1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Иран и МААЕ го отвораат патот за нови нуклеарни инспекции

СН | дпа
10 септември 2025

По нападите врз иранските нуклеарни постројки, Техеран ја замрзна соработката со нуклеарните инспектори на ОН. Сега е постигнат договор за деескалација, но Иран поставува услови.

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси (лево) и Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи (десно) истовремено потпишуваат договор седнати на дрвена маса со цветен аранжман  и знамињата на МААЕ и Иран меѓу нив
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи (десно) и директорот на МААЕ, Рафаел Гроси (лево) потпишаа договор за отворање на патот за продолжување на соработката.Фотографија: Egyptian Foreign Ministry Press Service/AP Photo/picture alliance

Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) најавуваат важен чекор во спорот околу иранската нуклеарна програма. Двете страни се согласиле за начинот на кој може да се продолжат атомските инспекции во Иран, изјави шефот на МААЕ, Гроси, по преговорите со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во Каиро. Египетскиот дипломат Бадр Абдел-Ати посредуваше во разговорите.

„Ова е важен чекор во вистинска насока“, напиша Гроси на социјалната мрежа X. Но, тој прес-конференција во главниот град на Египет додаде дека има уште многу работа за да се спроведе договореното.

Арагчи изјави дека новиот договор со МААЕ ги зема предвид грижите на Иран и во исто време создава рамка за продолжување на соработката. „Овој договор воспоставува функционален механизам за соработка кој ги одразува и исклучителната безбедносна состојба на Иран и техничките барања на Агенцијата (МААЕ, заб.)“, рече тој.

Арагчи предупредува на „непријателски дејства“

Министерот за надворешни работи на Иран побара од МААЕ „непристрасност, независност и професионалност“. Тој, сепак, нагласи: во случај на „непријателски дејства против Иран“ – вклучувајќи повторно воведување на стари санкции на ОН – Иран ќе го смета договорот за прекинат. Германија, Франција и Велика Британија ги започнаа ваквите казнени мерки со цел да го принудат Иран да попушти во нуклеарниот спор.

Агенцијата за атомска енергија во Виена со недели преговара со иранските претставници за продолжување на инспекциите. Фокусот е првенствено на локацијата на повеќе од 400 килограми ураниум, кој, според МААЕ, има ниво на збогатеност речиси погодно за атомско оружје.

Досега Техеран не ја информирал МААЕ каде и во каква состојба е овој материјал по нападите врз неговите нуклеарни постројки во јуни годинава. Иран ги пропушти роковите за соодветните извештаи, изјави Гроси вчера на маргините на состанокот на Управниот совет на МААЕ. Од западни дипломатски кругови во Виена се вели дека Иран стравува оти Израел би можел повторно да го бомбардира врз основа на таквите информации.

Страв од нова војна против Иран

Во јуни, Израел водеше војна против Иран во траење од дванаесет дена и, заедно со САД, ги бомбардираше клучните објекти на нуклеарната програма, вклучувајќи ја и подземната постројка Фордо. Владата на Израел ја оправда постапката со заканата од нуклеарната и ракетната програма на Иран. Бројни правници ја оценија војната како кршење на меѓународното право. Неодамна, иранската влада изрази загриженост од нова војна.

Во заднината на нуклеарниот спор се стравовите на Западот дека Иран може да се стреми кон атомско оружје. Техеран го негира тоа. Иран веќе еднаш се обврза со Виенскиот нуклеарен договор да ја ограничи својата нуклеарна програма. За возврат, требаше да се укинат санкциите. Сепак, за време на својот прв мандат, американскиот претседател Доналд Трамп еднострано го откажа договорот. Договорот всушност не се спроведува со години.

Овој текст првично содржеше фотографија од агенцијата SalamPix. Таа беше отстранета на 12 март 2026 година, откако Picture Alliance и Imago објавија дека ги повлекуваат фотографиите од SalamPix поради загриженост за нивното потекло и можна манипулација.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми