1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

ДОГЕ на Маск и последиците за државните службеници во САД

Карла Блајкер
26 февруари 2025

Откако претседателот на САД, Доналд Трамп ја основа ДОГЕ, службата за поголема ефикасност во владата, министерствата и државните службеници се под притисок. Овој пристап е контроверзен и има огромни последици.

Илон Маск и Доналд Трамп
Илон Маск и Доналд Трамп сакаат со ДОГЕ да ја подобрат ефикасноста на администрацијатаФотографија: Andrew Harnik/Getty Images via AFP

Едно појаснување на почетокот: „Department of Government Efficiency" (DOGE) односно „Одделот за владина ефикасност“ (ДОГЕ), на чело со Илон Маск, не е официјално министерство на американската влада, туку повеќе е некаква комбинација на советодавна агенција и омилен проект на Доналд Трамп и на Илон Маск.

Иако не е дел од владата и е управуван од некој кој не е демократски потврден на функцијата, тимот на ДОГЕ (акронимот се изговара „Доџ“ на англиски јазик) предизвикува хаос во владиниот апарат на САД од почетокот на вториот мандат на Трамп. Според Трамп, целта е да се укине непотребната бирократија и да се намали трошењето на даночните пари од владините агенции.

Досега претседателот е многу задоволен од работата на неговиот пријател и поддржувач на кампањата Маск. „Илон прави одлична работа, открива значителни измама, корупција и расипништво“, им рече Трамп на новинарите на 7 февруари. 

ДОГЕ е управуван од Илон Маск кој не е демократски потврден на функцијатаФотографија: SAUL LOEB/AFP

Меѓутоа, мислењата се поделени. „Тоа е еден голем циркус“, вели Патрик Мелоун за ДОГЕ. Мелоун е професор по јавна администрација и политика на Американскиот универзитет во Вашингтон. Тој смета дека Трамп ја основал агенцијата главно како спектакуларен проект за да покаже дека прави нешто. 

Што всушност прават американските државни службеници во текот на неделата?

Неодамна беше алармирано за упатството испратено преку е-пошта до околу два милиони државни службеници во текот на викендот. Сите имале рок до понеделник да наведат во пет точки што постигнале на работа во текот на претходната недела. Барањето дојде од Канцеларијата за управување со персонал (ОПМ), практично одделот за човечки ресурси на американската влада. Но, Маск истакна дека неодговарањето на е-поштата ќе се смета за отказ.

Во понеделникот, шефовите на неколку владини агенции, како што се Министерството за одбрана и ФБИ, ги информираа своите вработени дека не мора да реагираат. Но, во понеделникот попладне, Трамп им рече на новинарите дека оние кои не одговараат можеби постојат само на хартија. „Ако луѓето не одговорат, можно е таа личност да не постои или да не работи“, рече Претседателот. „А кој не одговара или е полуотпуштен, или е отпуштен.“

Што всушност важи, не е јасно. „Сè е тотално хаотично“, вели Мелоун во интервју за ДВ. „Никогаш не сум видел нешто слично.“

Повеќе ефикасност, но не преку кратења

Илјадници државни службеници веќе се отпуштени, а отпуштени се и речиси сите вработени кои беа на пробна работа. Некои владини агенции, како што е УСАИД, кои се одговорни за развојна помош, беа особено тешко погодени. Буџетот на УСАИД беше радикално намален, а сите вработени беа прво суспендирани.

„Да, владата и натаму треба да стане поефикасна“, вели Мелоун. „Но, тоа не се постигнува со произволно сечење, спалување и намалување.“

Американската агенција за развојна помош (УСАИД) е под притисок на претседателот ТрампФотографија: Mark Alfred/ZUMA Press Wire/picture alliance

Која е правната основа за ДОГЕ?

Сепак, постои правен отпор кон мерките на ДОГЕ. Сѐ погласно станува прашањето што точно законот всушност ѝ дозволува на агенцијата на Маск.

„Законитоста на многу мерки на ДОГЕ и инспирирани од ДОГЕ сега е под лупа“, вели Крег Саперштајн, владин експерт за право во меѓународната адвокатска фирма Пилсбери, во интервју за ДВ. „Дали сите овие мерки се законски, останува да видиме.“

Претседателот Трамп веќе спроведе голем број контроверзни мерки за време на неговиот прв мандат, а тој е првиот осуден криминалец во Белата куќа. „Во мојата куќа престанавме да кажуваме: 'Но тој не може да го направи тоа!'“, вели Мелоун. „Очигледно дека може.“

Мнозинството од американското население смета дека општата идеја зад ДОГЕ е добра. Според анкетата на Универзитетот Харвард, спроведена на 19 и 20 февруари меѓу околу 2.500 регистрирани гласачи, 70 отсто од Американците го поддржуваат тврдењето дека владините трошоци се „полни со расфрлање, измами и неефикасност“.

Кои се последиците од мерките на ДОГЕ за американското население?

Самата агенција наведува дека до 24 февруари 2025 година веќе заштедила 65 милијарди долари. Како точно е дојдена оваа бројка не е детално објаснето на веб-страницата на ДОГЕ.

Во некои национални паркови веќе се забележуваат заштеди. На влезовите се формираат долги редици, а резервациите се откажуваат бидејќи голем дел од вработените во одредени делови од управата на паркот се отпуштени.

Дали мерките на ДОГЕ ќе ја поткопаат подготвеноста на САД за справување со природни катастрофи, како големите пожари во Калифорнија на почетокот на 2025 година ( на фотографијата)Фотографија: Ethan Swope/AP Photo/picture alliance

Тука нема да биде крајот, вели Мелоун. Кратењата ќе имаат „реални последици“ за Американците, вели политикологот. „Тоа се неизбежни ефекти, прашање е само кога ќе се случат.“ Тој зборува за зголемена опасност од шумски пожари доколку се намалат надлежните сектори во националните паркови и за медицинските истражувања чии потенцијално важни резултати би можеле да бидат изгубени доколку се скратат средствата за истражување.

Саперштајн е, исто така, загрижен. Тој гледа опасност ако, на пример, се штеди на вработените во областа на безбедноста на храната или во воздушниот сообраќај. Ова може да доведе до повеќе болести поради контаминирана храна и повеќе авионски несреќи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми