1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Останува превезот на тајност врз договорот за коридорите

ДТЗ
10 јули 2024

„Ќе биде недомаќински и душмански однос кон Буџетот ако јас сега го прекинам договорот“, вели министерот за транспорт Александар Николоски. Досега се исплатени 240 милиони евра на изведувачот.

Македонија Александар Николоски
Министерот за транспорт Александар НиколоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Новата влада нема да го раскинува договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д, но превезот на тајност врз договорот со „Бехтел и Енка“ и натаму останува. Со оглед на тоа дека станува збор за договор кој е класифициран како државна тајна, новиот министер за транспорт Александар Николоски вели дека ќе се бара согласност од конзорциумот со цел договорот да биде ставен на увид на јавноста. Во меѓувреме главниот фокус ќе биде ставен на тоа како да се изградат што повеќе километри во рамките на истата финансиска конструкција која што е договорена. 

„Ќе биде недомаќински и душмански однос кон Буџетот ако јас сега го прекинам договорот“, вели Александар НиколоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Душмански однос кон буџетот“

„Договорот е класифициран како државна тајна, што создаде магла околу него. Сметам дека треба тој да се декласифицира. Потребна е согласност од двете страни за тоа да се направи. Во раките на договорот, Македонија може да добие многу повеќе километри автопат од тоа што е потпишано и тоа ќе биде нашата главна битка“, изјави Николоски по трибината во Скопје - „Развојот како услов за опстанок на македонското градежништво“.

Николоски вели дека поранешната влада на СДСМ и ДУИ веќе исплатила 240 милиони евра на изведувачот за „буквално ништо, подготвителни работи кои ние не ги гледаме“. 

„Mислам дека ќе биде недомаќински и душмански однос кон Буџетот ако јас сега го прекинам договорот, а тие средства веќе се кај изведувачот и не можат да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра средства, а да немаме ниту километар автопат. Треба да се бориме за да добиеме што повеќе километри автопат и што побрзо изграден во Македонија“, вели Николоски.

Останува превезот на тајност врз договорот за коридоритеФотографија: Reg. Nordmazedonien

Која е судбината на договорот?

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски на 16 мај изјави дека има две опции за договорот - да се раскине или да се репреговара. „Едната опција е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат. Втората е да се оптимизира договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот. Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран, но ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одрена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Мојата порака е дека како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“, рече Мицкоски. 

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ и претходната влада на 8 март 2023 година склучија договор за изградба на четири автопатски делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола).

Во меѓувреме беа сменети неколку закони со цел да се олесни и забрза постапката за изградба на коридорите, коишто се најдоа во фокусот на бројни критики во јавноста. За изградба на инфраструктурен Коридор 8 и Коридор 10д во должина од 108 км и со проценета вредност во износ од 1,319 милијарда евра донесен е специјален закон со кој се уредени условите и начинот за градба.

Коридорите 8 и 10д беа најавени како досега најголемиот инфраструктурен проект во земјатаФотографија: Regierung Nordmazedonien

Неодамна Државниот завод за ревизија нотираше дека со компаративна анализа за цената на изградба на Коридор 8 и 10д сo ревизијата се утврдило дека во петгодишниот план на Транспортната заедница од април 2022 година индикативната вредност наведена за планираните делници изнесува 585 милиони евра или 475 милиони евра без делницата Букојчани- Кичево. Ревизорите посочуваат дека заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоци се однесуваат за градба што покажува отстапување од планираната динамика за градба.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас за јавната набавка за избор на фирма за надзор на градби на коридорите 8 и 10-д. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми