1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војната во Иран: Европа се подготвува за енергетска криза

Анчал Вохра
3 април 2026

ЕУ се соочува со енергетска криза и бара од луѓето да ја намалат потрошувачката на енергија, поради стравувања од криза во снабдувањето. Експерти повикуваат на конкретни мерки и раст на инвестициите во обновливи извори.

Капка бензин паѓа од црево на бензинската пумпа
Војната во Иран ги наруши енергетските текови, а испораките за Европа се ограничени.Фотографија: Alain Jocard/AFP/Getty Images

Европската комисија ги повикува своите над 400 милиони граѓани да летаат и да возат помалку, да работат од дома и да штедат енергија, додека војната на САД и на Израел против Иран влегува во својот втор месец.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека економските последици би можеле да бидат „тешки како за време на пандемијата на Ковид-19 или почетокот на војната во Украина“, кога Европската унија остро го намали увозот на руска енергија.

„Колку повеќе можете да заштедите на нафта, особено дизел и авионско гориво, толку подобро“, рече европскиот комесар за енергија, Дан Јоргенсен, по состанокот на министрите за енергија, повикувајќи ги граѓаните да користат јавен превоз и да споделуваат автомобили.

Но, експертите предупредуваат дека ЕУ мора да направи повеќе и да се подготви за криза што ќе ги зголеми цените, ќе ја погоди индустријата, ќе ја зголеми инфлацијата и ќе ја поскапи храната. 

Цените на горивото во Македонија и Европа

01:11

This browser does not support the video element.

Ана Марија Јалер-Макаревич од Институтот за енергетска економија вели дека Европа сè уште не го разбира обемот на проблемот: „Веќе некои товари на течен природен гас се пренасочуваат кон Азија“, алудирајќи на растечката конкуренција за ограничени залихи.

Дали војната во Иран ќе ги принуди Европа и Азија да се натпреваруваат?

Цените на нафтата и гасот се зголемија до 70 отсто од почетокот на американско-израелските напади врз Иран на крајот на февруари. Иран возврати со напади врз земјите од Персискиот Залив и блокада на Ормускиот теснец, низ кој минуваат 20 отсто од глобалните танкери.

ЕУ, исто така, трпи финансиски последици. Урсула фон дер Лајен рече дека првите 10 дена од конфликтот ја чинеле ЕУ дополнителни 3 милијарди евра увоз на фосилни горива. Според бриселскиот тинк-тенк Бругел, „удвојувањето на цените на гасот би ги зголемило трошоците за увоз за околу 100 милијарди евра во следните 12 месеци“. Иако ЕУ сметаше дека е помалку зависна од увозот преку Ормускиот Теснец - само 8 отсто од течниот природен гас доаѓа од Катар - сега расте стравот дека помалите нарушувања би можеле да предизвикаат недостиг, особено ако Азија ја престигне Европа како купувач.  

Во последните години, ЕУ го диверзифицираше своето снабдување и го зголеми увозот од САД и од Норвешка. САД сега се најголемиот снабдувач на гас за ЕУ. Но, побарувачката на Азија за истиот извор расте, додека „повеќе товар на течен природен гас веќе е пренасочен од Европа во Азија“, наведува Бројгел. Дополнителен предизвик е планираното укинување на рускиот течен природен гас до 2027 година.

Што може да направи ЕУ?

Некои во ЕУ повикуваат на враќање кон поевтината руска енергија. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека ЕУ треба да „ги нормализира односите со Русија и да го врати пристапот до евтина енергија“, но европскиот комесар Јоргенсен ја отфрли таа идеја: ЕУ нема да увезува „ни молекул“ руска енергија. 

Експертите предвидуваат можни ограничувања на цените и владини субвенции за индустријата. Најзагрозени сектори се челикот, цементот и ѓубривата. Здружението Фертилајзерс Европа предупреди дека војната може да ги загрози синџирите на снабдување со ѓубрива, а со тоа и безбедноста на храната.

Ефектите би можеле да ги погодат хемиската, пластичната, алуминиумската и стаклената индустрија. Авијацијата известува дека Луфтханза може да приземји некои од своите летови поради пад на побарувачката и зголемување на цените на горивата.

Меѓутоа, експертите предупредуваат дека замрзнувањето на цените на нафтата и гасот би било контрапродуктивно: потрошувачката би се зголемила, а транзицијата од фосилни горива би се забавила. 

Речиси 2.000 танкери се заглавени околу Ормускиот теснецФотографија: Benoit Tessier/REUTERS

ЕУ треба да ја „искористи можноста“ за обновливи извори

Јалер-Макаревич предлага намалување на греењето во рестораните и во јавните згради, ограничување на патувања на официјалните лица и инвестирање во локална зелена индустрија, особено во топлински пумпи.

Рот од Бругел верува дека намалувањето на даноците за електрична енергија, наместо субвенциите за гас, би било поефикасно бидејќи би ја поттикнало електрификацијата.

Бругел наведува дека војната во Иран уште еднаш ја разоткри енергетската ранливост на Европа и повикува на забрзување на развојот на обновливи извори. Како примери, ги наведува Шпанија, која ги стабилизираше цените со силно инвестирање во ветер и сончева енергија, и Италија, најзависна од гасот, која претрпе остар скок на цените бидејќи увезува поголем дел од катарскиот течен природен гас преку Ормускиот Теснец.

Дури и ако војната заврши веднаш, залихите на течен природен гас нема да се повратат брзо. Иранските напади на 18 март сериозно го оштетија катарскиот комплекс Рас Лафан, клучен за глобалните испораки, а поправките би можеле да траат со месеци или со години, наведува КатарЕнерџи.

„Не е познато колку долго ќе трае кризата, но сигурно нема да биде кратка“, рече Јоргенсен по вонредниот состанок. „Енергетската инфраструктура во регионот веќе е сериозно оштетена и продолжува да се уништува.“

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми