1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добредојде, Анџела!

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
24 ноември 2022

Седум години се зад нас, и една компетентна дијагноза на случај/детал, нѐ исправи пред вистината дека времето се разминало со системот и луѓето. Останале истите партии, истиот менталитет. Пишува Димитар Димитров

Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела АгелерФотографија: Reg. Nordmazedoniens

Навикнати, главно, на конвенционални изјави на Нивните Екселенции, со изненада ја дочекавме првата јавна изјава на новата амбасадорка на САД во Македонија, поради која жените треба да се гордеат, а мажите да ѝ се поклониме и да ја заборавиме изреката „Биди маж!" Анџела Агелер демонстрира, се разбира, доблест на државата што ја претставува, но и лична доблест на интелектуалец и борец за демократија - примерен спој на институција и личност.

САД не се шегувале со предупредувањето со „Магнитски". Кандидатката за амбасадор, при реферирањето пред надлежната комисија, не го истакнала ангажманот против корупцијата зашто знаела дека тоа сакаат да го слушнат тие кои ќе ја аминуваат за функцијата. Во прашање е посветеност на системот што нѐ поврзува во стратешко партнерство - демократијата и нејзината одбрана како споделени вредности.

Демократската држава и личноста демократ во корупцијата препознаваат брана на демократијата и ја фиксираат како најголем непријател. Граничник за разликување на овие две категории, е односот кон општото добро. Тој однос е критериум и извор на легитимитетот на партиите и државите. За партиите, кои по дефиниција се делови, предизвик и мудрост е своите партикуларни интереси да ги програмираат и постигнуваат преку грижа за целината, како делови од општото добро. Тоа е морален императив, вграден во поимот на политиката. 

Така се гради култура на демократијата - демократска држава, партија и личност.

Ако хоризонтот на партиите се протега до нивното етимолошко значење, ако нивните партикуларни интереси не се посредуваат преку удел во општото добро, ако, напротив, општото добро е предмет на експлоатација, тогаш се поставува корупција, коруптивна власт, партии мафии. Ваквите противречни исходи и цели на демократијата и на корупцијата, прават политиката да биде вечно бојно поле меѓу нив.

Ехо на Прибе

Една таква битка Анџела Агелер препознала во изборот на првиот човек на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Нејзиното деликатно проблематизирање на еден случај, личи како ехо на Извештајот на Прибе за режимот на груевизмот, што го соборивме марширајќи со месеци низ градовите на Македонија, со повици против криминалот, а за правда и мир. Заев емитувањето на „бомбите" го завршуваше со завет: „Било - да не се повтори!". Со трепет го слушавме обвинението на Фатиме Фетаи на раководството на ДПМНЕ како „злосторничко здружение". Седум години се зад нас, и една компетентна дијагноза на случај/детал, нѐ исправи пред вистината дека времето се разминало со системот и луѓето. Останале истите партии, истиот менталитет. Само што се ротирале во власта ДПМНЕ и СДСМ. ДУИ, дел од криминалната коалиција, остана негибната од „бомбите" на Заев и заштитена од квалификацијата на Фетаи (СЈО беше формирано и надлежно за престапите поврзани со прислушувањето). Па, ни крива, ни должна, таа ѝ го продолжи векот на инкриминираната коалиција, сега со СДСМ во неа. Дали вака освежената коалиција била условена од изборните резултати, или била договорена уште при емитувањето на „бомбите", е прашање за капацитетот на суверенот (гласачите), односно за моралниот дигнитет на лидерите на двете партии  и на нивните членства. Објективно, таа го задржала карактерот од коалицијата со ДПМНЕ, не поминала во нов квалитет, во фактор на општото добро. Ефектот е, и натаму, партизирана држава, наместо подржавени партии. 

Димитар Димитров, автор на колумнатаФотографија: privat

Така што, Извештајот на Прибе ја задржал својата актуелност, а Анџела Агелер го преведува во програмски вид тој извештај, како „борба против корупцијата во сите нејзини видови", што прават заробена држава - партизација наместо владеење на правото.

Правосудната драма

Доаѓањето на амбасадорката се совпадна со разврската на правосудната драма што ја поминавме во изминатите седум години. Наместо стратегија на непосредно реформирање на нефункционалниот правосуден систем, распнат на партиската карпа, Пржинскиот договор кон тој систем го придаде СЈО. Во херојската пресметка на СЈО со организираниот криминал паднаа жртви од двете страни, но краен победник беше корупцијата/мафијата. СЈО згасна, Катица Јанева е во затвор, со криминалци кои ги гонеше.

Ако Катица Јанева падна на корупцијата, Вилма Русковска ја паднаа, зашто пред Судот исправи високи функционери на власта. Затоа против неа се поведе специјална воена операција, со клучна улога на нејзиниот претпоставен, дел од која е и нејзиниот наследник.

Уште нестивнато изненадувањето од „изненадувањето" на Агелер, оваа специјална операција добива нов чин со повлекувањето на кандидатурата за јавен обвинител на Фатиме Фетаи. Претседателот на Советот на обвинители - откако советот за една недела го одложил изборот за да се запознаеле со биографиите на кандидатите - не знае дали врз Фетаи е вршен притисок!

Притисокот е во главата на претседателот и на другите членови на советот. На другиот конкурс ја проследиле кандидатурата на Абази без биографија, а за да се запознаат со биографијата на македонската Паола Ковеши, им требало уште една недела време! Да, причината е биографијата на Фатиме Фетаи, која ја знае секој возрасен човек во Македонија! 

Ахмети и Ковачевски се согласуваат со изјавата на Агелер, но во принцип, апстрахирајќи го адресирањето на изборот на Абази. И тие, и владата се за политика на независност на правосудството. Изборот на Абази и неизборот на Фетаи, како и кандидатурата на егзекуторот на Русковска за уставен судија - се нешта што се случуваат во Северна Кореја!

За разлика од нив, холандскиот амбасадор и шефот на Делегацијата на ЕУ, исправното функционирање на обвинителството ќе го сметаат за услов за интеграцијата на Македонија во ЕУ.

Јазолот дополнително се заплеткува. Ако изборот на Абази е извршен со политичко влијание, а не според мерит системот, како што заслужуваат граѓаните (тоа експлицитно го кажува Агелер), нема место за неизвесност како ќе функционира тоа обвинителство со новиот шеф. Депласирана е „мудроста" да му се даде шанса да се покаже, на купот ПР „аналитичари", или академското релативизирање на проблемот со тезата дека времето на партизираното правосудство е поминато, па Абази ќе мора да постапува независно! Да е така, првите акти на обвинителство со него на чело, треба да бидат кривични пријави против оние кои му го средиле изборот, па тој не се потрудил да ги исполни ни техничките конкурсни услови (биографија и програма за работа) - против Јовевски, Јолевски, Ахмети и Ковачевски!

Кој ќе ја расипе забавата? 

Фактот што изборот го извршиле обвинители, не ги амнестира актерите на местенката. Напротив, тој факт покажува до каде достига криминалната коалиција - сеедно дали на ДУИ со ДПМНЕ, или на ДУИ со СДСМ: до претворање на луѓето во зајаци. Тоа биле служителите на правдата, и со претходната верзија, и со актуелната коалиција. Системот на корупцијата не застанува на заробена држава, на партизирани институции, туку завршува со луѓе робови, лишени од потенцијалните доблести на homo sapiens што нѐ прават личности.

Политиката на согласување со принципот, при истовремено практикување на дејствија што го негираат принципот, издава голем демагошки талент и бескарактерност. Но тоа е кршлива и ризична позиција. Ќе се најде субјект, во случајот Холандија, која е арбитер за владеење на правото и стои зад цврста конференција меѓу дејствија/процедури и принципи, па ќе ја расипе забавата. Холандскиот амбасадор јасно нѝ порача: зачленувањето на Македонија во ЕУ не оди со дејствија/процедури што отстапуваат од принципот.

За жал, истата болест ја има и „францускиот предлог". Процедурата за зачленување на Македонија во ЕУ ќе претставуваше национална радост, ако беше сложно договорена. Но „францускиот предлог" Владата го протна скришум од дома и со измама надвор - дејствија што ја компромитираат високата цел. Таа пред европјаните настапила со адут што го нема: внесувањето на Бугарите во Уставот. Собранието, сопственик на тој адут, одбива да ѝ го даде. Започнува трка по двотретинско мнозинство. „Францускиот предлог" се турка како меѓник меѓу проевропјани и антиевропјани. Премиерот „антиевропјаните" (опозицијата, низа граѓански здруженија, поединци и околу две третини од населението) ги жигосува со „пиромани" - збор од кој блика омраза. Се договара влегување во Владата на Алијансата на Албанците. Ахмети ликува, во хоризонт далеку од општото добро: „Ние како Албанци имаме потреба од поголемо единство, да бидеме малку поорганизирани во насока на остварување на мисијата." Интегративецот ги става под мишка неговите етноалбански конкуренти и под нозе СДСМ.

За жал, во оваа бркотница е инволвирана и меѓународната заедница -  со тој фиктивен адут. Нејзини претставници ред се редат дома нѝ, убедувајќи нѐ колку е добро да сме членка на ЕУ. А ние не знаеме!

Дотолку изјавената благородна програма на Анџела Агелер ја чекаат тешки искушенија. Затоа, да ја пречекаме со добредојде и благослов. И да ѝ посакаме многу среќа. За среќата на општото добро.

 

Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми