1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Колкава би била кинеската поддршка на Иран ако САД нападнат?

2 февруари 2026

Меѓу Вашингтон и Техеран и натаму има големи тензии, а сѐ повеќе внимание се обрнува на улогата на Кина. До каде би отишол Пекинг во поддршка на Иран - и каде се границите во евентуален конфликт со САД?

Кина Пекинг 2024 | Кинескиот претседател Ши Џинпинг го прими иранскиот претседател Пезешкијан
Кинескиот претседател Ши Џинпинг се сретна со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во 2025 година, потврдувајќи го нивното партнерство и покрај релативно ретките државни посети на Ши на ТехеранФотографија: President.ir

Кина исплива на површината како клучен играч во конфронтацијата на Иран со САД што ескалира, додека масовните протести и економскиот колапс ја оптоваруваат Исламската Република одвнатре.

На почетокот на јануари, масовните демонстрации поттикнати од економски тешкотии, политичкото незадоволство и постојаниот надворешен притисок, се претворија во најсериозен предизвик за раководството на Иран, каков што немало со години.

Немирите брзо се претворија во заострена регионална конфронтација откако претседателот  Доналд Трамп нареди распоредувања на американската војска на Блискиот Исток и го предупреди Иран да ја заузда својата нуклеарна програма и развојот на балистички ракети.

За време на протестите, Кина наводно им помогнала на иранските власти во спроведувањето на блокада на комуникациите на национално ниво.

На 15 јануари, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ги осуди заканите на САД како враќање на „законот на џунглата“ и на тоа го спротивстави она што го опиша како американска агресија со понудата на Кина да игра „конструктивна улога“ со помагање на иранската влада и народот „да застанат обединети“.

Во саботата, 31 јануари, во услови на зголемени тензии со Вашингтон, иранските државни медиуми објавија дека Иран планира да одржи заеднички поморски вежби со Кина и Русија кон средината на февруари во северниот дел на Индискиот Океан. Објавата беше проследена со бран непотврдени тврдења онлајн, според кои Кина му обезбедува воена помош на Иран, како и шпекулации дали кинеската влада ќе интервенира во случај на воена конфронтација со САД.

Соочен со зголемувањето на американското воено присуство во регионот, Техеран најави заеднички поморски вежби со Кина и РусијаФотографија: Iranian Army Office via ZUMA Press/picture alliance

Иран ги продлабочува врските со Кина

Со години Кина е еден од најважните економски и дипломатски партнери на Иран, во услови кога Техеран се соочува со сеопфатни американски санкции и остана на црната листа на Оперативната група за финансиски акции (ФАТФ). Овие ограничувања сериозно го ограничија пристапот на Иран до глобалниот финансиски систем и го направија зависен од Кина во делот на трговија и политичка поддршка.

Таквите релации добија поостра безбедносна димензија уште по 12-дневната војна на Иран со Израел во јуни 2025 година. Во месеците што следеа, Иран и Кина наводно ги прошириле договорите за безбедносна соработка, дизајнирани да ја подобрат размената на разузнавачки информации и координацијата против перципирани закани однадвор.

Хамидреза Азизи, аналитичар за безбедност на Блискиот Исток при Меѓународниот институт за стратешки студии во Берлин, сепак предупредува да не се преценува посветеноста на Пекинг на одбрана на иранската влада. Тој вели дека инволвираноста на Кина во Иран и поширокиот регион во голема мера е прагматична.

„Кина не настапи како моќен бранител на Иран по 12-дневната војна со Израел и малку е веројатно дека ќе го стори тоа во случај на евентуална воена интервенција на САД“, оценува Азизи за ДВ.

Наспроти тоа, Кина им обезбеди посилна поддршка на другите регионални партнери. За време на судирите во 2025 година меѓу Индија и Пакистан околу Кашмир, Пекинг му понуди на Пакистан опиплива воена помош, според наводи на некои извори, меѓу кои и индиски воени функционери. Поддршката за Иран е неспоредлива со ова на кое било ниво, забележува Азизи.

Ограниченото влијание на Кина во Иран

Релациите на Иран со Кина се првенствено обликувани од конфронтацијата со Вашингтон. Американските санкции го приближија Иран до Кина, но тие исто така ги ограничија кинеските инвестиции и ја ограничија Кина да остави посилен економски белег во Иран.

„Засега, Пекинг се чини дека е повеќе фокусиран да се спротистави на еднострани американски дејствија отколку на обезбедување опстанок на самиот ирански режим“, вели Азизи. „Годините на постојани немири и широко распространета корупција во Иран, ја засилија и перцепцијата во Кина дека земјата под сегашното раководство претставува висок ризик за инвестиции“, додава тој.

Таквата претпазливост е особено евидентна во огромниот трговски јаз меѓу Кина и Иран во споредба со другите заливски земји. Во 2024 година, според податоци на лондонскиот тинк-тенк „Азија Хаус“, вкупната трговија на Кина со шесте земји од Советот за соработка во Персискиот Залив, вклучувајќи ги Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, изнесуваше околу 257 милијарди долари (217 милијарди евра). Билатералната трговија на Кина со Иран, според податоците на кинеската влада, со помалку од 14 милијарди долари сочинува само мал дел од тоа. „Па така, иако Кина сака регионот да остане стабилен за да ги заштити своите пошироки економски и енергетски интереси, малку е веројатно дека ќе се потруди да ја брани самата влада во Иран“, заклучува Азизи.

Кина, Иран и „Оската на потреси“

Во САД, партнерството меѓу Иран и Кина често се наведува како дел од т.н. „Оска на потреси“. Терминот се однесува на растечкото стратешко, воено и економско усогласување меѓу Кина, Русија, Иран и Северна Кореја - понекогаш скратено КРИНК - насочено кон предизвикување на глобалниот поредок предводен од САД.

Трамп: Иран сака да преговара

00:28

This browser does not support the video element.

И европските и претставниците на НАТО го забележаат таквото приближување. Шефот на НАТО, Марк Руте, обраќајќи се на состанок на Европскиот парламент на 26 јануари, рече дека е „неспорно оти во моментов Русија, Кина, Северна Кореја и Иран сѐ повеќе се усогласуваат“. Тој додаде дека иако партнерството „сè уште не е добро структурирано“, овие земји сè повеќе сакаат да го оспорат западното влијание.

Во политичките кругови на САД, таквата перспектива понекогаш ја подгрева идејата дека слабеењето на Иран би можело да помогне да се заузда моќта на Кина.

Според Азизи, таквото размислување придонесло за пристапот со поголема конфронтација со Техеран и било клучен фактор во приближувањето на Иран кон Кина и Русија. „Но, вистината е дека Кина на Иран му е попотребна, отколку обратно“, анализира Азизи. „Затоа е погрешно да се мисли дека притисок врз Техеран ќе ѝ наштети на Кина. Преценувањето на важноста на ваквата алијанса би било погрешна пресметка и за иранската влада и за САД“, вели експертот за ДВ.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми