1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долгите прсти на Кина: Кажете ѝ на ќерката да пази што прави

Андреа Грунау
20 јули 2024

Информаторите и неформалните „полицајци“ секогаш набљудуваат... Кинеските студенти на универзитетите ширум светот се под постојан надзор на кинеските служби, тврди Амнести интернешенел.

Торонто протести
Протести на антикинеската политика во Торонто (2016)Фотографија: Arindam Shivaani/NurPhoto/picture alliance

Насловот на истражувањето на Амнести интернешенел кажува сè: „Во мојот кампус, се плашам“ е збирка на сведоштва на 32 студенти од Кина и Хонг Конг на универзитетите во западните земји.

На пример, една од интервјуираните студентки сведочи дека во земјата каде што студира (не во Кина) дошла на манифестација по повод комеморацијата на жртвите од 4 јуни, кога во 1989 година во Кина брутално беше задушен протестот кој ќе стане познат како масакр воТјенанмен. 

Таа всушност дошла повеќе од љубопитност отколку поради политички став. Но, секоја прослава на тој ден е строго забранета во Кина, па само неколку часа подоцна татко и ја повикал од Кина.

Полицијата веќе била кај него и му рекла да ѝ каже на ќерката да се држи настрана од какви било манифестации „кои би можеле да го нарушат угледот на Кина во светот“.

Студентката била навистина исплашена. Таа никому не го кажала своето име на настанот, ниту пак познавала некој од учесниците. Но, тие сепак точно знаеле која е таа, од каде потекнува и кои се нејзините родители. Пораката била јасна: Те набљудуваме. Дури и на другата страна на планетата, можеме да дојдеме до тебе.

Најголем број - молчат

Ова истражување го пренесува искуството на 32 студенти и студентки од Кина - 12 од нив студираат во Хонг Конг, а останатите на универзитети во Белгија, Германија, Франција, Велика Британија, Холандија, Швајцарија, Канада и САД.

Бројката можеби изгледа мала во споредба со речиси еден милион Кинези кои студираат на Запад, но Тереза ​​Бергман од Амнести вели дека постои чувство на страв кај сите со кои се обиделе да разговараат.

Тереза ​​БергманФотографија: Sarah Eick

И покрај тоа што Амнести не ни помислувале да ги откријат нивните вистински имиња, многумина воопшто не сакале да зборуваат. Затоа што може да им се случат многу лоши работи, а уште повеќе на нивните семејства во Кина.

„На пример, им се закануваат дека ќе им ги одземат пасошите, ќе добијат отказ, ќе им ги намалат пензиите или ќе го ограничат образованието на другите во семејството, сето тоа доколку членот на нивното семејство кој студира во странство продолжи со неговиот ангажман“, вели Бергман.

Активистката не се сомнева дека властите во Пекинг дознале за нивното истражување и ги „советувале“ кинеските студенти да го одбијат интервјуто.

Бидејќи има многу „опасни“ теми, од масакрот во Тјенанмен до протести против кинеската политика за време на пандемијата, до политиките кон Хонг Конг, Тибет или Ујгурите.

Тоа не е прво истражување од ваков вид: Хјуман рајтс воч објави докази пред три години дека кинеските студенти во Австралијабиле следени и им се заканувале.

Пред две години, организацијата Сејфгард дефендер извести дека Кина практично има полициски станици во странство, односно полицајци чија единствена задача е да ги надгледуваат сонародниците во таа земја.

Полицајци во странство

Амнести побара коментар и од кинеските власти, но тие го игнорираа барањето, вели Тереза ​​Бергман. Само од Хонг Конг до Канцеларијата на Амнести стигнал некаков вид на демант.

Но, активистите не веруваат на ниту еден збор: еден студент кој учествувал на протестот пред кинеската амбасада во Германија е убеден дека непознати лица го следеле додека не успеал да им побегне во метрото.

Тврдат и дека неколку земји знаат дека на нивна територија има лица со кинеско државјанство со чудни овластувања, но законски тешко е да се направи нешто против таквите „полицајци во странство“.

Посебен проблем е комуникацијата меѓу учениците и нивните роднини во татковината. Телефоните и особено популарната платформа WeChat во Кина се очигледно под надзор на кинеските власти.

Бергман вели дека некои од соговорниците практично целосно ги прекинале контактите со семејствата за да не се доведат во опасност себеси и нив доколку „кажат нешто погрешно“. Околу половина од испитаниците се плашат да се вратат во татковината, шестмина веќе решиле да побараат азил во земјата каде што студираат.

Она што им отежнува на студентите од Кина е тоа што универзитетите, па дури и државните служби на земјите каде што студираат, воопшто не ги разбираат размерите на политиката на заплашување. Затоа некои имаат психолошки проблеми и депресија.

Тие, исто така, не знаат дали можат да веруваат некому - особено не на нивните колеги од татковината. Бидејќи, како и во секоја тоталитарна држава, дури и должност на сите е да ги пријават до властите сите лица со „сомнителни“ ставови. Дури и Хонг Конг неодамна воведе телефон каде анонимно може да се пријават „непријатели на државата“.

Барања за амнестија

Организацијата за човекови права бара од Кина да ја прекине репресијата, но бара и универзитетите каде што студираат кинески студенти да посветат поголемо внимание на проблемот.

Амнести контактираше со 55 универзитети во западните земји и 24 од нив одговориле. Има знаци дека се забележува овој проблем, вели Бергман, но тоа не е доволно.

На загрозените студенти им е потребно разбирање од професорите, а честопати и психолошка помош, советување, па дури и финансиска помош доколку нивната родна земја не им дава поддршка.

Претседателката на германскиот огранок на Амнести, Јулија Духров, смета дека земјите во кои живеат студентите треба да преземат нешто. „Германија е должна да ги заштити странските студенти во оваа земја“, посочува Духров и бара од Берлин конкретни мерки за намалување на стравот на студентите од Кина.

„Сите ние се обидуваме постепено да уживаме во нашата тешко стекната слобода“, вели еден од учесниците во истражувањето. Но, тој сака да се врати во Кина. „Ќе се фокусирам на прашањето за човековите права и се надевам дека мојата земја ќе се промени на подобро“.

Во подготовка на текстот соработуваше уредничкиот тим на DW на кинески јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми