1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојавите за бомби- нерешлива енигма за МВР

ДТЗ
15 декември 2022

Речиси два месеци траат тензиите, но и истрагата. Заканите доаѓаат од виртуелни приватни мрежи и тешко се лоцира кој стои зад нив, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

полиција дојави бомби
Дојавите за бомби нерешливи за МВРФотографија: Petr Stojanovski/DW

Речиси два месеци траат тензиите, но и истрагата за лажните дојави за бомби коишто ги празнат македонските училишта, а последниот период места на закани станаа и институциите и министерствата. Сознанијата на надлежните институции се дека заканите најчесто се испратени преку ВПН конекции (виртуелни приватни мрежи) и дека не може да се добие една ИП адреса точно од каде е, туку се појавуваат илјадници ИП адреси во светот. 

„Таму каде што има можност да се утврди, ги утврдуваме. Таков беше случајот со Скопје. Сега сме веќе на пат и многу блиску да се расчисти целиот случај и во општина Кавадарци така што се преземаат сите можни мерки. Секторот за меѓународна полициска соработка е постојано во комуникација, Интерпол, Европол и постојано се работи на овој дел“, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој најавува дека деновиве треба да се одржи состанок на Советот за координација на разузнавачките служби во земјава, на кој ќе бидат разменети информации за дојавите за бомби. 

Расте бројот на закани 

Дојави за бомби и денеска вознемирија поголем број училишта во Скопје и во Куманово. „Направени се сите потребни проверки во осум основни училишта и еден клон, како и во едно средно училиште во Куманово во врска со заканите за поставени експлозивни направи и е утврдено дека станува збор за лажни пријави“, информираат од МВР.

Досега пријави стигнале од 17 основни и 22 средни училишта во Скопје, како и во 8 основни и еден клон на училиште и едно средно училиште во Куманово.

Дојавите се дел од хибридна војна, вели министерот Оливер СпасовскиФотографија: Regierung Nordmazedoniens

Надлежните се децидни дека  нема какви било индиции за нарушување на безбедносната состојба. „Сè што преземаме е пред сè, за да бидат безбедни граѓаните. Инаку, немаме во моментот индиции за било какво нарушување на безбедносната состојба“, вели Спасовски.

Тој е дециден дека дојавите се дел од хибридна војна, а закани добиваат и други земји од регионот.  „Информациите ги споделуваме и со околните земји кои што добиваат вакви закани, Србија во континуитет веќе со години, Црна Гора, Хрватска, Германија, САД, Нов Зеланд на повеќе места во овој период се случува ова и практично и дојавите, односно текстот на пораките е речиси ист“, вели министерот за внатрешни работи. 

Полицијата неодамна поднесе кривична пријава против малолетник поради закани за поставени бомби во четири училишта. 

Нема потреба да се свика Советот за безбедност 

Претседателот Стево Пендаровски смета дека во моментов нема потреба да се свика Советот за безбедност поради честите дојави за поставени бомби во земјата.

Стево Пендаровски смета дека во моментов нема потреба да се свика Советот за безбедност поради честите дојави за поставени бомби во земјата.Фотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

„Постојат два аспекта – кривично правен поради стресот, паниката, стравот што ги предизвикуваат кај децата, родителите, кај сите нас, и таа работа ја тераат надлежните органи. Меѓутоа тоа се ИП адреси кои се најчесто од странство и до кои тешко се доаѓа, како и до луѓето кои ги менаџираат. Јас ве уверувам дека сите надлежни органи се максимално ангажирани и не дозволуваат да има каква било шанса некој да постави експлозивна направа во нашите училишта“, рече Пендаровски. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми