1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Добро владеење“: Кога министер се заблагодарува за оставки

11 ноември 2022

Изјавата на министерот за здравство фрли поинаква светлина врз начинот на кој се подразбира доброто владеење и управување.

Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје
Клинички центар „Мајка Тереза“ во СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

Што е добро владеење и добро управување? Иако нема разлики во објаснувањето што значи оваа стинтагма во зрели и демократските општества, изјавата на еден македонски министер може да фрли поинаква светлина врз начинот на кој тоа се разбира. Имено, министерот за здравство, Беким Сали, вчера им изрази благодарност на двајца  директори затоа што прифатиле да поднесат оставки,  и тоа откако контролата од Фондот за здравство им утврди неправилности во работењето.

„За дел од директорите, кај коишто при управувањето со јавни здравствени установи се забележани неправилности, беше побарано од нив да се повлечат. И јас морам да изразам благодарност дека тука имаше разбирање и се согласија на самоволно повлекување од функцијата, што е многу добар показател за свесноста на еден менаџер да ја прифати грешката која што е направена во континуитет“, изјави вчера министерот за здравство Беким Сали.

„А, ако не се согласеле, немало ли да ги разреши?“, „Уште орден за заслуги да им доделат“, „Свесноста на еден менаџер е знајачна ако се труди да нѐ неправи грешка, а не ако ја прифати кога таа ќе се докаже“, коментираат граѓани во јавните критики, по ваквиот „тон“ во односот кон утврдени девијации во работата на директори.

Станува збор за два случаја, кога на барање на министерот за здравство, на 2-ри ноември оставки од функциите поднесоа директорите на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова и на Клиниката за радиотерапија и онкологија Никола Васев. Разрешен од функцијатата беше организацискиот директор на Клиниката за детски болести, Аљајдин Мемеди.

Увидот во клиниките од страна на Фондот за здравство започна откако ТВ „Клан“ објави дека директорката на Клиниката за детски болести земала пари за дежурства кои реално не ги реализирала, и посочи податоци за такви злоупотреби од март до септември годинава. Наместо одговор, директорката на новинарот му се закани: „Зад мене стојат луѓе, ти ќе бидеш пријавен таму каде што треба!“, а наредниот ден ретерираше во тонот.

Наодите да се процесуираат

Според министерот за здравство, ова е прва фаза, во која се контролира само финансиската неправилност при распределбата на платите на директорите, бидејќи, кога би навлегле во целокупното работење на институциите - тоа би траело подолг период.

А дека првата фаза може да заврши со евентуални кадровски промени, навести и премиерот Ковачевски.

„Ќе видиме во понатамошниот период, согласно со анализите што ќе ги добијат, какви чекори во однос на кадровските прашања ќе бидат преземени“, рече премиерот.

Засега никој не говори за штетата во здравствената каса, настаната со „грешки во континуитет“, како што се изрази министерот.

„Се надевам дека благодарноста е изразена за нивното стручно залагање, а не за злоупотреба на средства“, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска.

Дали приказната треба да заврши само со поднесени оставки?

„Очекувам кога ќе заврши постапката, наодите од јавната ревизија да бидат испратени до надлежните институции и да се процесурираат“, децидна е Ивановска.

Превирања околу огласот за обука на кандидати за контролори за летање во М-НАВФотографија: ISNA/S. Khishpeyman

ДКСК отвори предмет за М-НАВ

Дали искажувањето благодарност за поднесените оставки е пример за добро владење, и за испраќање на вистинската порака против злоупотреби? Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, не беше достапна да даде одговор на ова прашање. На  принципите на доброто владеење  таа се осврна вчера, ама на Фејсбук, во врска со наводите дека тројца членови на управниот одбор на М-НАВ, сакаат да го пропаднат огласот за обука на кандидати за контролори за летање во М-НАВ, бидејќи меѓу осумте селектирани кандидати кои го положиле испитот, не биле децата на членови на УО и на функционери од ДУИ.

„Информациите за евентуално самоволно однесување на членови на УО на М-НАВ, спротивно на сите принципи на добро владеење, вклучително и одговорно и совесно вршење на функцијата во заштита на интересите на граѓаните, со право предизвикуваат голем револт во јавноста. Затоа, ги повикувам членовите на УО и на НО на М-НАВ да дадат одговор дали го загрозуваат конкурсот на контролори на штета на квалитетните кадри и на штета на безбедноста на сите нас. Одговорност мора да има“, напиша Грковска на Фејсбук.

Нема информации дали овој повик завршил само на социјалната мрежа или и институционално е испратен до М-НАВ.

И додека траат вакви повици, а од М-НАВ тврдат дека постапката за избор на кандидати за обука се одвива нормално и дека Управниот одбор не ја оспорува селекцијата, Ивановска ни потврди ДКСК веќе отворила предмет за овој случај.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми