Договор за прекин на огнот во Појасот Газа
16 јануари 2025Прекинот на огнот помеѓу Израел и радикално исламистичкиот Хамас треба да стапи во сила в недела (19 јануари), изјави шефот на владата на земјата посредник Катар, Мохамед бин Абдулрахман ал Тани, вчеравечер во Доха. „Двете страни во конфликтот во Појасот Газа се договорија за размена на затвореници и заложници“, изјави Ал Тани пред новинарите. Прекинот на огнот ќе стапи на сила в недела, а ќе го надгледуваат САД, Катар и Египет.
Трите земји презедоа посредничка улога во повеќемесечните преговори меѓу Израел и Хамас. Од почетокот на јануари, разговорите се водеа во катарската престолнина Доха. Најавата за прекин на огнот сега се објавува „со надеж дека ќе се постигне траен прекин на огнот меѓу двете страни“, додаде Ал Тани. Тој ги потврди и претходно објавените информации за договорот, според кој во првата фаза треба да бидат ослободени 33 израелски заложници, меѓу кои жени, деца и стари лица, болни и повредени цивили.
Израелските сили треба да се повлечат од густо населените области на Појасот Газа во текот на оваа прва, 42-дневна фаза, за да се олесни размената и „враќањето на раселените“ во нивните домови, нагласи Ал Тани. Деталите за втората и третата фаза од договорот ќе бидат објавени по спроведувањето на првата фаза, рече тој. Израелските медиуми објавија дека според договорот, Израел во првата фаза ќе задржи тампон зона во Појасот Газа.
Војната започна со ненадејниот напад на Хамас и Исламскиот џихад врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година. Според израелски извори, притоа биле убиени 1.200 луѓе, а околу 250 биле киднапирани и однесени во Појасот Газа. Некои од нив беа ослободени за време на првичниот краток прекин на огнот. Израелската војска веднаш одговори со масовна офанзива. Оттогаш, според локалните здравствени власти, во Појасот Газа се убиени повеќе од 46.600 луѓе. Повеќе од 110.200 Палестинци се повредени. Меѓу жртвите има многу жени и деца, но властите не прават разлика меѓу борци и цивили. Бројот на жртви би можел да биде многу поголем, бидејќи во тесниот и во голема мера уништен крајбрежен појас владее хаос. Многу луѓе се водат како исчезнати, а многу мртви најверојатно сѐ уште лежат под урнатините.