Мицкоски: Сакам да видам Македонец во комитетот во Бугарија
29 мај 2025
Додека нема Македонци во бугарскиот Комитет за малцинствата, нема поместување ни милиметар од нашите позиции, порача премиерот Христијан Мицкоски од собраниска говорница одговарајќи на пратенички прашања во Собранието во однос на уставните измени коишто треба да ги направи земјата, со цел да се забрза патот кон ЕУ.Тој повторно ја повика опозицијата да лобира заедно со владата кај европратениците за да се изгласа извештајот за земјата, кој вклучува засебен многувековен македонски идентитет поврзан со нацијата и со македонскиот јазик.
Каква стратегија ќе креира Владата?
Мицкоски вели дека предизвикот со промена на Уставот за вклучување на дел од македонските сограѓани кои за себе велат дека се припадници на бугарската заедница, за да може да се одржи Втората меѓувладина конференција, го прифатила претходната влада со прифаќање на францускиот предлог. На сегашната влада, според премиерот, и преостанува да прави стратегија како да се надмине тоа без да се дозволат нови барања.
„Како влада кога го имате ова пред вас, седнувате и правите стратегија, и велите дали во оваа игра сме за да се најдеме на стартната рамнина или да ја завршиме трката. Ако гледате државнички и пошироко, тогаш ќе речете што добиваат граѓаните и државата, имајќи предвид дека министерот за надворешни работи на нашиот источен сосед кажа дека ова е само почеток, а не е крај на барањата. Ќе видиме што ќе се случува понатаму. Кога го имате овој факт, тогаш логично е да креирате стратегија за понатаму и како влада креираме стратегија за понатаму“, рече Мицкоски.
Тој вели дека Во Бугарија има Комитет во кој членуваат претставници на малцинствата Роми, Турци и Ерменци. „Зарем ние Македонците кои имаме 14 пресуди во Судот за човекови права во Стразбур, не заслуживме место во тој комитет, а тие заслужија место во нашата Преамбула. Додека не видам таму Македонец кој е дел од тој комитет, а за тоа треба да сите да работиме, нема ни милиметар да мрднам додека сум премиер на оваа влада“, рече Мицкоски.
Прв тест - документот за малцинските права
Тој смета дека документот за малциски права ќе биде првиот тест за тоа како ќе реагира Бугарија. „Од страна на земјите членки на ЕУ треба да биде усвоен документот за малцински права подготвен од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и да видиме како ќе реагира нашиот источен сосед Бугарија“, додава тој.
Но, пред тоа има еден друг вовед, а тоа е Извештајот на известувачот за состојбите тука во Македонија кој во среда ќе се најде пред европските пратеници, каде ќе се зборува за посебниот многувековен македонски идентитет и посебниот македонски јазик кои се поврзани со нацијата, а не територијата на државата.
„Тоа е многу важно затоа што Македонци има насекаде во светот. Ќе видиме како ќе се однесуваат пратениците кои доаѓаат од Бугарија. Од тоа што го имаме како информација и поднесените амандмани не сум оптимист за нивното проевропско однесување, туку прилега повеќе на приликите од Средниот век“, вели Мицкоски.
Според него, во овој извештај стои дека „имаме посебен македонски идентитет различен од нивниот, не после 1945 година, туку векови претходно и македонски јазик„, „И ако тоа не е тоа проблем, еве европските пратеници имаат прилика да гласаат таму, кадешто се гласа со мнозинство, не едногласно. Затоа барам од опозицијата кои се дел од одредени политички семејства кои имаат европратеници да лобираат во насока да се прифати“, вели Мицкоски.
На тој начин, додава премиерот, за прв пат во историјата Европскиот парламент во извештај ќе вклучува засебен многувековен македонски идентитет поврзан со нацијата и со македонскиот јазик чие гласање треба да биде во јули.
Пречките можат да се надминат
Амбасадорот на Италија во Северна Македонија, Паоло Палминтери, верува дека пречките кои во моментов ги имаат Бугарија и Македонија не се толку комплицирани, за да не можат да се надминат.
„Верувам дека европската интегреација понатаму ќе биде во најдобар ред“, изјави Палминтери при посетата на Штип.
Тој посочи деја преговорите не се започнати и се во фаза на застој, но како што рече од друга страна останатите планови си течат во нормален тек. „Како што знаете планот за развој е веќе одобрен, односно кога ќе созреат во иднина, ќе матурираат сите тие односи во врска со пристапувањето на Македонија кон ЕУ, државата веќе ќе биде подготвена целосно да се вклопи во тој европскоинтегративен процес. Италија, се разбира дека се надева северна Македонија да биде целосно интегрирана во рамките на ЕУ во најскоро време“, изјави Палминтери.