1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Додека Косово и Босна вријат, каков е планот на НАТО?

Ела Џојнер
23 ноември 2023

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, неделава беше на кратка турнеја во деликатниот регион на Западен Балкан. Што се обидува да постигне воената Алијанса?

НАТО Јенс Столтенберг Приштина
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во ПриштинаФотографија: Office of the Kosovo Presidency

„Овој регион е стратешки важен за НАТО, но има причини за загриженост," рече Столтенберг на прес-конференција во средата во Скопје на крајот од неговото патување. „Сведоци сме на сецесионистички закани во БиХ, фрагилна безбедносна ситуација во Косово и закочена нормализација меѓу Белград и Приштина."

Од крајот на Студената војна во 90тите години, НАТО игра голема улога за безбедноста во регионот. Алијансата интервенираше во крвавите војни кои го обележаа распадот на Југославија во поединечни држави. Денес три од шест западнобалкански држави се членки на НАТО, а три не се.

Престрелката во Косово причина за загриженост

Нетрпението расте меѓу малцинските етнички Срби и мнозинството етнички Албанци во Косово кое беше автономна покраина во време на Југославија, па потоа се отцепи и прогласи независност во 2008 година по крвавата војна во 90-те. САД и 22 од 27 држави членки на ЕУ ја признаваат неговата државност, додека Србија и Русија ја третираат како отцепена провинција.

Во мај, сили на НАТО од мировната мисија КФОР беа повредени обидувајќи се да смират српско-албански судир на северот на Косово, во близина на српската граница. Косовските Срби често имаат недоверба во националните власти и одржуваат блиски релации со Белград. Во септември, четири лица загинаа по престрелка меѓу етнички Срби, кои се забарикадираа во манастир, и косовските власти.

Како резултат на тоа НАТО испрати околу илјада дополнителни војници во Косово и ги зачести патролите на северот претежно населен со Срби. Со тоа КФОР според Ројтерс, е застапен со повеќе од 4.500 војници. 

Војници на КФОР на северот на КосовоФотографија: Marjan Vucetic/AP Photo/picture alliance

Обраќајки се во понеделник во косовската престолнина Приштина, Столтенберг рече дека НАТО „ќе стори сѐ што е нужно за да ја обезбеди сигурноста и слободата на движење за сите жители на Косово."

„Ние сега разгледуваме дали треба да имаме перманентно зголемување за да обезбедиме ова да не излезе надвор од контрола и да не создаде нов насилен конфликт на Косово или во поширокот регион," рече тој. 

Република Српска се заканува со отцепување од Босна 

Во БиХ, еден од двата политички етникуми во мултиетничката држава, Република Српска, се заканува со отцепување. Република Српска сочинува околу половина од територијата на БиХ и е дом на околу 1,2 милиони лица, во најголем дел етнички Срби. Таа е основана за време на насилниот распад на Југославија и крвавата војна. 

Прослава на 30-годишнината на Република СрпскаФотографија: AP/dpa/picture alliance

ЕУ, која предводи мировна мисија во БиХ, е непопуларна во Република Српска. Ентитетот наместо тоа одржува блиски врски со Србија и Русија. Силите на ЕУ во Босна мисијата ја презедоа во 2004 година од НАТО.

Порака за Москва 

Со разни жаришта кои тлеат, изјавата на Столтенберг во Скопје, на крајот на неговата балканска турнеја во средата, беше дадена покрај лидерите од четирите балкански сојузници на НАТО - Албанија, Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија и делумно целеше кон Москва. НАТО смета дека Русија која своевремено имаше влијание врз регионот во време на Советскиот сојуз, сега игра дестабилизирачка улога, особено по инвазијата во Украина. „Авторитарни држави како Русија сакаат да ги поткопаат нашите демократии со кибернетички и хибридни закани”, рече Норвежанецот, чијшто мандат како челник на Алијансата наскоро истекува. 

Како што објаснува Бојана Зориќ од Институтот на ЕУ за безбедносни студии, генерално целта на Русија во регионот е да ја сопре експанзијата на НАТО и апсорпцијата на државите во ЕУ. 

Војната во Украина исто така послужила и за да се продлабочат постоечките поделби, тврди аналитичарката од институтот поддржан од ЕУ. „Западниот Балкан не е обединет кога е во прашање реакцијата на војната во Украина", вели таа. 

Ова е предност за Русија „која секогаш сака да ја искористи секоја прилика за да предизвика неред и да подгрее нетрпение во регионот и да употреби етнички поделби во своја корист," вели за ДВ Зориќ. 

Што сакаше Столтенберг да постигне со турнејата?

За Зориќ целта на турнејата на Столтенберг била главно да се прати „јасна порака на регионот и други актери присутни и инволвирани таму, вклучително и Русија, дека НАТО останува силно посветена на безбедноста во регионот."

Поголемо присуство во Косово треба да ги охрабри сите страни да покажат воздржаност и на тој начин да се поддржи заживувањето на нормализацијата на дијалогот меѓу Приштина и Белград, вели таа.

Србија, која има аспирации да биде дел од ЕУ, но не и од НАТО, не би ризикувала конфликт со воената Алијанса, вели Зориќ. Повеќето држави од ЕУ се и членки на НАТО. Белград сега има стабилни релации со Алијансата, оценува аналитичарката.

Колкав е ризикот од натамошен конфликт? 

Аналитичарката не гледа опасност од конфронтација во најава. 

„Ни сега, ниту во блиска иднина Русија нема да биде во состојба да си дозволи да влезе во војна на Западен Балкан, особено имајќи во предвид дека половина од Западниот Балкан се членки на НАТО", вели Зориќ. 

Многу поверојатно е дека Москва ќе продолжи со актуелниот оперативен модус на поттикнување неред соработувајќи со клучни регионални соговорници.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми