1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојава за бомба го парализираше јавниот превоз во Скопје

ДТЗ
19 октомври 2022

Вработените не можеа да стигнат на работа, а децата задоцнија на училиште, откако автобусите од јавниот превоз беа повлечени од сообраќај, а во приватниот автобуски превоз се создаде голем метеж и хаос.

автобуси Скопје
Анонимна дојава за поставена бомба во автобус на ЈСП го парализираше Скопје.Фотографија: picture alliance/dpa

Анонимна дојава за поставена бомба во автобус на ЈСП го парализираше Скопје. Вработените не можеа да стигнат на работа, а децата задоцнија на училиште, откако автобусите од јавниот превоз беа повлечени од сообраќај, а во приватниот автобуски превоз се создаде голем метеж и хаос. Полицијата приведе вработен во ЈСП за кој сметаат дека ги пратил заканите по електронска пошта. Полициски екипи за антитероризам извршија проверки, по што автобусите полека почнаа да се враќаат во сообраќај. 

Нема да се дозволат саботажи

ЈСП по инцидентот порача дека нема да дозволи какви било уцени, закани, притисоци и обиди за саботажи да го нарушат работниот процес на претпријатието и дека ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните. „Безбедноста и сигурноста на вработените во ЈСП и скопјани секогаш е приоритет на претпријатието“, информираат од ЈСП „Скопје“.

Претходно полицијата информираше дека е приведен вработен во ЈСП „Скопје“, по претходна пријава околу 5 часот од ЈСП „Скопје“. „Ј.И. од неговиот меjл на службениот меjл на ЈСП „Скопје“ и на мејловите на сите директори, службите за финансии, правни и други служби во ЈСП ‘Скопје’ со закана дека поради нередовното земање на плата планирал да постави бомба во автобус на ЈСП, која би експлодирала денеска за време на протестите“, соопшти МВР. 

Протести

Ваквиот развој на настаните следи откако вчера имаше најави за протести од страна на синдикатите во ЈСП поради незадоволство од неисплатените плати и тешката финансиска сотојба во која што се наоѓа претпријатието. Скопската градоначалничка Данела Арсовска за колапсот на јавниот превоз ја обвини Владата и локалната самоуправа, коишто не ги подмириле своите обврски кон ЈСП. Рече дека ако треба ќе ги „паркираат автобусите на ЈСП пред Владата и други институции“, со цел тие да ги исплатат долговите кон претпријатието.

Владата демантираше дека должи пари, откако на прес-конференција во просториите на Град Скопје, генералниот секретар на Градот Зоран Глигоров рече дека Министерството за образование има долг кон ЈСП од 120 милиони денари или околу два милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студентите. Дополнително неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари.

По барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за денеска е закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје. Тие предлагаат да се пренаменат средства од буџетот за плати за вработените во ЈСП „Скопје“.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми