Хитлер, Ева Браун, сакала бесплатни билети за Олимпијадата во 1936 година, што го изнервирало фирерот. Боледувал и од непријатни тегоби: „По барање на Ева, моите лекари детално ќе ме прегледаат. Поради новите апчиња имам силна надуеност и како што вели Ева лош здив“.

Историчарите и колегите од другите медиумски куќи брзо се посомневале во автентичноста на записите. Кога Сојузната канцеларија за борба против криминалот (БКА) конечно го претставила својот извештај дванаесет дена по неговото објавување, доказот дека станува збор за фалсификат бил непобитен: тетратките содржеле хартија која не постоела во Третиот рајх, туку само што почнала да се произведува во педесеттите години.

Вештиот фалсификат прво ги измами и експертитеФотографија: picture alliance/AP Photo

Голем скандал. Државното обвинителство покренува истрага. Главните виновници, репортерот Хајдеман и фалсификаторот Кујау, завршија на суд. И двајцата добија повеќегодишни затворски казни.

Конрад Кујау почина од рак во 2000 година, Хајдеман живее во скромни услови во Хамбург. „Штерн“ подоцна го опиша самиот скандал како „најголемата можна несреќа во историјата на магазинот“. Со години не можеше да се опорави од тој срам.

Фалсификаторот на уметнички дела ги измами сите

Во 1970-тите години, сликарот и талентиран уметнички фалсификатор Конрад Кујау се претставувал како дилер и го снабдувал индустријалецот и поранешен член на Ес-ЕС, Фриц Штифел, со наводни оригинални нацистички артефакти, вклучувајќи наводни ракописи и уметнички дела од перото на Хитлер.

На страсниот собирач на нацистички реликвии му го покажува и првиот дневник што го фалсификувал. Експертите ја споредуваат тетратката со другите ракописи на Хитлер во сопственост на Штифел, а кои, исто така, биле фалсификувани од Кујау, и го прогласуваат дневникот за оригинален.

Кога Штифел го запознал репортерот на „Штерн“, Герд Хајдеман, кој, исто така, бил страствен собирач на нацистички сувенири, тој му го покажал дневникот. Хајдеман помирисал сензација.

Тој почнал да ги истражува гласините дека дневниците на Адолф Хитлер биле пронајдени на местото на падот на нацистички авион во Источна Германија. Хајдеман оди на местото на несреќата и е убеден дека книгите навистина се пронајдени таму. За сето ова тој информира само неколку колеги од „Штерн“ и конечно успева да стапи во контакт со Кујау.

Фалсификаторот во репортерот на „Штерн“ препознава голема можност. Понудата брзо следела - неделникот му понудил два милиони германски марки за тетратките.

Првите три дневници се проверуваат веднаш. Автентичноста ја потврдуваат угледни историчари, експерти од Сојузниот архив и Канцеларијата за борба против криминалот на сојузната покраина Рајнланд-Пфалц.

„Фирерот Хитлер“

И уредниците и рецензентите ги игнорираат нелогичностите. Добро е познато и документирано дека Хитлер бил прилично мрзелив да пишува. Значи, на човек окарактеризиран како нетрпелив и импулсивен не му личи да пишува толку многу во тетратки - и тоа со сомнително уреден ракопис и без набрзина пречкртани правописни грешки. На тоа не се обрнувало внимание.

Фалсификаторот Конрад Кујау во своето ателје во јули 1997 година - тој почина во септември 2000 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Дури беше објаснета и најочигледната грешка: во старомодна типографија на корицата на тетратките биле испишани само две букви „ФХ“. Иницијалите на Хитлер? Алчноста на оние кои биле вклучени во измамата ослободила одредена количина на имагинација. Се разбира, „ФХ“ треба да се однесува на „Фирерот Хитлер“.

Достапно за сите

Истражувачкиот тим на јавниот сервис НДР сега, со помош на вештачка интелигенција, ги дигитализираше претежно нечитливите ракописи и ги претвори во читлива форма. Во февруари 2023 година, НДР ги објави сите фалсификувани дневници во онлајн издание со коментари.

Историчарот и политиколог Хајо Функе ги стави записите во нивниот соодветен историски контекст и ги прокоментира. Историските факти внимателно се споредени со текстовите на Кујау. Со помош на пребарувач, читателите можат брзо да најдат делови од текстот кои се однесуваат на „Ева“, „Гебелс“, „Сталин“, „Евреите“, „Мусолини“ или „лош здив“.

Досега, само неколку експерти - како оние од Сојузниот архив - имаа пристап до фалсификуваните книги. Сега сите заинтересирани можат да ги прочитаат разните работи што фалсификаторот Кујау му ги припишал на Хитлер.

Ниту збор за Холокаустот

Една работа брзо станува очигледна: нема индикации дека Хитлер активно го спроведувал прогонот и истребувањето на Евреите во Третиот Рајх. Напротив - излегува дека тој не знаел ништо за Холокаустот и дека се грижел за Евреите.

Со тој искривен поглед на историјата, Кујау му ги припишува на Хитлер зборовите што наводно ги напишал во април 1933 година: „Мерките започнати против еврејските институции се премногу насилни за мене, веднаш ги предупредив луѓето одговорни за нив. Некои мораа да бидат исклучени од партијата“.

За бруталната кампања против еврејското население за време на „Кристалната ноќ, на 9 ноември 1938 година, лажниот Хитлер пишува: „Не е прифатливо неколку вжештени глави да ѝ нанесуваат милионска штета на нашата економија, само во стакло. (...) Ми раскажуваа за некои грди напади од страна на некои во униформи, на некои места и за убиства на Евреи и за самоубиства на Евреи. Дали овие луѓе полудеа? Што ќе кажат за тоа во странство?“

Адолф Хитлер и Ева Браун во 1939 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

На денот на Конференцијата во Ванзе, 20 јануари 1942 година, во дневникот стои: „Очекувам извештаи од конференцијата за еврејското прашање. Дефинитивно мора да најдеме место на исток каде што овие Евреи би можеле да се издржуваат. Од учесниците на конференцијата побарав брзо решение. Мора да има место на исток каде што овие Евреи ќе можат да се сместат“.

Никаде не се споменува дека тој ден на кафе и сендвичи е донесена одлука за масовно убиство на милиони европски Евреисо зборовите „конечно решение на еврејското прашање“.

Истражувачкиот тим на јавниот сервис НДР заклучува дека зад текстовите не се крие само имагинацијата на луѓето желни за пари и престиж, туку дека „записите се создадени во десничарски екстремистички дух - и дека тие го негираат Холокаустот“.

Нескриен интерес за приватниот Хитлер

Така, приказната за најголемиот медиумски скандал во Германија не е само приказна за брилијантен фалсификатор кој ги измамил шефовите на популарен германски неделник.

Ова е исто така приказна за Германците пред 40 години: тогаш сè уште постоеше нескриен голем интерес за Хитлер - особено за тоа каков бил тој приватно.

Во лажните дневници тој не е претставен како злосторник и масовен убиец, туку како грижлив и одговорен државник, кој во никој случај не размислувал за логорите за истребување, туку се интересирал за чувствителноста на Ева Браун, приказните за жените на Јозеф Гебелс и надуеноста на стомакот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми